1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харизмата на љубовта на Ратка Димитрова

31 август 2020

Ратка Димитрова беше вруток од енергија, од стремеж и сила, од вдахновение  и визионерство. Македонија ја гледаше како голема фамилија. И покрај сите македонски трауми, таа беше оптимист за македонската држава.

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Харизмата, велат богословите, е дарба за љубов. Ратка Димитрова, која вчера ненадејно почина, обединуваше во себе две дарби на љубовта. Љубовта за  уметноста на виолината, која е еден од најсуптилните музички инструменти. Затоа што бара благост и нежност, мерка и контрола, вештина која се раѓа само со голема дисциплина. Сето тоа го поседуваше виолинистката  и професорка Ратка Димитрова. Таа дарба кај неа беше  во симбиоза со  ретката дарба на големите жени во историјата. Ратка беше вруток од енергија, од стремеж и сила, од вдахновение  и визионерство. Да не беше родена во малечката Македонија, туку во Германија, таа  со таква харизма и енергија ќе можеше да стане врвна политичарка. Од неа постојано зрачеше живост и радост. На сите фотографии таа има срдечна насмевка на луѓе што  се радуваат  на животот, што се жедни за живот. Така изгледаше и на  најновата фотографија, што ја постави на својот профил во Фејсбук пред една недела. Сета е во светлина и радост! Тој блесок  на нејзиниот лик, кој  го создаваше нејзината несекојдневно убава насмевка, правеше таа секогаш да изгледа младолико.

Дарба на силните македонски жени

Затоа што го сакаше творештвото,  умот и науката, таа  се восхитуваше на  даровитите луѓе. Ратка  имаше жар не само за творечки и уметнички, туку и за  практични, домаќински цели. За такви ги сметаше и  политиката и   водењето на државата. Меѓутоа, вистинската тајна на сите нејзини дарби беше нејзината целосна посветеност на фамилијата. Нејзиното сидро  беше фамилијата, а таа самата беше  срцето на фамилијата Димитрови. Токму тоа фасцинираше кај Ратка. Таа во себе ја носеше и музиката на Моцарт и дарбата на силните македонски жени. Таа на нашите баби и прабаби, нашите мајки, кои не се плашеа од премрежиња и пресврти. Кои во критичните моменти  стануваа уште посилни. Затоа не беше чудно што една суптилна виолинистка како Ратка,  беше член  во првиот парламент на самостојна Македонија. Кога еднаш ја прашав што  беше нејзиниот мотив да влезе во политиката, таа имаше јасен одговор. „Сакав да помогнам да си ја изградиме државата!" Македонија ја гледаше како голема фамилија. Ја болеа нејзините трагедии и маки. И покрај сите македонски трауми, таа беше оптимист за македонската држава. И не е чудно зошто при спонтаната прослава по прогласувањето на самостојноста, токму таа го водела орото и го  веела македонското знаме! Нејзината радост дека има конечно слободна македонска држава веројатно била најсилна. Ратка никогаш не ја заборави таа радост. Затоа ја болеше актуелниот длабок расцеп меѓу Македонците. Како да заборавиле дека држава не се гради со омраза, туку со самопрегор и единство.

Ја знаев  Ратка Димитрова како име уште кога бев студентка по филозофија во Скопје. Нејзините концерти како виолинистка беа легендарни. Секој што го следеше музичкиот живот, и‘ се восхитуваше. Потоа станав асистентка на Филозофскиот факултет. Димитар Димитров, нејзиниот маж, ми беше колега на катедрата. Две години бев негова асистентка по предметот музичка естетика. Доцните седумдесетти беа  најубавите, најинтересните години во скопскиот културен живот. Новата Музичка академија беше не само восхитувачки  модерен објект, туку и жариште на  богато музичко творештво. Таму Димитар ги држеше предавањата, јас семинарските вежби со студентите. Во таа зграда, настан беше на  крајот на годината да се присуствува на некој дипломски концерт. И токму во тој амбиент ја видов првпат виолинистката Ратка. Фасцинираше нејзиниот вроден шарм и  вкус.  Често ја здогледував  како чекори со високите штикли и костумите  во стилот на Шанел по ходниците на академијата, небаре не ја допира земјата. Постојано од неа зрачеше шарм и животна радост. Ратка беше една од најубавите, најелегантните жени во  малечката скопска културна сцена.

Неверојатен оптимист

По долги години, се сретнавме  првпат лично пред година и пол, во  еден  не многу топол ноемвриски ден. Знаеше дека сум во Скопје и посака да се видиме, откако го прочита мојот роман „Земја на бегалци“. Останавме во разговор  шест часа! Изгубивме чувство за времето. Од толку желба да си раскажеме се‘ за себеси, заборавивме да јадеме. Испивме само едно кафе и минерална вода. Тогаш ја доживеав одблизу нејзината особена харизма. Големината на уметниците се мери со нивната способност да се радуваат за делото на друг уметник. Ратка ја поседуваше таа големина. Ми говореше за мојот роман „Земја на бегалци“ плачејќи. Како што го читала, како што и јас го пишував. Во „егејската тема“ гледаше една од  големите трагедии на македонската историја. Како сите музичари, таа имаше суптилно чувство за стилот и ритамот, за композицијата на делото. Ратка беше  најсензибилниот читател на мојот роман „Земја на бегалци“. Не морав да и‘ ги откривам шифрите во формата на романот. Таа веќе ги имаше разгатнато, затоа што имаше  префинет музички осет.

Други колумни од авторката

„Филозофскиот брод“- Ноевата арка на руската интелигенција

„Индустрокултура“ – паркови и фабрики, споменици на културата

Чеховска меланхолија за Македонија

Преспа како место за паметење на сите балкански бегалци

Ми раскажа дека сиот живот се трудела, во Македонија да ги пренесе  културните вредности, кои ги беше запознала во Љубљана, на средното музичко училиште, и во Москва, на конзерваториумот. Се восхитуваше на односот на Словенците кон својата земја. Ми раскажуваше за среќата, како петнаесетгодишна  ученичка по музика, да живее под кирија во домот на  големи словенски интелектуалци и уметници. Од нив ја учела дисциплината во студиите по виолина. Тие, пак, биле образовани во  духот на германската култура. Тој дух го имаше преземено и  Ратка  како свој идеал. И веруваше дека  високи вредности може да  остварат и Македонците. Со мудрост и ум, со многу работа и  посветеност.  Беше неверојатен оптимист, иако  беше свесна за сложената македонска историја „Ние, Македонците, ништо не сме добиле лесно“, рече во еден миг. Таа беше од тој сој луѓе, кои никогаш не се предаваат. Кои и во  тешките состојби, го истакнуваат доброто, колку и да е кревко во однос на злото.

 Колку е малечко Скопје, кое е речиси цела Македонија, покажува фактот што секој  од најистакнатите личности од јавниот и политичкиот живот, ние, Македонците, ги викаме на име. И секој знае за кого се работи кога некој зборува за Киро, за Бранко, за Крсте, за Горан, за Огнен, за Гане, за Блаже. Затоа, секогаш кога и во иднина ќе ја спомене Ратка, сите ќе знаат дека тоа е единствената Ратка Димитрова! За мене, замината од Македонија  пред четири  децении, Македонија се мојата и генерациите малку постари од мене. Како Ратка Димитрова, како Тања Урошевиќ, како Лиле Дирјан, како Горан Стефановски, како Стефан Сидовски. Тие беа светот од кој потекнувам. И Ратка Димитрова е скапоцен дел    од мојата, многу лична Македонија.

И како што секогаш се случува, некои нешта ги  разбираме дури откога луѓето си заминале во вечноста. Денес, кога слушнав за нејзината смрт, сето време ми доаѓаше на ум една загадочна слика  при нашата последна средба. Додека седевме во ресторанот на кејот на Вардар, спроти зградата на МНР,  пред да  зајде сонцето и да се спушти самракот,  почна да дува силен ветер. На небото врз Скопје, спроти Водно,  се појави  една огромна купола. А на нејзиниот врв силно се вееше  уште поголемо македонско знаме. Прво јас ја забележав куполата на небото. Почнав да се прашувам дали само јас ја гледам. Ја прашав Ратка дали  и таа гледа на небото купола со знамето. Да, и таа ја  видела. Пред да почнеме да бараме мистичост во појавата, ги прашавме младите луѓе на соседната маса. Тие многу спокојно  ни рекоа дека тоа е само отслик на  небото на куполата од МНР, на која се вееше македонското знаме. Се насмеавме и двете на рационалното објаснување на младите. Јас, сепак, продолжив да се џагорам во  неверојатната слика, која беше моќна симболика: македонското знаме, силно развеано  на  небото! Ми се чинеше дека некој ми кажува, дека македонската држава ќе опстане. Кога денес прочитав дека на прославата на прогласувањето на самостојноста на македонската држава токму Ратка Димитрова го водела орото со македонското знаме в  рака, знаев дека и тоа знаме на небото беше   „шифра“  која ја разбираат само тие што ја познаваат  љубовта на Ратка за македонската држава. Како што исто верувам дека таа,  кога го водела орото со знамето в рака,  навистина се чувствувала  „како да  не оди по земја“. Така ја доживеав и кога ја видов  првпат во Музичката  академија. Млада и полна со живот, како  да лебдеше над земјата.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми