1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Статус кво за Македонија не е одржлив

24 јануари 2012

Во Комисијата за надворешни работи на ЕП доминираше барањето за брз почеток на преговорите со Македонија. Европратениците постигнаа компромисни решенија за амандманските измени на резолуцијата за напредокот на Македонија

На самиот почеток од амандманската расправа, која повеќе наликуваше на политичка дискусија, предлагачот на резолуцијата Ричард Хауит нагласи дека тој добронамерно сакал да биде позитивен во пристапот и оценувањето на земјата. Затоа тој користи позитивни формулации, како поздравувањето на извештајот на Светска банка за Македонија, оценката на Транспаренси интернешнл, и резултатот на кошаркарите, што според него треба да стои во резолуцијата.

Истакнувањето на позитивните аспекти од напредокот на земјата, според Хауит дозволува да се испратат и да бидат слушнати поостри критики и барања за продолжување на реформите во судството, слободата на печатот, децентрализацијата, дискриминацијата како и охрабрување за одржување на попис на населението, правата на малцинствата.

Потребно е да се почитува македонскиот идентитет

Британскиот европратеник посебно инсистираше на употребата на името на земјата во официјалните документи на ЕУ. Референцата е правна обврска која произлегува од ООН, Хауит го бранеше компромисот на Мешовитиот комитет од Скопје за употребата на придавката македонски за јазикот, културата, идентитетот, со што ЕП би признал дека нејзиното неупотребување предизвикало негативна рекација кај Македонците.

Хауит тука доби силна поддршка од европратениците од Словенија Јелко Кацин и Алојз Петрле. „Доаѓам од Поранешната југословенска република Словенија, Словенија ја призна Македонија под нејзиното изворно суверено избрано име. Кога беше во Југославија тоа не преставуваше проблем за никого. Секој од нас има свој идентитет и во согласност со нашиот поглед за идентитетот, ние треба да ги почитуваме основните вредности и начела и секој идентитет“, нагласи Петрле.

Да не се игнорира пресудата на Судот од Хаг

Германскиот европратеник Бернт Поселт побара да не се игнорира Времениот договор меѓу Македонија и Грција, исто како и пресудата на Меѓународниот суд.

„Не треба да се игнорира Времената спогодба, таа треба да се спроведува. Цело време повторувавме дека треба да се сочека пресудата на Судот од Хаг, сега ја имаме таа пресуда и повторно треба да се чека, не знам што треба да се чека. Ако пресудата беше поинаква немаше да чекаме, затоа сум скептичен кон оваа ситуација.“ Во насока на дискусијата на Поселт се приклучи и британецот Чарлс Танок, додека европратеничките Николај и Марије Корнелисен бараат почитување на пресудата и таа да послужи како основа за преговори.

Хауит тука повика да се следи пресудта од Хаг и двете страни да не провоцираат, што не го направија по донесувањето на пресудата, а европратениците да покажат слична дисциплина. Тој сака да има поконструктивно однесување, освен само обвинување во развивање на односите меѓу двете земји.

Обвинувања за „пропаганда“ и барања за добрососедски односи

Грчките европратеници, демонстрирајќи конструктивност ја обвинија Македонија за провокации и пропаганда.

„Оваа држава се обидува да создаде лажен идентитет, историја и која се потпира на пропаганда за нивниот идентитет. Не е проблем името на државата туку лагите кои постојано произлегуваат од таа пропаганда. Властите на земјата треба да преземат нешто затоа што нивната пропаганда отиде предалеку“, рече Маријета Јанаку.

Бугарските европратеници исто така со старите барања: бугарското малцинство во Македонија слободно да може да се изјасни и добрососедски односи од Македонија.

„Силно се надевам дека нашите соседи од Македонија ќе успеат да го надминат влијанието од минатото и ќе го изберат конструктивниот начин на изградба на односите со соседите“, рече Андреј Ковачев.

Решение според словенечко-хрватскиот модел

Ланскиот известувач за Македонија, Кристијан Вигенин на крајот констатира дека: „Нормално е што името се наоѓа во центарот на расправата, бидејќи без разлика што ќе направиме тоа прашање не спречува да постигнеме напредок“.

Тој смета дека не смее да се биде заложеник на билатерално прашање кое ја става во прашање стабилноста на земјата и регионот. Притоа бугарскиот европратеник предлага преодно решение кое ќе ја ангажира Македонија на патот на европската интеграција. Словенечкиот европратеник Петрле тука го посочи словенечко-хрватскиот модел на решавање на билатералните спорови.

И покрај разликите меѓу европратениците по многу прашања за Македонија, тие успејаа од 164 амандмани да преточат шеесетина од нив во 21 компромисен амандман, ова со цел како што рече предлагачот на резолуцијата Ричард Хауит: „Важно е ние (Комисијата за надворешни работи, н.з.) и Парламентот при гласањето на резолуцијата да кажеме дека статус кво не може повеќе да трае.“

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент денеска ја усвои финалната веризија на предлог резолуцијата за Македонија со широко мнозинство, откако по получасoвно електронско гласање тие извршија околу 60 амандмански промени на текстот предложен од британскиот европратеник Ричард Хауит.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми