1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хашим Тачи- проблематичен гостин во Берлин

Бахри Цани
9 мај 2018

Косовскиот претседател Хашим Тачи за првпат од преземањето на функцијата ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел. Тоа нема да биде едноставна средба поради неговото минато

Hashim Thaci, Präsident Kosovo Und bahri cani
Фотографија: DW/Bahri Cani

Германија е за Косовците најсилниот политички, воен и финансиски помагач- после САД. Берлин е еден од главните спонзори на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а германската канцеларка Меркел повеќе од една деценија и лично го познава косовскиот претседател Тачи. Но, тој досега само еден единствен пат, како дел од делегацијата на претседателот Иса Мустафа, беше кај канцеларката и еднаш и беше домаќин во Приштина.
Хашим Тачи е повеќе од 20 години најважен политичар во Косово. Многу Косовци во него гледаат херој, не само поради неговата улога во отпорот кон Србија, туку и затоа што како премиер на 17 февруари 2008 година ја прогласи независноста на Косово.
Но, ветувањето на Тачи дека Косово „многу брзо“ ќе го признаат сите светски држави и дека ќе стане членка на ОН, сѐ уште не е остварено, иако во меѓувреме Косово го признаа 115 држави.
Во меѓувреме, расте и незадоволството на граѓаните во земјата од неговото владеење. Тачи не успеа да собере доволно гласови за членство во ОН, Унеско и Интерпол. Косово е најсиромашната земја во Европа, со стапка на невработеност поголема од 30 проценти. Во актуелната влада, најмалку пет министри се осомничени за корупција, а земјата тоне во организиран криминал. Критичарите на Тачи тврдат дека тој е „кум“ на илегалните махинации на Косово.
До „судирот“ меѓу Тачи и германската политика дојде во 2005 година кога германската тајна служба БНД објави извештај во кој актуелниот косовски претседател се означува како „една од клучните фигури“ која ги поврзува организираниот криминал и политиката на Косово. Извештајот наведува дека Тачи има „директни контакти со организираниот криминал во Чешка и Албанија“ и дека бил „вмешан во сеопфатни зделки со дрога и оружје“.
Уште потешко обвинувања уследија во 2010 година. По двегодишна истрага на Советот на Европа која ја предводеше Швајцарецот Дик Марти, Тачи и други членови на ОВК се обвинети за вмешаност во трговија со органи и други воени злосторства. Тие обвинувања требаше да ги истражи и Специјалниот суд во Хаг. Но досега нема обвинение. Прашање е дали Тачи ќе биде обвинет за воени злосторства- но сомнежите остануваат. Тие не би требало да фрлат сенка врз разговорите на Тачи со канцеларката Меркел. Неговата главна цел во Берлин е да обезбеди визна либерализација за сограѓаните на Косово.

Меркел и Тачи во Приштина во декември 2011 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми