1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Хаг потврди - доживотен затвор за Ратко Младиќ

Џевад Сабљаковиќ
8 јуни 2021

Денеска му беше изречена правосилната пресуда на Ратко Младиќ, со што се стави крај на еден долг процес. Тој е осуден за геноцид и злосторства против човештвото.

Serbien | ehemaliger General Ratko Mladic
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/Guyot

Хашкиот суд ја потврди доживотната казна затвор за поранешниот воен командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, откако ги одби сите негови жалби. Тој е осуден за геноцид и злосторства против човештвото извршени над несрпското население за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година.

Судот смета дека Младиќ учествувал во здружен злосторнички потфат, дека опсадата на Сараево била тероризирање на тамошното население и дека разместувањето на цивилното население на Сребреница било присилно. Младиќ е во притворот во Шевенинген од 31 мај 2011 година, откако српските власти го уапсија во близина на Зрењанин.

Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, познат и како Хашки трибунал, во ноември 2017 првостепено го осуди Младиќ на доживотна казна затвор поради геноцид во Сребреница во летото 1995 година, прогон на Бошњаците и Хрватите ширум Босна и Херцеговина, тероризирање на цивилите при опсадата на Сараево и земање како заложници на припадниците на мировната мисија на Обединетите нации.
Тоа беше последната првостепена пресуда на Трибуналот, а денешната жалбена пресуда е првата која ја изрекува неговиот наследник- Механизмот.

Втор геноцид

Со првостепената пресуда Младиќ е прогласен за виновен за десет од 11 точки на обвинението. Единствено е ослободен од вина за геноцид во општините Приједор, Сански Мост, Кључ, Котор Варош, Фоча и Власеница во 1992 година. На пресудата се жалеа и одбраната и Обвинителството. Одбраната бараше ослободителна пресуда, додека обвинителството сметаше дека првостепениот совет погрешил кога го ослободил Младиќ за обвинението за геноцид и во западна Босна.
Одбраната тврдеше дека обвинителството не ја докажало вината на Младиќ по ниту една точка од обвинението и дека Жалбениот совет треба да утврди дали доказите во првостепената постапка се така недвосмислени за да се оправда казната доживотен затвор. Одбраната бараше Младиќ да биде ослободен, да му се суди повторно или значително да му се намали казната.

Највисока казна за „балканскиот касап“

01:10

This browser does not support the video element.

Младиќ: „Не сум светец“

Младиќ последен пат се појави во судницата во Хаг во август минатата година, на расправата за жалбите на првостепената пресуда. Во таа прилика рече дека „не е светец, туку обичен човек“ и дека „чесно работел и во војна и во мир, во согласност со законите“.
Првото обвинение против Младиќ во Хашкиот трибунал беше подигнато во ноември 1995 година. Но обвинетиот беше во бегство и се криеше се до мај 2011, кога српските власти го уапсија во Лазарево кај Зрењанин и го израчија во Хаг.
Судењето започна во 2012 и траеше 530 дена. Првостепениот совет со кој претседаваше судијата Алфонс Ори го осуди на доживотен затвор. Зборувајќи за точката на обвинението во која Младиќ се товари за геноцид во Сребреница, судијата Ори рече дека „Советот констатирал дека припадниците на Војската на Република Српска имале намера да ги уништат босанските муслимани кои биле дел од заштитена група“.
Хашкиот трибунал престана да постои на крајот на 2017 година, а неговите надлежности и преостанатите судења ги презеде Механизмот за меѓународните кривични судови. Од таа инстанца беше изречена и дефинитивната правосилна пресуда на поранешниот командант на Главниот штаб на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ.

Радост во БиХ по пресудата за Младиќ во 2017 годинаФотографија: Reuters/D. Ruvic


 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми