1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл:Сите осомничени во прислушкувањето мора да одговараат

Аделхајд Фаљке27 мај 2016

Во интервју за ДВ, германскиот пратеник Хајндл вели дека решението на кризата во Македонија е во Договорот од Пржино. Аболицијата мора да се повлече, а виновниците да одговараат. Со него разговараше Аделхајд Фаљке

Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Македонија веќе долго време е во кризна состојба. Протестите не престануваат и покрај откажувањето на изборите од 5 јуни. Повод за протестите беше амнестијата на Иванов, но незадоволството на граѓаните покажува една длабока недоверба. Кои се причините за кризата?
Причините се повеќекратни. Тука доаѓаат до израз многу нешта. Но клучно сега е да се најде излез од кризата. И токму поради тоа ЕУ и Германија го следат актуелниот развој со толку голема загриженост. Сакаме да и помогнеме на земјата да излезе од кризата, но патот мора самата да го изоди, и тоа значи дека сите политички актери мораат заеднички да работат и во прв план да ги стават интересите на својата земја.

Кои се клучните точки на судирот?
Станува збор за имплементацијата на централните елементи на Договорот од Пржино. Но тука, за жал, има несогласување меѓу политичките актери - и покрај тоа што тие го ставија својот потпис под овој Договор. А она што го наведува овој Договор е јасно. Оние, кои се осомничени во врска со скандалот со прислушувањето, треба кривично-правно да бидат повикани на одговорност. Со таа цел партиите и се согласија да се формира Специјално јавно обвинителство. СЈО треба без пречки и со целосна поддршка од македонските институции да може да ја извршува својата работа.
Априлската амнестија за политичарите од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов ги поткопува овие напори и не е во согласност со Договорот од Пржино. Затоа мора итно да се најде решение кое ќе овозможи кривичен прогон. Понатаму, мора да има нови фер и слободни избори според меѓународни стандарди, и за тоа мора да бидат исполнети соодветните услови, на пример да се прочистат избирачките списоци, да се обезбеди независност и неутралност на медиумите и еднаков пристап во нив за сите политички сили.

Иванов мора да ја повлече аболицијата.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Може ли тоа да се реализира со актуелната влада, или ќе биде потребна нова техничка влада како меѓурешение?
Договорот од Пржино го дава одговорот на тоа прашање. „Духот“ на Договорот од Пржино и во оваа ситуација мора да се одржи, а тоа значи: Владата мора да биде така составена што ќе создаде предуслови за одржување на фер и слободни избори, како и одлучно спроведување на договорените реформи.

Македонија има еден латентен потенцијал за етнички конфликт- и токму тука многумина ја гледаат најголемата опасност за земјата. Како добар познавач на земјата и на регионот, како ја проценувате таа опасност?
Не треба да се мешаат работите, и треба да се избегнува сѐ што би можело да ги подгрее меѓу-етничките тензии. Во тој контекст, ми се чини дека е многу важно земјата што побрзо да се врати на патот на евро-атлантските интеграции.


Централното барање на граѓанските организации мора да се реализира.Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Преговарате со власта и со опозицијата. Зошто во преговорите не е вклучено и граѓанското општество?
Ние сме во контакт со граѓанското општество. Но: оние, кои го ставија својот потпис под Договорот од Пржино, ја сносат одговорноста за неговото спроведување. Нивна обврска е да го форсираат централното барање на граѓанското општество, имено, врз основа на Договорот од Пржино да се организираат фер и слободни избори на кои граѓаните слободно ќе можат ја артикулираат својата волја.

Кои се можните приоди за изнаоѓање решение за кризата?
Решенијата произлегуваат од Договорот од Пржино, кој дава јасни параметри за кои партиите се обврзаа минатото лето.

Германија, односно државниот министер Рот, искажа екстремна загриженост за состојбата во Македонија. Од друга страна, во Македонија расте незадоволството од улогата која досега ја играше ЕУ. Зошто Германија настапува со појасни позиции во тој поглед?
Германија се чувствува на многу посебен начин поврзана со Македонија. Уште од почетокот ние со посебна нагласка се заложивме за нејзината стабилност и за нејзината евро-атлантска иднина. И токму затоа со толку голема загриженост го следиме актуелниот развој: оти сега се става на коцка евро-атлантската перспектива. Сакаме да помогнеме. Тоа е причината што министерот за надворешни работи Штајнмајер ме именува за негов специјален пратеник.

Рокот за спроведување на Договорот од Пржино е наесен. Јоханес Хајндл.Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Со недели наназад се слушаат неофицијални закани за санкции. Зошто зборовите досега не беа претворени дела, иако владејачките партии не се помрднуваат од своите позиции?
Тука со задоволство би ви противречел. Уследија многу дела. ЕУ, САД, но и земји-членки на ЕУ како Германија се трудат со сите сили да ѝ помогнат на земјата да излезе од кризата. Јас сум убеден дека нашите македонски партнери ќе најдат пат кој ќе ја врати земјата на евро-атлантската патека. Доколку овој пат биде блокиран од поедини политичари, тоа се разбира би имало сериозни негативни последици.

Во тој контекст, можеме ли да зборуваме за некаква временска рамка. Државниот министер Рот јасно порача дека трпението е при крај...
Следниот извештај во кој Европската Комисија ја оценува способноста на земјата да започне преговори за членство со ЕУ ќе биде објавен наесен. Од тој аспект, времето е навистина кусо. Но, тоа е и доволно долго, за да се постигне потребниот напредок - под услов веднаш, без натамошно одлагање, да се започне со потребните реформи. И ние сме, како што реков, подготвени да помогнеме.

Интервју со Хајндл е водено во писмена форма преку електронска пошта.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми