1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ХДЗ во опозиција, „Кукурику“ на власт

5 декември 2011

Опозиционата коалиција на левиот центар „Кукурику“ освои 77 мандати во хрватскиот парламент на вчерашните (04.11) избори, покажуваат првичните резултати од Државната изборна комисија, објавени на полноќ.

Лидерите на партиите од победничката коалиција „Кукурику“Фотографија: picture-alliance/dpa

Според истите податоци, Хрватската демократска заедница на премиерката Јадранка Косор освои 47 пратенички места. До објавувањето на конечните резултати може да се промени бројот на пратеничките места, но извесно е дека партијата на Косор е поразена и коалицијата „Кукурику“ ќе ја формира новата влада. За формирање нова влада се потребни 76 пратеници.

Лидерот на коалицијата „Кукурику“, Зоран Милановиќ, при објавувањето на победата вети дека нема да ги разочара хрватските граѓани и нагласи дека довербата доделена од хрватските граѓани претставува огромна одговорност.

„Работата треба да почне. Кога ќе влеземе во ЕУ ќе се соочиме со голем предизвик, предизвик да се докажеме како мала, но отворена земја, шанса да бидеме успешни и да развиеме самопочит“, рече Милановиќ.

Зоран Милановиќ, лидер на Социјалдемократската партија, најсилната партија во коалицијата „Кукурику“,Фотографија: dapd

Лабуристи и свештеници во новиот парламент

Како најголемо изненадување на вчерашните избори во Хрватска е појавувањето во хрватскиот парламент на седуммина пратеници од партијата на Хрватските лабуристи, како и двајцата пратеници од листата на пензионираниот свештеник, дон Иван Грубишиќ.

Резултатите го покажуваат гневот на хрватските граѓани кон корупцијата и високата невработеност во земјата, која е следна за прием во ЕУ.

„Дури и во опозиција, ќе продолжиме да и‘ служиме на Хрватска. Тие не не’ ставија на колена“, рече лидерката на конзервативната ХДЗ и актуелна премиерка, Јадранка Косор.

Премиерката Јадранка Косор и нејзината ХДЗ ја напуштаат властаФотографија: dapd

Земјата е само една од долгиот список на земји во кои годинава имаше губење на поддршката за оние на власт, поради должничката криза и невработеноста.

„Тренд во Европа е гласачите да гласаат против оние кои се на власт. Истото се случи и во Хрватска“, забележува политичкиот аналитичар Славен Летица.

Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ им честиташе на победниците велејќи дека „е очигледно дека Хрватска се врти на лево“.

Право на глас на вчерашните избори имаа 4,1 милион жители на Хрватска, како и уште околу 400 000 хрватски државјани во странство, од кои најголем дел во Босна и Херцеговина. Тие гласаа за 151 член во Саборот.

Автор: Александар Методијев / бета/ афп / ап

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми