ХДЗ под истрага поради „црни фондови“
27 октомври 2011Истрагата против ХДЗ била отворена пред два дена. УСКОК ги сомничи ХДЗ како правен субјект и поединци од партијата за проневера на околу 4 милиони евра. Меѓу осомничените се поранешниот партиски шеф и премиер Иво Санадер, шефицата на партиското книговодство Бранка Павошевиќ, поранешниот генерален секретар Иван Јарњак, како и експортпаролот Ратко Мачек.
Обвиненијата се однесуваат на финансирањето на ХДЗ од изборната кампања во 2003. година, преку претседателската кампања на Јадранка Косор во 2005., како и финансирањето на партијата на последните парламентарни избори во 2007 година. Актуелниот премиер и партиски претседател, Косор не е на листата на осомничени.
Според информации на хрватските медиуми, случајот се темели на искази на дел од осомничените, благајничката Павошевиќ, но и на сопственичката на фирмата Фими Медија, Невенка Јурак, која од претходно е под истрага поради корупцискиот скандал за кој беше уапсен Санадер.
Најтежок момент за ХДЗ
„Ова е многу тежок момент во историјата на нашата партија. Најтешкиот! Но, ова нема ни за момент да ја разниша нашата борба против корупцијата и криминалот. Ние сме единствената партија која започна таква борба и имам впечаток дека тоа сега ни се враќа како бумеранг“, изјави Јадранка Косор на денешната прес-конференција.
Според медиумските извештаи, споменатите 4 милиони евра, за кои се води истрагата, им биле исплатени на партиски функционери и вработени во ХДЗ. Поголемиот дел од парите дошле од државни фирми или приватни донатори.
Борбата против корупцијата, еден од главните критериуми кој земјата требаше да го исполни на патот кон ЕУ, особено се засили по доаѓањето на Косор на власт во 2009 година. Хрватска ќе стане 28-та членка на ЕУ кон средината на 2013. година, откако годинава успешно беа завршени преговорите за влез.
Тежок предизборен удар
ХДЗ е на власт во Хрватска од прогласувањето на независноста во 1991 година, со исклучок на периодот од 2001 до 2003 кога со земјата раководеше лево-центристичка коалиција на СДП.
До парламентарните избори во Хрватска има уште еден месец, а Косор денеска рече дека иако постои сомневање во изборот на тајмингот на истрагата на УСКОК, сепак таа верува во независноста на државните органи. Рејтингот на ХДЗ во пресрет на гласањето и онака беше доста низок, па аналитичарите веруваат дека истрагата нема да влијае врз изборниот резултат.
„ХДЗ толку заостанува зад опозицијата што секому му е јасно кој ќе победи. Затоа истрагата на јавното обвинителство нема да и предизвика големи штети на рејтингот на партијата“, коментира во денешниот број влијателниот хрватски весник „Јутарњи лист“.
Автор: Борис Георгиевски/ афп /јутарњи лист
Редактор: Александра Трајковска