1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хелмут Шмит - бескомпромисен на зборови и дела

Жанет Зајферт/БГ10 ноември 2015

Германците го почитуваа како канцелар и мудар државник. Во меѓународни кругови уживаше голем углед поради својата економско-политичка компетенција. Поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит почина на 96 возраст .

Фотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

До последен ден остана човек со јасни мисли. И сеедно (или токму поради тоа) беше ценет како ретко кој друг политичар. Во анкетите редовно ја освојуваше титулата најпопуларен политичар меѓу младите генерации - и покрај тоа што беше тврдоглав и непопустлив.

Во екот на европската должничка и финансиска криза, во едно ТВ-интервју новинарите го прашаа што мисли за кризниот менаџмент на канцеларката Ангела Меркел. „Ќе морам долго да размислувам пред да ми падне на памет каков било дипломатски одговор“, им одговори. Хелмут Шмит никогаш не се воздржуваше отворено да каже што мисли, дури и откако се повлече од активната политика многу остро ги критикуваше актуелните случувања. На пример за состојбата во која се наоѓа Германија?: „Германија среде овој мал континент е во поср... состојба“. Политиката на ЕУ кон Украина за него беше „геополитички детски играрии“. Дали е Барак Обама голем претседател?: „Не би го потпишал тоа“.

Преземањето на канцеларската функција во 1974 годинаФотографија: Getty Images/Central Press

Нема компромиси со терористи

Многу Германци со Шмит го поврзуваат сеќавањето на човекот кој есента 1977 година одлучно му се спротивстави на тероризмот на РАФ. Во тој период, нивните акции го достигнаа врвот со киднапирањето на Ханс-Мартин Шлајер - претседател на Здружението на претприемачи, и на авионот на Луфтханза во сомалискиот главен град Могадишу. РАФ на тој начин сакаше да се избори за ослободување на своите членови од германските затвори. Но Шмит не попушти. Напротив, диригираше со извонредно рискантна акција за ослободување на авионот. Шмит беше подготвен веднаш да се повлече од канцеларската функција, доколку има жртви меѓу заложниците. Тоа беше врвот на неговата политичка кариера која започна по Втората светска војна, кога се зачлени во Социјалдемократската партија.

Брз пробив

Уште како шеф на полицијата во својот роден Хамбург, тој стекна углед на способен кризен менаџер. Откако во 1962 година Хамбург беше погоден од катастрофални поплави, Шмит брзо и одлучно на терен ја испрати армијата. Следуваше и брз пробив на политичките скалила на сојузно ниво. Во 1964, Шмит прво стана шеф на пратеничкиот клуб на СПД. По формирањето на првата коалиција меѓу СПД и ФДП, тогашниот канцелар Вили Брант во 1969. го именуваше за министер за внатрешни работи.

Откако во 1974 година Брант се повлече од функцијата поради аферата „Гијом“, Шмит беше неговиот логичен наследник. Како што подоцна призна во едно интервју, Шмит од почетокот бил свесен дека тоа нема да биде едноставна задача. „Вили Брант во германскиот народ разбуди неверојатно големи очекувања“. А тие биле невозможно да се исполнат поради нафтената криза во 1973 година и рецесијата која уследи.

Со сопругата Локи ШмитФотографија: picture-alliance/dpa

Иако Шмит не успеа значително да ја подобри економската состојба, во Германија и во странство, делумно и потсмешливо, стекна углед на „светски економист“. Германските гласачи во секој случај му ја даваа довербата во двата изборни циклуси (1976 и 1980).

Односот кон матичната партија СПД низ годините секогаш беше одбележан со судири. Шмит важеше за десен социјалдемократ, кој често знаеше да ги игнорира партиските заклучоци. Особено остра беше конфронтацијата околу стационирањето на нуклеарни ракети на НАТО во Германија кон крајот на 1970-те и почетокот на 80-те години. Уверениот „трансатлантист“, Шмит одлучно заговараше нивно стационирање, а отпорот во партијата и масовните протести ги нарекуваше „наивни“. На оние кои се залагаат за еднострано разоружување наспроти со договор гарантирано обострано разоружување, морам да им порачам дека „историското искуство покажува дека едностраната немоќ во ниту еден случај не ја спречува агресијата на надмоќта“.

Во СПД на крајот го поддржаа овој курс, но позицијата експресно се промени по заминувањето на Шмит од канцеларскиот кабинет во 1982 година. Причината за тоа беше раскинувањето на коалицијата со либералите, кои одлучија да формираат коалиција со ЦДУ/ЦСУ. Тој пресврт значеше темелно преориентирање во економската и социјалната политика. За Шмит тоа беше неприфатливо. „Либералите на овој начин и‘ вртат грб на демократската социјална држава и прифаќање на општество во кое се пробива со лактање“, ќе рече тогаш.

Конгресот на СПД во 1982 годинаФотографија: picture alliance / Klaus Rose

Странец во сопствената партија

Една година подоцна (1983) Шмит се повлекува од политичката сцена, и стана ко-издавач на неделникот „Ди цајт“, а ширум светот држи предавања за политички и економски теми. Го избегнуваше новото раководство на СПД. Само во ретки прилики, како во 1998 година, за Герхард Шредер прифати да настапи на предизборни собири. Ретко ги коментираше и партиските кадровски решенија сѐ до 2011 година, кога својот шаховски партнер Пер Штајнбрик го поддржа како кандидат за канцелар.

Кусо потоа, на партискиот конгрес на СПД во Берлин, за првпат по 12 години одржа впечатлив говор. И покрај тоа што беше странец во сопствената партија, Хелмут Шмит до својата смрт остана ангажиран социјалдемократ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми