Хеловин - празник на светлечките тикви и грдите маски
ЕМФ / дв
31 октомври 2016
Светот е во Хеловин-треска. Празникот кој во САД е омилен, полека ја освојува планетата.
Реклама
Иако Хеловин е еден од најомилените празници во САД, неговите корени се во Европа. Првите докази за обичаите поврзани со Хеловин датираат од 18. век, и тоа во Ирска и Шкотска. Тогаш луѓето на 31 октомври се собирале на вечера пред празникот Духови. Истовремено, децата оделе од куќа до куќа и барале донации.
Ирците, кои на средината од 19. век поради глад ја напуштале татковината, ги пренесле обичаите во САД. Таму празнувањето брзо се проширило.
Светот во Хеловин-треска
01:55
Најпознатиот симбол на Хеловин денес е издлабената осветлена тиква со еден или два заба. Таа упатува на една ирска легенда поврзана со извесен ковач Џек О‘Лантерн. Тој наводно бил пијаница, кој двапати го залажал ѓаволот и за влакно избегал од пеколот. Но, со оглед на тоа што не верувал во господ, не се нашол ниту во рајот. Наместо тоа, ѓаволот му дал светлечко парче јаглен, кое Џек го сокрил во тиква. Оттогаш, ковачот скита низ светот како заталкана светлина.
Култот кон духовите и тиквите, во САД е развиен во вистински бизнис. Во Германија, Хеловин доаѓа преку германската индустрија за играчки. Таа, покрај прометот за Божик, најмногу промет прави во времето на карневалот. Од средината на 90-тите години, во потрага по трет голем извор на финансии, индустријата за играчки се соочува со Хеловин и го форсира неговото воведување во Германија. Оттогаш, Хеловин носи годишни приходи од трицифрени милионски износи, преку продажба на шминка, перики, костуми, тикви, организирани забави, декорации, музика и пијалоци. Од обичајот профитира и индустријата за слатки - според нејзините податоци, по Божик и Велигден, Хеловин е трет најважен настан во годината.
Најчудните фестивали во Европа
На 30 април, луѓе облечени како вештер(к)и ја прославуваат Валпургиската ноќ во германскиот регион Харц. Но, тоа е само еден од многу европски чудни, ексцентрични и прекрасни фестивали.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Германија: Валпургиска ноќ
Вештерките наводно се собирале тука во Харц кон средината на 17. век за да палат огни и „да состанчат со ѓаволот“. Настанот собира илјадници посетители и е раширан на 20 локации околу планините Брокен. Собирно место е Хексентанцплац (Подиумот на вештерките) каде старите германски племиња ги одржувале своите култови.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Wolf
Шпанија: Ла Томатина
Илјадници тони доматна муниција се троши за време на повеќечасовната битка. Туристите, воглавно млади, доаѓаат тука од целиот свет. Популарниот фестивал се одржува во Буњол, во јужна Шпанија. Непишано правило е доматот да се стисне в рака пред да се фрли за да се избегнат повреди. На 31 август следува нова рунда.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.Försterling
Финска: Светска воздушна гитаријада
Кој вели дека ви е потребна гитара за свирење? Од своето деби во 1996, фестивалот на „воздушни“ гитари во Улулу привлекува илјадници посетители. Секој учесник на располагање има една минута да го убеди жирито во своите квалитети. Битна улога игра и гардеробата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Karppanen
Ангпија: Фати го сирењето
Следи го сирењето! Во англискиот округ Глучестершајр, пита локално сирење се пушта по ридот, а учесниците треба да го бркаат. Тоа не е нималку лесно, со оглед што питата честопати достигнува брзина од 110 километри на час. Првиот кој ќе ја мине целната линија го добива сирењето.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Trueba
Шкотска: Хајлендерски игри
Тие вклучуваат сечење дрва, фрлање камења и свирење на гајди, сето тоа се разбира во традиционални шкотски килтови. Игрите започнале како натпревар меѓу ривалските кланови, но сега се одржуваат ширум светот. Најпознатиот настан се одржува во шкотското село Браемар во првата сабота во септември.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Perry
Шпанија: Мерсе фестивал
Необичната традиција која доби специјален статус и од Унеско, можете и сами да ја проследите во септември во Барселона на уличниот фестивал познат како Ла Мерсе. Групи луѓе формираат човечки кули познати како „Кастелс“- колку повисоки толку подобри. Овој каталонски обичај потекнува од 18. век.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Albir
Германија: фрлање чанти
Дури и самата кратенка е интригантна: „HTWWWM„. На македонски би се превела како „светско првенство во далечинско фрлање чанти“, а се одржува во Ботроп во Рурскиот регион. Тимовите можат да бираат меѓу четирите одобрени стилови на фрлање. Покрај далечината, учесниците се оценуваат и според техниката, кореографијата, мејкапот и обувките.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Seidel
Италија: насилен фудбал
Секоја година Пјаца Санта Кроче во Фиренца станува бојно поле. Calcio storico, или историски фудбал, значи дека топката треба да мине низ голот на секој можен начин: удари во глава се забранети, но не и удирање глава в глава, боксови и давење. Мечот трае 50 минути, а играчите носат традиционални дресови од 16. век. Финалето се одржува на 24 јуни.