Хејг: Иран ќе предизвика нова Студена војна
18 февруари 2012Иранските активности за да произведе нуклеарно оружје ќе покренат нова Студена војна во регионот на Блискиот и на Средниот Исток, изјави британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.
Во интервју за „Дејли телеграф“ Хејг предупреди дека нуклеарната програма на Иран ќе создаде и трка во вооружувањето меѓу земјите од тој регион, што ќе влијае за продолжување на некогашното старо ривалство, што постоеше меѓу Западот и поранешниот Советски Сојуз.
Хејг наведе дека Велика Британија не поддржува воена опција, како и воена акција против Иран, ниту поддржува израелски напад врз иранските нуклеарни постројки.
Таквите планови се „целосно погрешни“ наведува шефот на британскиот Форин Офис, иако се согласува дека е „сосема јасно“ оти Иран продолжува интензивно со својата нуклеарна програма.
Според Хејг, доколку Иранците успеат да обезбедат капацитети за производство на нуклеарно оружје тогаш е сосема сигурно да се очекува дека и другите околу него ќе го направат истото, што ќе значи забрзано зголемување на нуклеарното оружје, најголемо откако тоа е измислено. Таквиот развој на работите ќе го дестабилизра регионот и ќе предизвика катастрофални последици за вкупните меѓународни односи.
Иран продолжува да тврди дека неговата нуклеарна програма има мирнодобски цели додека Западот се сомнева дека зад тоа се крие изградбата на капацитети и опрема за изградба на атомска бомба.
Министерот Хејг се согласува дека сега сите опции се отворени, но инсистира дека Велика Британија заговара силен меѓународен притисок и санкции врз Иран, како и со продолжување на преговорите во исто време.
„Велика Британија во овој момент е против идејата на било кого, за напад врз Иран, истакна Хејг за „Дејли телеграф“.
Автор: БГ/миа
Редактор: Ж. Ацеска