1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хиперпродукција на лажна национална историја

4 март 2017

Народите на европската периферија се обидуваат што е можно побргу со имитации да ја надоместат предноста на Западот. Така настанува нова индустрија на кич. Тое е обид на елитата да го сокрие недостатокот на легитимитет.

Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

Балканот е најстара периферија на Европа која се модернизира. А таа периферија веќе еден век практикува културна политика која строго гледано се сведува на производство на кич. Отфрлањето на она што е сопствено како омразено, и присвојување на она што е престижно како странско- на тој принцип во регионот се формирани нациите. Во инструментите спаѓаат бронзени властодржци во седло и советски генерали, барокни оперски куќи и класично ѕидно сликарство, национални митови, национални херои и „миротворни“ национални поети. Во едно неприродно милје, тие увозни културни добра не само што изгледаат туѓо, туку и декоративно: таков е славеничкиот барокен парламент во Тирана (во Албанија, земја со еден до 90-те години од минатиот век главно скромен, парламентарен живот) или монументалната зграда на Грчката народна банка, која инаку постојано балансира на работ на понорот.

Западна Европа како пример

Туристичките народи на европската периферија се обидуваат што побргу со имитации да ја надоместат предноста на Западот. Под мотото: она што го имаат западните Европејци, го имаме и ние и тоа двојно, па дури и трикратно. И ние сме горди нации, и ние сме Европејци, иако всушнот ги презираме сите институции и ја мразиме нашата сопствена интелегенција. Но затоа на сите плоштади ги имаме нашите намуртени јунаци. 

Центарот на СкопјеФотографија: DW/N. Velickovic

Новото време ја комерцијализираше таа индустрија на кич. Наместо да се угледаат на старите херојски примери од Запад, Балканците во последно време се оддадоа на имитација на ниво на поп-култура. Кој во Скопје ќе прошета од старата железничка станица до мостот на Вардар и улицата Македонија на тој простор ќе ја открие можеби најголемата густина на споменици во светот. Стилистиката се движи меѓу Холивуд и Мадам Тисо. На тој начин младата држава сака да се избори за свое место во историјата меѓу љубоморните соседи кои ја сметаат за дел од својата територија.

Балканот и неговите турбо-споменици

На Косово, поранешниот претседател на САД Бил Клинтон доби споменик кој уште и лично и персонално можеше свечено да го отвори. Србите кои го доживеаја лудилото на повеќе војни, стилистички и тематски се повеќе ориентирани кон глобалните херои на поп-културата: селото Жилиште стана светски познато по статуата на Роки од познатиот филм со Силвестер Сталоне. А со статуата на Брус Ли во Мостар во Босна и Херцеговина намерата беше да се врати часовникот назад, во време кога Србите, Хрватите и Бошњаците заедно ги гледаа неговите филмови. По турбо-фолкот и турбо-капитализамот, на Балканот е создаден нов збор: турбо-споменици.

Албанскиот парламент во ТиранаФотографија: DW/A. Muka

Бугарија своето место во натпреварот во кич го бара со масовна изградба на тврдини. Ништо не недостасува: тука се кулите и катапултите, пушкарниците и подвижните мостови, плус легендата која ја испорачал градителот. Вистински тврдини, кои сега можат да се прават за мали мари, бидејќи се градат според шаблон и масовно. Во моментов има 35 такви објекти- сите се на многу сомнителна историска подлога и изградени и покрај гласниот протест на стручњаците. Најчесто со финансиска помош од ЕУ, која се бара преку Европската програма за регионален развој. Но дали тие тврдини навистина носат добивка од туристичките посети? Многу експерти не веруваат дека германскиот турист би го интересирала лажна тврдина на која тој во средовековна облека ќе може да ги вкрсти мечевите со својата сопруга. 

Кич имитации

Но, зошто токму римски и средновековни тврдини? Одговорот лесно се насетува: бидејќи Бугарите очајнички се трудат да се презентираат како дел од Западот, како составен дел од римската и христијанската традиција. Истотака  земјата во комунистичките времиња од конјунктурни причини се умилкуваше на словонството. Сите пропуштени векови, се смета,  можат да се надоместат со кич-имитација. Неколку имитации, лажен грб- и историската неправда е исправена, а луѓето одеднаш е рамноправен со оние кои можат да го докажат своето славно минато. 

Туристи во посета на една од новоизградените тврдини во БугаријаФотографија: BGNES

Но, зoшто таа форма на кич е толку важна на Балканот? Мојот одговор гласи: затоа што таму елитата не е легитимна. Бидејќи елитата најчесто стигнала на врвот случајно и благодарение на кој знае каков хаос. И затоа што таа нема вистински, домашен, ресурс кој би ги држел на власт. Затоа се и нејзините очајнички обиди да се држат некакво „странство“, кое би можело  да ги легитимира. Странската култура, па и така ефтино имитирана, ја користат како еполета на униформата  на власта. таа делува апсурдно како и периките кои ги носеа судиите во бившите британски колонии во Африка за да ја задржат традицијата.

Ивајло Дичев е писател, антрополог и професор на универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Софија. Тој предавал и на универзитетот Париз-7 во Франција и има добиено повеќе големи признанија за неговата публицистика во Бугарија. 

 

Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми