Иванов го аминувал законот, надевајќи се на нов!?
22 јануари 2015 Ниту државнички, ниту професорски потпис, на указите со кои се носат срамните измени во законот за високо образование. Студенти спремни ли сме да го покажеме револтот повторно, но и поинаку? Ова беше првата реакција на Студентскиот пленум откако Кабинетот на шефот на државата соопшти дека Иванов вчера (21.01) ги потпишал указите за прогласување на законите од областа на образованието, „врз основа на сите извршени анализи и консултации во изминатиот период, како и од констатациите произлезени од бројните средби со најдобрите студенти од сите универзитети во Република Македонија што редовно се одржуваа изминатите шест години“.
Ненад Новковски, професор на Природно-математичкиот факултет на УКИМ и поранешен министер за образование, вели дека единствена очекувана опција била претседателот да стави вето на Законот.
„Иванов и како надлежен висок државен функционер и како професор, и тоа од областа на правото, не можеше да има друга опција, освен да стави вето на законот за изменување и дополнување на законот за високото образование, заради тоа што со некои одредби се уриваат основните темели на уставно загарантираната академска автономија. Тоа е конкретно во делот за т.н. 'државен испит', со којшто се негира основната смила на совремето разбирање на академската автономија како слобода на избор на методлогијата на истражувањето и наставата од страна на професорот“, оценува Новковски.
Пат за нов закон!
Како што се потенцира во соопштението од Кабинетот на Иванов, заедничка констатација од сите средби била дека Република Македонија има неспорна потреба од успешна трансформација на високото образование, дека ѝ се потребни студенти и професори препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење.
„Претседателот Иванов доби цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование. Од овие активности и инклузивен дијалог ќе произлезе целосно нов закон за високо образование. Македонскиот претседател исто така доби ветување од предлагачот на законите дека обврските на академската заедница, предвидени со овие законски измени, ќе кореспондираат со зголемено вложување на државата во научноистражувачката дејност, со што ќе се овозможат неопходните предуслови за исполнување на тие обврски. Претседателот Иванов смета дека само на овој начин Македонија ќе може да се приближи кон современите меѓународни научни достигнувања“, соопшти Кабинетот на Иванов.
Ваквото образложение уште повеќе го зголеми незадоволството во академската заедница. На социјалните мрежи од минута во минута се множат реакции. Универзитетската професорка Гордана Попсимонова праша: „Каде го има ова? Нашиот претседател прво го озаконува незаконитиот закон, а потоа планира да организира расправа за неговата законитост. Ова би било добар виц, да не е наша сурова реалност. По оваа козерија, сигурна сум дека Иванов, не само што нема минимум професорска етика, туку и во име на функцијата го фрлил на буниште своето минато во образованието и заборавил што значи Универзитет, што значи високо образование и што значи академска слобода. Иванов се претстави како сатрап (вазал) на владејачката партија, не само затоа што со својот последен гест покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку и дека е беспоговорен извршител на својот наредбодавец!“
Против Уставот
Од Граѓанската иницијатива за подршка на знаењето во високото образование не се достапни за коментар на потегот на претседателот, но со оглед дека дадоа максимална поддршка на предложените измени, сосема е извесно дека се задоволни. Од Професорскиот пленум, пак, констатираат дека се потврди „прогнозата“ на професорот по уставно право Светомир Шкариќ, кој деновиве изјави дека, како и за многу други неуставни закони, така и за овој, Иванов ќе се откаже од можноста да стави вето, бидејќи уште во првиот мандат ветил дека нема да го користи овој механизам. Но, каков е резултатот од тоа?
Професорот по Уставно право на Универзитетот на ЈИЕ, Јетон Шасивари, констатира дека шефот на државата постапил спротивно на највисокиот правен акт.
„За жал, претседателот не постапи во согласност со неговата поставеност во уставниот систем на Република Македонија. Не постапи како втора глава на извршната власт, односно како коректор на одредени владини политики. Тој носи голема одговорност за почитувањето и остварувањето на Уставот, бидејќи употребувајќи го ветото како механизам кој му стои на располагање, можеше да покаже дека законските измени не се во согласност со Уставот. Најжално е што претседателот не се покажа како натпартиска и обединувачка личност во системот. Ако ставеше вето, законот повторно ќе се вратеше во собраниска расправа и ќе се дадеше шанса за дијалог и широка дебата за реформите во образованието. Но, тој ја пропушти таа шанса“, со жалење констатира Шасивари.
Почнува студентската борба
Разочараност владее во Студентскиот пленум. Иако се надевавме на поинаков исход, искуството говори дека потпишувањето на указот беше до извесна мера очекуван, вели Дарко Малиновски, претставник на Пленумот.
„Во оваа смисла, претседателот не настапи ни од позиција на професор, кој би бил загрижен за рушењето на автономијата на универзитетот, ниту од позиција на државник, бидејќи не се ни обиде да спречи донесување на противуставен закон. Со ова, поминат е и последниот чекор од процесот на донесување на закон кој ќе биде погубен за високото образование. Последна институционална алатка која можеме и веројатно ќе ја преземеме - е поднесување на иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста и законитоста на овие измени. Меѓутоа, доколку го толкуваме процесот на носење на овој закон, евидентно е дека властите не ги земаат предвид аргументите против овие измени, ниту пак ги перцепираат мислењата на оние кои се засегнати од овој закон, со што покажуваат дека демократијата ја сметаат како ексклузивно право на Владата во креирањето на политики. Токму поради таквото арогантно однесување кон оние илјадници кои маршираа, Студентскиот пленум е принуден да делува вонинституционално“, вели Малиновски.
Поради структурата на пленумот и учеството на секој студент во донесувањето на одлуките, засега не може да открие кои се понатамошните чекори кои Студентскиот пленум ќе ги преземе. „Меѓутоа можам да истакнам дека нашето делување ќе се концентрира во Универзитетот и дека борбата за одбрана на автономијата и студентските права допрва започнува“, најавува Малиновски.
И од Професорскиот пленум најавуваат дека наскоро ќе ги договорат своите активности за одбрана на универзитетската автономија.