1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ходорковски: Украина мора да се бори за својот суверенитет

Кај-Александер Шолц / превод: ЕМФ13 јуни 2014

Во ексклузивно интервју за ДВ критичарот на рускиот режим Михаил Ходорковски ги предупредува украинските граѓани на опасноста од плановите на Путин и ги повикува на отпор. Тој е скептичен околу ефектот на санкциите.

Фотографија: DW/K.A. Scholz

„Русија и Украина мора да разговараат“, изјави Михаил Ходорковски во ексклузивното интервју за Дојче веле. Состојбата во моментов не е полоша, но тој е помалку оптимистичен - ситуацијата може натамошно да ескалира. Зашто состојбата не само за Украина, туку и за Путин може да биде екстремно тешка и опасна, оценува Ходорковски.

На прашањето дали Путин ќе се придвижи во насока на барање заеднички јазик со Украина, Ходорковски одговара дека тоа не е вистинското прашање. Путин, според него, има каталог со барања за Украина кои сака да се спроведат. „Прашањето е дали Украина потоа ќе биде самостојна и суверена држава. Во тоа не сум сигурен.“ Затоа, мора да има отпор, само така Путин ќе биде натеран да поставува поразумни услови, смета Ходорковски.

Поранешниот олигарх гледа со скепска на санкциите. Тој не е стопроцентно сигурен дали тие се вистинското средство за спротивставување. Според него, многу поважно е населението да ја земе работата во свои раце. „Ако сакаат Украина да остане слободна и суверена, тогаш мора да ја бранат.“ Ходорковски се надева на компромис, со кој ќе се согласи целиот украински народ.

Книга за времето во затворот

Интервјуто на ДВ со Ходорковски се водеше на маргините на претставувањето на неговата нова книга „Моите затворски сопатници“ во Берлин. Поранешниот шеф на, во меѓувреме уништениот, нафтен концерн Јукос беше уапсен во 2003 година и осуден во два судски процеса за измама, затајување данок и перење пари. Од октомври 2003. до декември 2013 година тој беше во повеќе руски затвори и казнени логори.

Во 2011 година Ходорковски почна да пишува колумна во рускиот опозиционен весник „Њу Тајмс“. Сега овие текстови се собрани во книга, во која тој пишува не само за себе, туку и за затворениците со кои бил во казнените кампови во Сибир и Карелија.

„Во книгата се собрани егзистенции и судбини кои отсликуваат вчудовидувачки голем дел од руското општество“, се вели во книгата издадена од книгоиздателството „Галијани“.

Михаил Ходорковски за време на интервјуто за Дојче ВелеФотографија: DW/K.A. Scholz

„Путин ја претвори корупцијата во државен принцип“

Ходорковски вели дека во Русија во моментов има околу 700.000 затвореници. Тоа се прикрива од нормалното секојдневие на Русите, нагласува тој, додавајќи дека лично морал да искуси како таму функционира понижувањето. Таму никој не е заинтересиран за правото, а и во руското општество не е ништо поинаку, вели Ходорковски.

Тој потенцира дека Путин по големата економска криза во 1990-тите, на почетокот на новиот милениум одлучил носечки принцип во Русија да биде корупцијата како контролен механизам. Тоа е впрочем и принцип на Путиновата надворешна политика, вели поранешниот олигарх. Путин, според него, се одлучил против отворено, односно за затворено општество. Но тоа на долг рок, меѓу другото и во економска смисла, не може да функционира, па затоа за неколку години или ќе има распад или националистички, фашистички режим со колапс кој потоа ќе следи, убеден е Ходорковски. Тој меѓутоа смета дека исто како за Украина, и за Русија има излез: „Или самите ќе го произведеме излезот, или нема да го има.“

Најголемиот предизвик

Книгата на Ходорковски требаше да излезе од печат на крајот на одлежувањето на затворската казна или на почетокот на евентуален нов судски процес. Тој беше помилуван и ослободен од затвор во декември 2013 година, односно половина година пред истекот на казната, по што со авион дојде во Германија. Во меѓувреме Ходорковски живее во Швајцарија, во вила на Циришкото езеро, за која плаќа 9500 евра станарина месечно. На крајот на март, 50-годишниот екс нафтен милијардер доби едногодишна дозвола за престој во Швајцарија, каде двајцата негови синови одат на училиште. За него, како што вели, најголемиот предизвик по излегувањето до затворот е да води нормален, семеен живот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми