1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холанѓаните се помачија за влез во полуфиналето

ЕМФ/дпа/бета/сид6 јули 2014

Холандија во четвртфиналниот натпревар што се играше во Салвадор успеа тесно да ја победи Костарика. На крајот одлучуваа пенали.

Фотографија: Reuters

По Германија, Бразил и Аргентина, и на Холанѓаните им успеа влез во полуфиналето на ФИФА СП во Бразил. Против репрезентацијата која е вистинско изненадување на првенството, Костарика, тимот на Луј ван Гал постигна победа дури по изведувањето пенали 4:3 (0:0).

По 120-те минути без голови, холандскиот голман Тим Крул, кого селекторот го стави во игра во последните моменти од натпреварот, пред 51.179 гледачи во Салвадор успеа да ги одбрани ударите на Брајан Руиз и Мајкл Умана. Според оценките на многумина, тоа бил тактички мудар потег на Ван Гал и уште еден доказ за неговата тренерска умешност. Крул, пак, по натпреварот рече:

„Ова е она за што работите седум недели. Сега тоа може да се види. Тренерот на голманите Франс Хоек и јас вежбавме и се подготвувавме за ваква ситуација.“

Холандија во полуфиналето ќе игра против Аргентина, која во четвртфиналето ја совлада Белгија.

Сонот за репрезентацијата на Костарика заврши во четвртфиналето, но разочарувањето кај тимот нема да трае долго. „Многу сме горди на себе, затоа што завршивме навистина добра работа“, изјави Дијаз, додавајќи: „Тоа никој не го очекуваше“. Навас исто така оцени дека тимот има причини за гордост: „Ова СП беше навистина извонредно искуство и го напуштаме со крената глава. Не загубивме ниту еден натпревар. Изведување пенали не е пораз.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми