1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хомосексуалците бегаат од прогонот во Чеченија

Емили Шервин
18 април 2017

По извештаите дека повеќе од 100 луѓе осомничени дека се геј или бисексуалци се уапсени и измачувани во Чеченија, руската ЛГБТ мрежа им помогна на десетици да побегнат. Повеќето се плашат да се вратат назад

Symbolbild Kriminalisierung Homosexualität Russland
Фотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

„За мнозинството од овие луѓе, прогонот беше неочекуван. И сега немаат пари, ги загубија работните места, семејствата, официјалните документи, сѐ“, вели Татјана Виниченко. „Затоа доаѓаат кај нас да им помогнеме“.

Виниченко е претседател на руската ЛГБТ мрежа. Таа вели дека досега, 59 луѓе побарале помош од организацијата. Тие морале да ја напуштат јужната руска република Чеченија затоа што биле прогонувани поради својата сексуална ориентација.

На почетокот на април, рускиот весник „Новаја Газета“ јави дека повеќе од 100 луѓе биле уапсени поради својата хомосексуалност во Чеченија. Најмалку тројца од нив биле убиени. Повеќе западни медиуми оттогаш јавуваат за тепање, тортура и електрошокови на кои биле подложени уапсените, откако чеченските власти од нив барале да ја признаат сексуалната ориентација и да им ги кажат имињата на нивните партнери.

Протести пред руската амбасада во БерлинФотографија: picture alliance/ZUMAPRESS/J. Scheunert

Виниченко вели дека не може да процени колку точно луѓе биле зафатени од анти-геј прогонот, но може да се работи за стотици. Дел од нив побарале помош од ЛГБТ мрежата.

Семејна чест

Околу една третина од оние кои успеале да побегнат биле во полициски притвор во Чеченија. Останатите имале среќа да избегаат пред да бидат уапсени. Тоа искуство оставило длабоки, психолошки и физички, траги врз нив.

„Тие се потресени, не можат да спијат, депримирани се - во состојба на паника. Некои се болни, некои имаат инфекции“, вели Виниченко. „Многумина биле тепани во притвор. Некои имаат траума од електрошоковите. На сите им е потребна медицинска нега“.

Враќање во Чеченија повеќе не е опција за нив. Повеќето од избеганите се плашат од убиства од чест.
Чеченија е мнозински муслиманска и екстремно конзервативна. Доколку семејствата дознаат од полицијата дека се хомосексуалци, на тоа се гледа како на дамка на семејната чест. Дури и подалечното семејство се чувствува навредено, а последици може да има и за помладите генерации кои сакаат да стапат во брак.
Виниченко вели дека полицијата често ги открива овие луѓе пред нивните семејства откако ќе ги пушти од притвор. „Во суштина, тие ги повикуваат нивните роднини да ги убијат со сопствени раце. Луѓето кои дојдоа кај нас веруваат дека нивните роднини ќе ги убијат за да го исчистат угледот на семејството“. Повеќето сакаат целосно да ја напуштат Русија затоа што се плашат дека можат да бидат мета на чеченската дијаспора и во руските градови.

Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров демантира дека има прогон на хомосексуалцитеФотографија: Getty Images/AFP/Y. Fitkulina

Официјален молк

Хомофобијата не е карактеристична само за Чеченија, туку е раширена низ цела Русија каде „хомосексуалната пропаганда“ беше забранета во 2013 година. Официјалниот одговор од Москва по извештаите за прогонот беше молк. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков на почетокот велеше „нема информации“ за такво нешто. Дури 10 дена по извештатите за нападите, руското јавно обвинителство соопшти дека чеченските власти ги истражуваат информациите.

Чеченските власти, во меѓувреме, демантираа дека хомосексуалците се прогонувани. Портпаролот на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров вели дека е „невозможно да се уапси и малтретира нешто што не постои во јавноста“.

Во ЛГБТ мрежата не очекуваат резултати од истрагата, па веќе се подготвуваат за тужба пред Европскиот суд за човекови права. За избеганите и оние кои останале во Чеченија единствена опција останува да ја напуштат Русија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми