1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Хонгконг– викенд речиси без насилство

Штефен Вурцел
19 август 2019

Во Хонгконг се одржаа досега најмасовните протести против локалната влада лојална на Пекинг.Проценките на организаторите и на властите за бројот на демонстрантите драстично се разликуваат. Овојпат протестите минаа мирно.

Hongkong Victoria Park Demonstration und Proteste
Фотографија: AFP/I. Lawrence

Организаторите зборуваа за 1,7 милиони демонстранти, додека според полицијата на протестите имало 128.000 луѓе. Вистинската бројка е веројатно некаде помеѓу. Но едно е јасно – вчерашните демонстрации во Хонгконг беа едни од најголемите од почетокот на масовните протести против владата поддржана од раководството во Пекинг, кои почнаа на почетокот на јуни. Уште позначајно – за разлика од протестите од минатите викенди овојпат сѐ помина релативно мирно и без насилство. Тоа вчера го призна и полицијата во Хонгконг.

Протестниот марш започна попладнето во паркот Викторија. И покрај забраната стотици илјади демонстранти се движеа низ тесните улички во финансиската метропола. Покрај многуте млади луѓе – студенти и млади професионалци, имаше и многу семејства. Како една млада жена од Хонгконг која ја држеше ќерка ѝ за рака. „Мојата ќерка сакаше да види што се демонстрации. А јас овде се борам за слободен Хонгконг. Се уште чекам формално повлекување на законот за екстрадиција."

Повеќе: 

-Немири во Хонгконг - Запад воздржан

-Цената на воена интервенција во Хонгконг

-Во Хонгконг владеат хаос и паника

Фотографија: AFP/I. Lawrence

Едно од главните барања на демонстрантите е токму тоа – шефицата на владата, Кери Лам не само да го стопира контроверзниот закон за екстрадиција во Кина, туку и целосно да го повлече. Меѓу другото тие сакаат и слободни избори. Исто така бараат независна комисија да ги испита бруталните постапки на полицијата против демонстрантите во изминативе недели. Според една анкета на Кинескиот Универзитет во Хонгконг, вакво нешто поддржуваат над 80% од испитаниците. Истата анкета покажува дека 60% од нив сметаат оти владата во Хонгконг – која дефакто е искористена од кинеската држава и партиско раководство - е одговорна за кризата од изминативе недели

Во последниве денови пак повторно беше засилена пропагандата од Пекинг против масовните протести. Централната влада има поддршка од голем дел од 1,3 милијарди луѓе од копнена Кина. Но, на многу луѓе во Хонгконг тоа не им е важно. Како на пример на овој демонстрант кој ќе продолжи да излегува на улица во знак на протест, без разлика на тоа што автономниот статус на Хонгконг во секој случај истекува за 28 години. „Сите знаеме дека датумот во однос на нашиот автономен статус е некаде кон средината на 2047 година. Но, барем дотогаш треба да се залагаме за нашите основни права и да му покажеме на светот дека имаме слобода на мислење, право на демонстрации и добро е да биде така."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми