1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хоризонтална општина

13 јули 2021

Потребно е обединување на граѓаните кои најостро реагираа на зададениот хаос по хоризонтален терк. Само преку таков пристап може да се разбие и инерцијата од его влијанието на султанатот. Пишува Александар Петров

Aleksandar Petrov | Architekt aus Nordmazedonien
Фотографија: Privat

Продолжува тажната приказна за Скопје и неговите општини кои никако да го изнајдат сопствениот, јавен и сестран интерес. Постојаните проблеми се таложат и со години се префрлаат од една во друга партиска поставка, без притоа да се има јасен правец и желба за конкретна акција. Без соодветна политичка идеја и делување, нема ни соодветен развој, креативност за било каква отстапка и желба за напредок на градот во сите негови сегменти. Тоа се случува во сите општини со по некој исклучок, каде поголемиот дел од градовите се осудени на апатија, исчекувајќи го следниот предизборен слоган. Впрочем и самата административна функција е сведена на партиско поведение, кое ни најмалку не го тангира јавниот интерес, туку се потпира на поедини партиски и индивидуални интереси. 

Затоа било каква промена е потребна веднаш! За да се случи тоа, акцијата мора да започне од Центар(от) на Скопје. Традиционално, таа општина ќе биде пресврт и за сегашниот политички дебакл и конфузија. Така беше со одбраната на ГТЦ, кога стана бастион на промената и пркосот, така ќе биде и овојпат преку борбата за просторот наречен Холидеј ин. Ако се сеќавате од таму почна падот на режимот, од таму ќе почне и падот на сегашната администрација. Јадрото кај Холидеј ин е последниот јазол за демократски развој на градот. После таа точка на прекршување, следуваат серија на напади од градежни предатори кои претставуваат сеопшта опасност за идните поколенија. 

Лош менаџмент 

Во Центар живее будно, добро информирано население, склоно на промени и принципи, преку доста изразеното граѓанство, каде делуваат голем број на здруженија и организации од секаков вид, кои се борат за најразлични каузи (чист воздух, здрава животна околина, директно го чувствуваат проблемот на своја кожа). Дел од тие активисти беа и творците на мораториумот (преседателката на Советот на општината). Заедно со сегашниот градоначалник на самиот почеток успеаја да издејствуваат мала победа и да опстојат во мачниот процес, влевајќи надеж за конкретни и храбри одлуки во склоп на локалните барања. Активизмот му даде насока на така затекнатиот градоначалник со мрзелива свест кој, иако неук, изрази желба да се бори за потребите на општината. Но неговите можности и капацитети не го издржаа притисокот на бизнис хистеријата и затоа сега ќе мора да сноси одговорност за тоа. Во моментот кога општината го промени курсот, оставката на активистите беше неминовна. Тие останаа доследни на своите заложби и принципи за кои соодветно се бореа за сеопштото добро на локусот. Така искрени, конкретни, храбри и борбени имаат морално право да бараат нов мандат. Градоначалникот не смее да користи туѓи заложби и идеи во партиски цели за да бара општински реизбор. 

Тој беше дел од лошиот менаџмент, кој ја предводеше оваа администрација: започна со една чудна одлука за продажба на државно земјиште од стратешко значење, а заврши со одобрение за градба преку институционална согласност од истакнат партиски професор. Наизменично се дополнуваа и еден новинар што креираше насловни фотошоп паркови и зеленило на спорната локација, за да може да агитира за спротивното, потоа се појави еден архитект кој го оспоруваше деталниот план, за потоа да стане адвокат на инвеститорот, а така направи и сегашниот градоначалник кој започна со мораториум за да може да наметне прилики за возможна изградба. (За министерот не пишувам, тој е изгубен со самиот себе). 

И така завршува тој синџир на одговорност, сфатен преку примитивното спознавање на јавните приоритети. Типичен социјален рефрен отпеан од хип хоп бендот Београдски синдикат.
Што мислите зашто градежните инвестори се против било какво конкурсно решение за потребите на современиот градски простор? (Придобивка од граѓанските притисоци и иницијативи, кое и во случајов се користи како предизборен памфлет.) Бесплатно ќе добијат авторски опции, со избрано најдоброто можно решение. Но тие не знаат да работат по норми и стандарди, научени се на свои придобивки и правила. Затоа нам ни треба конкретна амбиција што нема да го дозволи тоа. 

Граѓанско обединување 

Сепак работите се придвижуваат, се зголемува слободата на делување, истражувачкото новинарство добива на замав, се буди свеста од мачната транзиција, стравот некако стивнува. Квалитетот на животот во пандемијата избива на повисоко ниво, но на нас тоа не ни е доволно. Нам ни треба многу повеќе. 

Потребно е обединување на граѓаните кои најостро реагираа на зададениот хаос, да се наметнат политички, по хоризонтален терк. Верувам дека интересот е спореден, но во отсуство на трета или било која опција, мора да опстои некаква солидарност за решавање на приоритетите од кои сите сме засегнати. Доволно е да се понуди алтернатива, преку подршка од група кандидати за градоначалници кои би се менувале секоја година во текот на траењето на мандатот, каде приоритетите ќе мораат да се решаваат етапно и екипно, преку однапред поставени цели, како во случајов. Само преку сличен пристап може да се разбие и инерцијата од его влијанието на султанатот. Како конкретен пример би го посочил концертот на групата Ману Чао, во градот Бајон, пред огромната публика во арената за бикови. Во моментот кога започнува изведбата на музичката нумерата Sidi Hbibi, настанува сеопшта катарза преку комплетна промена на позициите. Тапанарот преминува во прв план и започнува да пее, фронтменот Мануел се префрла на тарабуки, а гитаристот и басистот странично се надополнуваат сугерирајќи перформанс во ритамот на ска, панк и рок. 

Постои цел еден список на активисти и организации кои преку петиција доставија барање за прием кај премиерот, но никогаш не беа испочитувани. (Таа листа е јавна и може да се најдете отворена на следниот линк: https://samoprasaj.mk/naacik/1974-2021-04-14-08-24-05 ) Таа иницијатива не преставува партиски список за постизборно вработување. Таа обединетост е прилика да се потсетат гласачите за кого треба да гласаат. 

Нема потреба да се плука по Шарената револуција. Таа е минато што си ја заврши работата, и затоа треба да се сфати дека не постојат конечни и вечни резолуции. Секоја временска дистанца е промена на која мора соодветно да се одговори. 

Авторот е архитект 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми