1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хотелите ги отвораат своите врати за бездомници

Теса Клара Валтер
15 февруари 2021

Поради корона пандемијата во сместувалиштата за бездомници станува тесно. Затоа тие во Берлин ќе може да ноќеваат во хотел. За некои од нив тоа ќе биде суштински пресврт во животот.

Obdachlos im Berliner Winter
Фотографија: Tessa Walther/DW

Кристијан доаѓа насмеан, го симнува ранецот од грб и ја соблекува тенката јакна пред да седне на креветот. Собата во која се раскомотува е од хотелот „Пензион Рајтер” во населбата Фридрихсхајн во Берлин. Од ноември минатата година во него смеат да ноќеваат лица кои немаат постојано живеалиште. Кристијан веќе неколку години живее на улица и се радува што сега има комотен кревет. „Претходно спиев во монтажен објект и тоа беше во ред, но ова е вистински хотел. Ова е многу подобро.” 

И во сместувалиштата се држи дистанца

Местото каде претходно преноќевал е на имотот на католичката заедница Свети Пиус. Црквата во рамки на помошта што ја нуди во услови на студ секоја година обезбедува кревети за 40 лица кои инаку би требало зимата да ја поминат на отворено. Но, годинава сѐ се променило, раскажува Волфганг Вилш, кој е одговорен за проектот. Бројот на кревети морал да биде преполовен, за да се држи од хигиенски причини потребното растојание во време на корона. Вообичаено луѓе како Кристијан таму спијат блиску еден до друг во соби со повеќе кревети или пак на душеци во големи заеднички простории. Вилш се потрудил да најде решение и така дошол до хотелот: „Благодарни сме што може да го користиме бидејќи тука луѓето се сместени во соби со по две легла”, вели Вилш. „Тоа значи дека никогаш нема повеќе од двајца или максимум тројца во една просторија”.

Кристијан е среќен што има кревет во хотелФотографија: Tessa Walther/DW

Хотелот е еден од повеќе во Берлин кои учествуваат во проектот. И тие профитираат од него бидејќи градските власти им плаќаат надомест за користењето. Тие средства им се во време на корона и претежно непостоечки туризам добредојдени. 

Но, изминатите денови стана уште поочигледно колку таквите преноќувалишта всушност им се неопходни на бездомниците. Со температури до минус 15 преноќевањето на улица може да биде фатално по живот. Затоа биле пратени покани и во дополнителни хотели кои се приклучиле на проектот и ги отвориле своите порти за бездомници со што сега се обезбедени 1426 легла, колку што немало никогаш до сега, вели Штефан Штрас, портпарол на социјалната служба во Берлин.

Пандемијата ја отежнува ситуацијата за бездомниците

Во многу сместувалишта како она на Волфганг Вилш не се нуди само легло, туку и појадок и топол оброк навечер. Тоа оваа зима е особено важно бидејќи е многу тешко за бездомници да заработат некое евро. Градските јадра се празни, случајните минувачи држат дистанца. Кристијан сепак се обидува секој ден да продаде примероци од весникот за бездомни лица. Тоа некогаш оди добро, некогаш не, вели тој. 

Готвачот- херој на бездомниците во Рим

01:32

This browser does not support the video element.

Во хотелскиот подрум има просторија за заедничко користење. На вратата стои „Забрането пушење”. Врз тој знак е залепен нов, „Просторија за пушење”. Кристијан седнува на една маса, просторијата потсетува на младински дом, малку е загушливо. Долгата лузна која се протега од левото око на Кристијан до горната усна одеднаш е многу видлива под неонската светилка. Чесната сестра Марта Арнолд влегува со две шолји чај. „Две коцки шеќер, како и секогаш”, му вели таа со француски акцент.

Преку стабилност до перспектива за иднината 

Сестрата е дел од католичката заедница и се грижи за организациски прашања. Но, најмногу од сѐ е таму за да ги ислуша мажите и да им даде утеха. Таа смета дека сместувањето во хотел има јасни предности: сигурноста што произлегува од можноста да се планира денот. Сѐ додека гостите се држат до правилата може да се враќаат секоја вечер во својот кревет. Таквата стабилност влијае позитивно на нив, вели сестрата. „Кога доаѓаат се многу валкани, уморни, имаат депресии, не гледаат иднина за себе. Но, по неколку недели сѐ е веќе многу променето. Тогаш може заеднички да погледнеме кон иднината”, вели сестрата Арнолд.

Некои од нив потоа наоѓаат работа, други пак вистинско живеалиште. „Наоѓаат нешто подобро”, додава таа и срдечно се насмевнува зад маската.

И Кристијан си посакува да има свој стан. Заштедил малку пари и се надева дека еден ден ќе може да се врати во својата татковина, Романија. „Можеби уште летово, по кризата”, додава и пивнува од чајот. Но, до тогаш е безбеден во четирите ѕида на својата хотелска соба.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми