Високиот американски функционер ќе разговара со политичките лидери за статусот за формирање влада и реформите за евроатлантска интеграција.Неофицијално дознаваме дека Ји нема да се сретне со шефот на државата
Реклама
Брајан Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар за Европа и Евроазија во американскиот Стејт департмент, во понеделник, на 1 Мај, доаѓа во Македонија, потврдија од амбасадата на САД.
„Хојт Ји доаѓа за да се види и разговара со политичките лидери во врска со статусот за формирање на влада, билатералните односи и реформите потребни за евроатлантската интеграција“, велат од амбасадата, без попрецизно наведување на неговите соговорници.
Засега е извесно дека Ји ќе биде во еднодневна посета на Македонија и дека ќе се сретне со лидери на политички партии. Како што неофицијално дознава Дојче веле од партиски извори, високиот американски функционер нема да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов. Овие извори не ги знаат причините за тоа, но претпоставуваат дека се поврзани со претходниот однос на шефот на државата кон добронамерните сугестии од официјални претставници на земји-стратегиски пријатели на Македонија.
„Политичките лидери во Македонија, вклучително и претседателот, да направат сѐ што е неопходно наскоро да се формира влада без натамошно одлагање, на начин кој е во согласност со Уставот на земјата. Мнозинството во македонскиот парламент изрази волја да формира влада. Се надеваме дека македонскиот претседател ќе им овозможи на мнозинството членови на парламентот што побрзо да формираат влада. На државата и треба влада која мора да ги продолжи реформите“, изјави Ји.
Тој им порача на политичките партии да ги остават настрана нивните тесни политички и лични интереси, благосостојбата на граѓаните да ја стават на прво место, и да не се држат круто до својата агенда и во одбивањето компромиси.
„На Македонија ѝ претстои многу работа, но прво мора да формира Влада, а ЕУ и САД соработуваат блиску за тоа да се случи. Сведоци сме на промени. Има страни кои сакаат да останат на власт и оние кои сакаат да дојдат на власт, во некои случаи и првпат. Природно и нормално е политичката напнатост да биде многу висока, реториката е многу силна, можеби не е прифатлива, но ние веруваме дека луѓето во Македонија сакаат да влезат во НАТО и во ЕУ. За да се случи тоа, мора да дојде до политички консензус, компромис кој ќе овозможи формирање стабилна влада“, истакна високиот функционер на Стејт департментот.
Реформски курс наместо опструкции
Речиси два месеци потоа, состојбата во Македонија не е поместена ниту еден чекор напред, иако од СДСМ во континуитет уверуваат дека „изборот на собраниски спикер е прашање на ден“. Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму излезот од кризата го бара во нови парламентарни избори во пакет со локалните, а под параванот на „демократска дебата“ со денови го опструираат изборот на претседател на парламентот и на собраниските тела.
„Практично, тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и наметнувањето на Тиранската платформа“, истакнало раководството на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашната средба со амбасадорите на Германија, Британија, Шведска и Холандија, објаснувајќи им дека за таа цел партијата „до максимум ги користи сите законски и деловнички можности“.
Дел од овие амбасадори вчера учествуваа на панел дискусија организирана од Дипломатскиот клуб во Скопје на тема „Креирање и реконцептуализација на мали и средни држави“, при што оценија дека „сега е време е да се формира нова влада, а не да се оди на нови избори“.
Хојт Ји важи за добара познавач на проблемите во регионов во изминативе две децении. Беше во Скопје и лани на 3-ти март, а претходно ја посети Македонија и во април 2015 година, во почетокот на политичката криза, за која сведочеа опозициските „бомби“. Тогаш порача дека треба бидат процесуирани случаите каде има сомневања за функционерите на власт, земјата да се врати на реформскиот курс, на демократските процеси и јакнењето на слободите и човековите права.
Лицата на македонската политика
Ниту предвремените парламентарни избори не донесоа нови лица на македонската политичка сцена. Излезот од политичката криза останува неизесен. Таа сега се заканува да прерасне во меѓуетничка криза.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Христијан Мицкоски- ВМРО-ДПМНЕ
По катастрофалниот пораз на локалните избори, Мицкоски го замени дотогаш неприкосновениот Никола Груевски на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Огненото крштевање Мицкоски го имаше на антивладиниот митинг одржан на 2 јуни во Скопје. Оттаму порача дека нема да поддржи промена на Уставот заради промена на името на државата и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските следната година.
Фотографија: Petr Stojanovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ.На чело на Владата застана во мај 2017 година.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Во меѓувреме. под силен внатрепартиски притисок, го смени ставот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата партија- Левица остана надвор од парламентот.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. По изборите остана вон парламентот.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. На изборите оствари незначителен резултат.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. По изборите стана клучен играч за формирање на ново владино мнозинство. Локалните избори ќе дадат одговор на прашањето дали Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а неговата Обединети за Македонија не се прослави на предвремените избори. По изборите повторно, речиси целосно се повлече и ретко се појавува во јавноста.