1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храната е поскапена како никогаш досега

ЕМФ | агенции | АРД
9 април 2022

Цените на прехранбените намирници во светот достигнаа рекордно ниво. Пазарите за пченица и растително масло за јадење се потресени по рускиот напад на Украина.

Ukraine Ernte Donetsk Getreide
Жетва во украинскиот регион Доњецк (архивска фотографија)Фотографија: Valentin Sprinchak/dpa/TASS/picture alliance

Организацијата на Обединетите нации за храна, ФАО, соопшти дека цените на прехранбените намирници во март забележале рекорд. ФАО-индексот на цени на прехранбени намирници во март годинава изнесувал 159,3 поени (во февруари изнесуваше 141,4 поени). Индексот ги пресметува месечните промени на просечните цени на основните прехранбени намирници - житарки, месо, млеко, масло и шеќер. ФАО неодамна предупреди дека поради војната во Украина цените на храната може да се зголемат за 20%. 

Опасноста од безредија поради леб на Блискиот Исток се зголемува од ден во ден. Во Египет многу луѓе веќе не можат да си дозволат погача, чија цена во рок од три недели по почетокот на руската инвазија на Украина се зголеми за 50%. Сега властите во Каиро повлекуваат кочница и ја ограничија цената на лебот на една египетска фунта (околу 5 центи). Повеќето граѓани во земјата немаат пари ниту за плаќање на ваква цена. Две третини од населението добива субвенциониран леб.

Египет е многу зависен од увоз на пченица. Повеќе од половина од потребите се покриваат со увоз, а најголемиот дел од увозот е од Русија и Украина. Владата во Каиро стравува дека лебот може да стане „кнап“ и скап и веќе побара помош од Меѓународниот монетарен фонд. Стравот од протести на населението е голем. Во најголемите „лебни“ немири во Египет во 1977 година имаше многу жртви.

Арапската пролет во Египет и земјите од Магреб беше предизвикана делумно и од цените на лебот и другите прехранбени намирници. Особено е лоша состојбата во Либан. Таму во супермаркетите веќе нема брашно. Резервите на пченица наводно се доволни само за уште неколку недели. Таква е ситуацијата во една земја која 60% од својата пченица увезува од Русија и Украина и каде во 2020 година од експлозија беа уништени најважните складишта за житарки во пристаништето во Бејрут.

Египетските власти ја ограничија цената на лебот на една египетска фунта (околу 5 центи), но многу од граѓаните не можат да платат ни толкуФотографија: Fadel Dawod/NurPhoto/picture alliance

Протести во Ирак и Судан

Кризата со храната се заострува и во други делови од светот. Во Тунис е веќе одреден лимит за брашно за пекарниците, а во Ирак, Судан и Турција многу луѓе излегоа на протести поради недостигот од прехранбени намирници. Кризата со храна се чувствува дури и во Шри Ланка, во југоисточна Азија. На многу места нема млеко и брашно, воведени се ограничувања на количествата кои може да се купат, а луѓето со часови чекаат пред продавниците на температури од над 30 степени. И Шри Ланка побара помош од ММФ.

Страв од рекордната инфлација - Германците складираат храна

01:05

This browser does not support the video element.

ФАО стравува од криза со храна во западна Африка

Организацијата за храна, ФАО, предупредува од кризи, па дури и глад, поради војната во Украина. Тоа се однесува особено на Блискиот Исток и делови од Африка. Во зоната Сахел и западна Африка не е осигурано снабдувањето со храна за околу 40 милиони луѓе, соопшти портпарол на Програмата за храна на ОН, ВФП.

- повеќе: Војната во Украина го враќа фокусот на македонските ниви

Според наводи на повеќе меѓународни хуманитарни организации, меѓу нив и Оксфам, во западна Африка веќе сега од глад страдаат 27 милиони луѓе. До јуни тој број може да се зголеми за уште 11 милиони. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми