Хрватската блокада ги закочи српските преговори со ЕУ
13 мај 2016 Почетокот на српските преговори со ЕУ и натаму е во статус-кво поради хрватската блокада, велат дипломатски извори за ДВ. Интерен документ на германското МНР говори дека Холандија, како актуелен претседавач со ЕУ, сака да ги отвори поглавјата 23 и 24 до крајот на јуни, а тој став го поддржува и Германија. „Условите за отворање на поглавјето 23 се исполнети со адекватен акционен план. Оттука се залагаме за поддршка на извештајот на Европската комисија“, се наведува во документот кој го виде ДВ.
Во него се потсетува на трите хрватски барања: Србија да ја ограничи надлежноста за воени злосторства на своја територија, да ги исполни сите барања на Хашкиот трибунал, и да утврди механизам со кој на претставниците на хрватското малцинство би им било гарантирано место во парламентот. Од тие три барања, Германија единствено има разбирање за условот за соработка со Трибуналот во Хаг.
Останатите барања на Загреб ги надминуваат надлежностите на Комисијата и не се покриени со европското право, се наведува во документот. Извори на ДВ велат дека тоа значи оти останатите две барања се од политичка, а не од правна природа.
Се ближи крајот на јуни...
Холандското претседателство со ЕУ трае до крајот на јуни, и се уште постои надеж дека дотогаш би можеле да бидат отворени поглавјата 23 и 24. „Сметаме дека топката е во хрватскиот двор. Како претседавачи се надеваме дека Хрватска ќе сигнализира подготвеност да го промени ставот“, вели Дирк-Јан Вермеиј, портпарол на холандското претставништво во Брисел. Тој додава дека холандските претставници се во контакт со Загреб, но дека оттаму уште нема сигнал дека позицијата би можела да се промени. Иако хрватските забелешки се однесуваат на поглавјето 23, поради него е закочено и поглавјето 24 бидејќи намерата на Брисел е во пакет да ги отвори тие две поглавја кои се однесуваат на владеење на правото, човековите права, слободата и безбедноста.
Дојче Веле веќе пишуваше дека посебно во Германија постои големо незадоволство што Хрватска ги блокира преговорите со ЕУ, и дека поради тоа шефот на дипломатијата Мирко Ковач беше повикан на состанок со комисијата за надворешна политика на Бундестагот да го објасни тој став. Влијателниот демохристијански пратеник Гинтер Крихбаум кој ја води Комисијата тогаш рече дека Загреб „ја злоупотребува ЕУ“ за спроведување на билатерални барања.
Потоа се појавија шпекулации дека и Романија и Бугарија би можеле да се придружат кон хрватската блокада барајќи права за своите малцинства во Србија. Во канцеларијата на германскиот амбасадор во ЕУ демантираат дека други земји го поддржале хрватскиот став. „Се работи исклучиво за Хрватска“, вели оттаму за ДВ.
Делува се поверојатно дека отворањето на првите поглавја ќе го дочека словачкото претседавање во втората половина од годинава. Словачкиот шеф на дипломатијата Мирослав Лајчак во повеќе наврати најави дека проширувањето на ЕУ ќе биде еден од приоритетите на претседавањето на неговата земја со ЕУ.