1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватската влада глуми отпор кон Брисел

Игор Ласиќ / Александар Методијев10 март 2014

Одговорот на хрватскиот премиер Зоран Милановиќ на критиките од Европската комисија за економската политика на Хрватска само наизглед е полемичен, сметаат експертите. Владата „игра“ како што „свират“ меѓународните сили.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Ребалансот на хрватскиот јавен буџет и извештајот на Европската комисија за длабинската анализа на макроекономската ситуација во Хрватска се два моменти кои предизвикаа голем политички одек во земјата. Од една страна, хрватската влада преку ребалансот успеа да се избори со актуелниот, прекумерен буџетски дефицит. Брисел, пак, меѓу другото предупредува дека официјален Загреб не покажал доволна подготвеност за сугерираните „структурни прилагодувања“, како што е натамошното намалување на јавната потрошувачка и воопшто на јавниот сектор, но и либерализацијата на пазарот на труд.

На тоа хрватскиот премиер Зоран Милановиќ му возврати на еврокомесарот за економија и монетарна политика Оли Рен дека неговата влада не сака да воведува толку нагли долгорочни резови, бидејќи на Хрватска набргу би можело да и’ се случи тоа што претходно и’ се случи на Грција.

Звонимир БалетиќФотографија: H-alter

„Станува збор за судир на два различни концепта, при што Европската унија и натаму очигледно го застапува интересот на капиталот, а нашата влада не се снаоѓа и останува со своите мерки и реакции некаде на половина пат“, оценува академик Звонимир Балетиќ, научен соработник на „Економскиот институт“ во Загреб.

Миленици на глобалните сили

Тој смета дека генерално хрватската политичка елита неподготвена ја дочека светската криза

„Тие сега јасно гледаат дека веќе немаат простор за нови резови“, додава Балетиќ. „Но, сеедно, тие сакаат да останат миленици на силите кои ги запоседнаа глобалните позиции на моќ. Во тоа се состои нивната и нашата трагедија, имајќи в предвид дека на тој начин какво било решение само се одолговлекува во недоглед“, смета Балетиќ.

Владата со привидно противење на Европската комисија се обидува дополнително да ги замагли вистинските односи, смета Данијела Доленец, политиколог од Факултетот за политички науки во Загреб, која нагласува дека концептот за штедење на ЕУ цело време се прифаќа во хрватската економско-политичка пракса.

Данијела ДоленецФотографија: Novosti

„Премиерот со својот одговор нескриено се обидува да ги задоволи двете страни – домашната јавност и Брисел. Истовремено се поставува како да го штити интересот на работниците, но активно делува на намалување на нивните права преку новиот Закон за работа“, објаснува Доленец за Дојче веле.

Според нејзиното мислење, индикативно е тоа што Милановиќ во навидум пораката на отпор кон Европската комисија повторно истакна: „Трошиме повеќе отколку што смееме“. Тоа повеќе или помалку укажува на суштинско продолжување на политиката на штедење, наместо на поттикнување на потрошувачката и производството. Нашата соговорничка е уверена дека тоа е веќе препознатливо однесување на Милановиќ.

„Како и кога меѓународните агенции за кредитен рејтинг не‘ опоменуваа или деградираа, премиерот посегнуваше по реторичко противење, но во суштина продолжуваше со спроведување на нивните сугестии, со исклучок на тие кои објективно во моментот не беа спроведливи“, нагласува Милановиќ.

Незнаење или злонамерност?

Критички настроен кон новиот истап на Зоран Милановиќ беше и Љубо Јурчиќ, некогашниот министер за економија од редовите на СДП.

„Во таа изјава нема нова содржина, само политикански желби кај граѓаните да се создаде слика за владина одлучност. А, во реалноста не го менуваме правецот, само одиме малку побавно од зацртаната динамика“, оценува Јуричиќ.

Љубо ЈурчиќФотографија: DW/G. Simonovic

„Тие не знаат како да го запрат постојаниот пад на производството и вработеноста, бидејќи не гледаме ниту една сериозно преземена мерка во тој поглед. Затоа ја смалуваат потрошувачката, а преку 80 проценти од работата на секоја нормална влада отпаѓа на поттикнување на потрошувачката. Верувам дека не знаат, а не дека не сакаат, бидејќи тоа инаку би била крајно опасна злонамерност“, нагласува Јуричиќ.

За жал не успеавме да добиеме изјава од вицепремиерот Бранко Грчиќ, иако ни ја вети. Но, хрватската влада и онака своите позиции и намери јасно ги покажува во секојдневната пракса.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми