1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуманитарна наковална и полициски чекан

Игор Ласиќ
4 јануари 2019

Хрватските власти не сакаат да ги прифатат сугестиите од Европската комисија за зголемување на капацитетите за прифаќање бегалци од Азија и Африка. Како тоа се одразува на хрватската желба за влез на земјата во Шенген?

Migranten in Bosnien an der Grenze zu Kroatien
Фотографија: picture-alliance/S. Yordamovic

Хрватските власти не сакаат да ги прифатат најновите сугестии на Европската комисија за зголемување на капацитетите за прифаќање бегалци од Азија и Африка. Оправдувањето гласи - Хрватска е веќе пренапрегната поради интензивната заштита на границата кон источните соседи и со оглед на големата должина на тие граници.

Сепак, во хрватските гледишта може да се забележи извесна „растргнатост“. Како што е познато, пристапувањето кон Шенгенскиот простор се вбројува меѓу најголемите желби на официјален Загреб. А, токму надзорот на споменатите граници и сузбивањето на илегалните преминувања е најдобро средство за докажување на способноста за надзор. Освен своевидна растргнатост помеѓу тие два мотива, тука е и фактот дека земјите кои се надворешната граница на ЕУ преземаат сѐ поголем дел од бегалскиот притисок во име на влијателни држави од центарот на Унијата. Покрај тоа, Хрватска ја мачи и односот помеѓу власта и невладините организации кои редовно изнесуваат тврдења за бруталност на хрватската полиција кон бегалците.

Милитаризација

„Сигурно дека хрватските власти ја користат оваа ситуација и се обидуваат да управуваат со нејзе, така да тоа биде показна вежба за заштита на надворешните граници на ЕУ. Тоа го одработуваат прилично ревносно, а со цел да се докажат пред бриселските технократски структури како достојни за влез во Шенген“, вели за ДВ истражувачот на миграцијата и социолог на загрепскиот Филозофски факултет, Драго Жупариќ Иљиќ. Тој смета дека хрватскиот пристап во чување на границите со сите средства сѐ повеќе поприма карактеристики на земјите од Вишеградската група.

Драго Жупариќ ИљиќФотографија: DW/S. Bogdanic

„Зашто, иако сѐ уште немаме жица, секако дека веќе три години сме сведоци на милитаризација на тој феномен. Она по што Хрватска се разликува од соседите, е пристапот на кон осигурувањето и вложувањето во средства за прифаќање. Под тоа, да речеме, се подразбира планот на изградба на ново прифатилиште кај Петриња, иако и тоа ќе биде со ограничен капацитет“, вели Жупариќ Иљиќ.

Тој не се сомнева дека Хрватска и натаму ќе настојува да балансира помеѓу тие два пристапа: „Единственото што тоа би можело да го промени, за жал на сметка на мигрантите и бегалците, е радикализација на и онака деликатната ситуација, доколку на изборите некаков позабележителен успех остварат оние кои заговараат митралески гнезда.“

Повеќе: Дали Хрватска нелегално враќа мигранти од границата?

Опасност од претворање во „хот спот“

Жупариќ Иљич се сомнева во „повторување на епизодата на 'Балканската рута'“ и масовен притисок на бегалци, „поради тоа што бројките покажуваат оти 'Тврдината Европа' се брани здушно“. Загрепскиот социолог го дели мислењето на некои други стручњаци дека бегалците се колатерална жртва на системот. „Поучени од искуството на насилно враќање и одбивање, тие хрватската граница сѐ повеќе ќе ја перцепираат како опасна и сѐ понепропусна“.

Повеќе: Инциденти на босанско-хрватската граница

Натамошен проблем е и тоа што надлежното хрватско министерство веќе нема да му одобрува азил никому кој бил запрен во незаконски обид за влез, зашто априори се смета дека е тоа обид за злоупотреба на системот за азил. Со други зборови, ќе бидат благонаклони само кон оние кои ќе ги избере МВР во своите мисии на селекција во турските бегалски кампови. Тие „избрани“ бегалци потоа ќе бидат повикани во Хрватска преку програмата за преселба. Меѓутоа, малиот број на остварени доаѓања по ваков пат го доведува во прашање не само успехот, туку и моралот на таа мерка.

Тонино ПицулаФотографија: Pixell/Patrik Macek

Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Тонино Пицула за ДВ вели дека „Хрватска е во чувствителна положба поради тоа што е изложена на нов правец на движење на бегалците од Грција, преку Албанија и Црна Гора, до Босна и Херцеговина“.

„За разлика од времето на бегалскиот бран од 2015 година, кога беше 'проточна етапа', денес на хрватските ЕУ-граници кон Словенија и Унгарија е растегната бодликава жица. Доколку се откаже од целосна контрола кон БиХ или некој друг сосед кој не е член на ЕУ, таа лесно би можела да се претвори во т.н. хот спот, ризикувајќи нови внатрешни, но и надворешнополитички тензии', објаснува Пицула.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми