060709 Kroatien Regierungschefin
7 јули 2009До сега во Хрватска главниот збор го имаа мажите. Жена како претседател на влада - на тоа многумина ќе треба допрва да се навикнат. Јадранка Косор не може да смета со голем политички кредит. Претходникот Иво Санадер остави голем политички и личен вакуум зад себе и згора на тоа сериозни проблеми. И Хрватска се бори со големите тешкотии што ги донесе светската финансиска и економска криза, а освен тоа блокиран и’ е и патот кон ЕУ поради граничниот спор со соседна Словенија.
И тие проблеми сега треба да ги реши некоја жена? Граѓаните на улиците на Загреб претежно со скепса гледаат на таа можност: „Всушност станува збор за комплетната влада, неопходни ни се експерти. А тоа што таа го најавува, тоа се повеќе козметички зафати, тоа е спас за три дена.“
И сопругата на овој соговорник се сомнева во способноста на Јадранка Косор да ја води земјата во тешките времиња. При тоа таа нагласува дека не мисли ништо лошо за новата премиерка, туку само смета дека таа ја нема неопходната решителност: „Таа не може да се пробие и не донесува радо одлуки.“
Не мислат така сите граѓани на Хрватска: „Таа ќе биде енергична, како и до сега. Треба да и’ се даде шанса, наспроти сите предрасуди!“
Преодно решение
Повеќето политички набљудувачи во Хрватска, како и медиумите, сметаат дека Јадранка Косор претставува привремено решение, кое не му е ни од далеку дораснато на претходникот Иво Санадер. Косор е правник со поетска нишка. Таа станала позната во хрватската јавност прво како радио новинарка и тоа особено поради емисијата за бегалци од војната. При тоа покажала големо сочувство и дури знаела да заплаче поради тешките и тажни судбини на луѓето кои што се јавувале во нејзината емисија. Така стекнала голема популарност и таткото на нацијата, Фрањо Туѓман, ја поканил да стане членка на владеачката ХДЗ. Во негово време Јадранка Косор остана повеќе бледа фигура, а односот со Туѓман беше сличен како оној меѓу канцеларот на германското обединување, Хелмут Кол и неговото „добро воспитано девојче“, Ангела Меркел. На неговиот наследник, Иво Санадер, меѓутоа, Јадранка Косор му беше добродојдена фигура за да ја ослободи партијата од строго конзервативниот и националистички имиџ. Тој дури ја истурка на челната позиција во партијата и владата, но до тој момент улогите беа јасно поделени, што се виде јасно и од говорот на Санадер на викендот пред насобраните сопартијци од ХДЗ. „Таа секогаш вредно водеше записник, беше еден од нашите примерни пратеници и храбро се бореше за нашите цели.“
Ваквата пофалба повеќе би и’ доликувала на некоја секретарка на партијата, отколку на новата лидерка и премиерка. Но, Јадранка Косор не дозволи лесно да ја збунат: „Поседувам силна женска рака“ - порача таа пред сопартијците. Така 56-годишната политичарка и разведена, самохрана мајка, успеа да добие доволен број гласови за да стане и нова шефица на владеачката партија.
Повеќе прашања од одговори
При тоа се отвораат повеќе прашања: ќе успее ли Јадранка Косор да го држи под контрола строго конзервативното крило на ХДЗ? Колку долго ќе може да се избори за сопствените одлуки, кога ќе го нема нејзиниот досегашен политички ментор Иво Санадер? И воопшто, има ли Јадранка Косор навистина такви квалитети што можат да ја претворат во хрватска Ангела Меркел? Многумина сметаат дека таа е сепак само преодно решение и дека наскоро во земјата ќе има и парламентарни, заедно со претстојните претседателски избори. Дали за местото шеф на државата ќе се кандидира премиерот во оставка Иво Санадер, тоа никој не може да го каже. Во меѓувреме тој призна дека главна причина за оставката е фрустрацијата поради проблемот со Словенија. Тој имено очекувал дека ЕУ сепак ќе и’ испрати јасен сигнал на Словенија дека треба конечно да ја прекине блокадата на преговорите за прием на Хрватска.
Автор: Андреа Милбергер / Горан Чутаноски
Редактор: Александра Трајковска