Хрватска доби германска „виза“ за влез во ЕУ
17 мај 2013Парламентите на другите земји на ЕУ веќе дадоа зелено светло за Хрватска. Официјалното „да“ недостасуваше само од Берлин. Одлуката на Бундестагот е донесена без гласови против. Само шестмина парламентарци беа воздржани. За договорот гласаа дури и пратениците на Партијата на левицата, иако изразија јасна критика за актуелната политика на ЕУ.
Германија свесно се одлучи последна да го ратификува договорот за приклучување на Хрватска кон ЕУ. Владата не сакаше повторно да се најде на мета на критики како на почетокот на 1990-тите дека особено многу ја преферира Хрватска. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле оцени дека одлуката е историска. „Само една и пол деценија по војната, тешките повреди на човековите права и прогонувањето, ја интегрираме Хрватска во големиот европски мировен проект.“ Вестервеле оцени дека и покрај кризата, привлечната сила на ЕУ останува и натаму голема. „Европската перспектива е гориво на кое работи реформскиот мотор во нашето соседство“, подвлече шефот на германската дипломатија.
Хрватска, по Словенија, е втора од државите кои произлегоа од поранешните југословенски републики која ќе стане член на ЕУ. Таа во Европската комисија ќе има еден комесар - Невен Мимица треба да биде надлежен за заштитата на потрошувачите.