Хрватска е инспиративен противник
7 септември 2012Македонскиот фудбал отвора нова страница во својата историја. Денеска на стадионот Максимир во Загреб репрезентацијата на Македонија има нов почеток во обидите да стигне до толку посакуваната мондијалска сцена. Хрватска е првата од 10-те пречки кои стојат на патот на македонските репрезенти во квалификациониот циклус. Третпат во поновата фудбалска ера Македонија ќе игра на загребскиот стадион. Спомените од претходните два настапи не се пријатни. Пораз во 98-та година со 3:2, пораз во 2007-та со 2:1. Селекторот Чедомир Јаневски, кој на синоќешниот тренинг со своите избраници го почувствува здивот на Максимир го отфрла бремето од минатото за него, ова е ново поглавје:
„Тоа е минато. Резултатски не поминавме добро во тие моменти, иако бевме можеби блиску, но сега имаме нов момент. Ова е почеток на нови квалификации, на нови надежи, кои се појавуваат кај моите фудбалери, желни да постигнат нешто повеќе и да не се повторат слабостите од минатото. Има доста промени во играчкиот кадар во репрезентацијата на Хрватска, исто каков што е случајот и кај нас. Така, во овој момент ситуацијата би требало да биде поинаква. Јас верувам во можностите и во квалитетите на моите играчи“.
Горан Пандев е лидерот на тимот и во овие квалификации. Свесен е за тежината на стартниот натпревар. Хрватска е силен, инспиративен противник , вели македонскиот капитен:
„Помина многу време. Се сменија неколку генерации. Сега, мислам дека нема поголема мотивација за нас. Квалификациите ги почнуваме против Хрватска и подготвени сме за овој предизвик. Хрватска е квалитетна репрезентација и не треба воопшто да се залажуваме дека ќе ни биде лесно во Загреб. Одиграа добро на Европското првенство, имаат големо натпреварувачко искуство. Ние во репрезентацијата имаме повеќе млади играчи“.
Горан Попов, кој штотуку дресот на Динамо од Киев го замени со црно-белиот на англискиот Премиер лигаш ВБА, целосно е фокусиран на вечерашниот дуел против Хрватска. Минуваме низ куси, но содржајни подготовки, вратена е и атмосферата во репрезентацијата, истакнува искусниот бек:
„Во првиот натпревар против Хрватска сакам да се покажеме во добро светло. Да не загубиме во Загреб е мојата желба. Се надевам дека и сите мои соиграчи го мислат истото и со таков мотив ќе истрчаме на теренот“.
Јаневски нема дилеми за составот на тимот
Иако, назначен само пред 10-тина дена, селекторот Јаневски нема дилеми околу 11-мина, кои вечер ќе истрчаат на Максимир. Не го соопштува составот, но клучот на успехот главно ќе го довери на Пандев и Тричковски во нападот, Попов, Новески, Шиков и Георгиевски во одбраната, Тасевски, Демири и Ибраими во средината. Веројатно со асистенција на младиот Георгиев:
„Дилеми јас во овој момент немам. Тимот се знае и се уигрува последниве два дена. Јас верувам во овие играчи. Но, за мене се важни сите 23-ца играчи, не само 11-мина кои ќе стартуваат“, вели Јаневски.
Македонската фудбалска јавност притисната од фудбалското сивило, е во исчекување на зракот, со кој би започнало растерувањето на темните облаци напластени над македонскиот фудбал. Неколку стотини фудбалски фанови, кои отпатуваа во Загреб ќе бидат на помош, посакуваното разведрување да започне вечер од стадионот Максимир.