„Хрватска е колонија на Австрија и Германија“!?
6 јануари 2010Најавите дека Иво Санадер планира да се врати на хрватската политичка сцена ја вознемири владејачката партија ХДЗ. Раководството на партијата одлучи да го исклучи Иво Санадер, кој беше почесен претседател на партијата на актуелната премиерката Јадранка Косор. Ова беше повод за разговор со Анѓелко Милардовиќ, директор на Центарот за политиколошки истражувања во Загреб. Тој го обвинува Санадер за корумпираноста на хрватското општество и го смета за главен виновник за „колонизација на Хрватска“.
По изненадувачкото повлекување од политиката, па обидот за спектакуларно враќање, кое е следното изнедување од Санадер, прашање за професорот Милардовиќ?
„Можни се различни изненадувања, доколку институциите на правната држава не се позанимаваат со претходниот премиер“, вели тој.
Во случај Санадер да успее да собере доволно пратеници, Милардовиќ не ја исклучува можноста од владина криза. По средбата на премиерката Косор со министерот за полиција и државниот обвинител, извесно е покренување на истражна постапка против Санадер поради евентуална вмешаност во корупција, односно, организиран криминал во земјата, што е една од можните причини и за неговиот обид за враќање во политиката, вели Милардовиќ.
Слуга на Виена и Берлин!
„Видовме дека по неговото заминување Косор отвори цела редица пакети. Тие пакети сега пристигнуваат пред неговата врата. Тоа враќање може да се толкува и како обид за запирање на борбата против организираниот криминал“.
Доколку таквиот обид успееше, експертот предупредува дека на Хрватска би и се затвориле вратите за влез во ЕУ во 2012 година, за кога се предвидува стекнување полноправно членство.
„Најлошо е што актерот на тие случувања е човек кој беше третиран како политичар од голем европски формат од страна на Австрија и Германија“.
Според Милардовиќ, Санадер во последните 20 години бил „експонент на интересите на владите и бизнис круговите во Австрија и Германија“, а денешна Хрватска, вели тој, е нивна колонија.
„Сега повеќе го немаме ’високиот претставник’ во ликот и делото на господинот Санадер, па се надевам, бидејќи Хрватска во период на транзицијата стана австриско-германска колонија, дека метрополите Виена и Берлин ќе пронајдат некој политичар, кој ќе ги артикулира интересите на тие влади и интересите на бизнис круговите“.
Улогата на Санадер во приватизацијата
Алудирајќи на улогата на Санадер во приватизацијата, Милардовиќ се прашува како е можно во периодот на транзицијата, мали и непознати локални банки да дојдат во Хрватска? Сепак, тој предвидува позитивно сценарио за земјата во наредниот период.
„Владата ќе се консолидира и мислам дека Јадранка Косор ќе добие поддршка од коалициските партнери и дека ќе продолжи овој процес на борба против корупцијата и организираниот криминал. И конечно сметам дека во оваа борба меѓу ајдучката Хрватска која израсна преку матните бизниси во периодот на транзицијата и онаа Хрватска која се бори за владеење на правото, на крајот ќе победи владеењето на правото“.
Милардовиќ тврди дека обидот за враќање на Санадер не е релевантен за исходот на претседателските избори во земјата следната недела. Случајот Санадер, заклучува тој, е можност за конечна пресметка со структурите на организираниот криминал во земјата, а идниот претседател на државата мора да биде личност која 100-процентно ќе стои зад таа борба.
Автор: Среќко Матиќ/ Борис Георгиевски
Редактор: Жана Ацеска