Хрватска и Словенија далеку од договор за границата
19 јуни 2009Министрите за надворешни работи на двете држави синоќа во Брисел, на маргините на самитот на ЕУ, по краткиот разговор се разделија без нов термин за преговори. Министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Јандроковиќ, и неговиот словенечки колега, Самуел Жбогар, во Брисел имаа средба со еврокомесарот Оли Рен, на која Јандроковиќ изјави: „Бидејќи денеска не постигнавме договор, го пренесов предлогот на нашиот премиер Иво Санадер, да се обидеме да ја надминеме оваа ситуација со потпишување изјава дека нема прејудицирање на границите.“
Разлики во предлозите
Според првиот предлог за заедничка изјава, хрватската и словенечката влада и парламент би констатирале дека ниеден документ донесен по 1991 година не може да ја прејудицира границата. Според вториот предлог, би се барало од двете правни служби, на Европската комисија и на Европскиот совет, заедничко мислење дали било кој документ во врска со пристапните преговори на Хрватска ја прејудицирал државната граница. Ако постои таков случај, Загреб ќе ги повлече тие документи, ако не, тогаш нема причини за словенечката блокада, што значи дека Словенија треба да ги деблокира преговорите во моментот кога би бил усвоен предлогот.
Но, словенечкиот премиер Борут Пахор на хрватскиот предлог реагираше со оценка дека Хрватска истапува од процесот на преговорите кои ги води Комисијата, со што договорот за границата е далеку, а за прекин на словенечката блокада нема ни збор, додавајќи: „Ова беше прилика да го решиме граничниот спор со Хрватска, но со нејзиното сегашно истапување од процесот, тоа е оневозможено.“
Ваквите тврдења на Пахор остро ги отфрли хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Јандроковиќ, кој истакнува дека единствено Хрватска досега го прифатила последниот предлог на еврокомесарот Оли Рен.
Со ова, наместо договор, хрватско-словенечкиот спор влегува во нова фаза на затегнатост. Од кабинетот на еврокомесарот Оли Рен е соопштено дека нема напредок во преговорите, но дека тие продолжуваат, за што тој ќе ги информира членките на ЕУ.
Автор: Ален Леговиќ / Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска