Непријатно изненадување за Јосиповиќ
29 декември 2014Актуелниот претседател Иво Јосиповиќ освои 38,46 проценти од гласовите, а неговата противкандидатка од Хрватската демократска заедница, Колинда Грабар-Китаровиќ - 37,22 насто. Исто толку големо изненадување е донеодамна анонимниот Вилибор Синчиќ, кандидат на Живиот ѕид, кому доверба му дале дури 16,42 проценти од гласачите. Милан Кујунџиќ, кандидат на нагласениот национален патос, демонстрираше уште еднаш дека расцепканата хрватска крајна десница нема потенцијал за посериозни политички зафати, освојувајќи само 6,3 насто гласови.
Синчиќ - повлечен херој на очајниците
Синчиќ, иако така се чини, не се појави поради вакуумот, туку од пропаднатиот слој хрватски граѓани притиснат со конфискување на имотот и исфрлен од станови, како и оние очајници кои таква судбина допрва ги очекува. Тој добро ги запозна своите бирачи преку активноста во организацијата Жив ѕид, која се обидува физички да го спречи исфрлувањето на граѓаните на улица поради направените долгови кои веќе не можат да ги отплаќаат. Не може да се рече дека овој 25-годишен студент со своите настапи ги одушеви разочараните граѓани; со своите изјави тој покажа дека не го разликува бившиот министер за финансии Шукер од бившиот фудбалер со исто презиме, а не знае ни дека Осама бин Ладен е мртов.
Се покажа исто така дека нему не му е пријатна директната комуникација со граѓаните, па на средбите со нив се чинеше - би сакал да биде претседател кој ќе владее од некој агол или пак преку Скајп. Тој ги напаѓаше банките како генератор на злото кој треба да се демонтира, притоа заборавајќи на фактот што граѓаните во тие исти банки имаат над 160 милијарди куни орочени и штедни депозити. И покрај тоа, гласачите на Синчиќ претставуваат голема гласачка резерва за која е тешко да се каже дали во вториот круг избори ќе се приклони кон некој од двајцата преостанати кандидати.
„Од морални причини не можам да им кажам на своите гласачи да изберат меѓу Јосиповиќ и Грабар-Китаровиќ, тоа го препуштам на нивната совест“, изјави Синчиќ, најавувајќи инвестирање на стекнатиот политички капитал во скорешните парламентарни избори.
Десницата и натаму импотентна
Неуспехот на Милан Кујунџиќ многумина го припишаа на начинот на водење на неговата кампања - агресивно понижување и навредување на противкандидатите. Наместо да ги поврзува, тој предизвикуваше делби на гласачите, а притоа малку нешто кажа за својата програма и начинот како планира да ја оствари.
Тој индиректно ги повика своите избирачи во вториот круг да гласаат за Колинда Грабар-Китаровиќ, нарекувајќи ја „природен избор“. Позата на запален патриот, кој до пладне спасува животи во операционата сала, а попладне се грижи за националните интереси, на овие избори не даде очекуван резултат, но се чини ова сепак не е заминување на Кујунџиќ од политиката, туку подготовка за влез во парламентот.
Претседателот среде проблеми
Единствена која вчерашните избори може да ги прогласи за свој неспорен успех, е Колинда Грабар-Китаровиќ, кандидат на партијата која успеа да се консолидира и покрај бројните обвинувања и една изречена пресуда за корупција. Грабар-Китаровиќ успеа, и покрај својот несмасен настап со изјави, на пример како на сиромашните им остава храна покрај контејнерите, но и мамење на јавноста дека „поради Хрватска и изборите“ се одрекла од работа во НАТО и плата за која хрватските граѓани, па дури и самиот претседател, можат само да сонуваат. Постигнатиот резултат е над сите очекувања, велат неофицијално и членови на ХДЗ кои се надеваа на втор круг, но и не и на ваков убедлив влез во него. Истовремено членови од СДП, неофицијално, го фалат нејзиниот синоќешен (28.12) говор во кој најавува обединување на бирачкото тело.
„Го ценам вашиот избор, но вие заслужувате подобро. Целиот хрватски народ заслужува подобра и попросперитетна Хрватска, која има верба во своите ресурси и своите луѓе“, им порача таа на гласачите на Иво Јосиповиќ.
Изборната ноќ на актуелниот хрватски претседател Јосиповиќ пак му донесе незгодно сознание дека може да остане првиот хрватски шеф на државата со само еден мандат. Нему не му помогна ни министерката за социјална политика од СДП, Миланка Опачиќ со тоа што Синчиќ и Живиот ѕид ги нарече „шарени лаги“, заборавајќи дека токму гласачите на Синчиќ во вториот круг може да го решат победникот на изборите. Јосиповиќ најави во следните две недели кампања во која ќе повикува на единство, но и ќе укажува на бројните корупциски скандали на ХДЗ.
„Недопустливо е да се заборави- оние кои до вчера ја крадеа Хрватска, сега мислат оти од денес можат да претставуваат чесност“, изјави Јосиповиќ, повторувајќи ја намерата да ги укине неправдите и општеството да го направи праведно и успешно.
Незгодниот и поагресивниот делот од кампањата би можел да го преземе шефот на СДП и премиер Зоран Милановиќ, кој нагласи дека поддршката од неговата, многумина би рекле, неуспешна влада, на Јосиповиќ му била и своевиден товар, со кој ќе мора да се справи и во вториот изборен круг.
„Во врска со знамињата кои ги виорат од ХДЗ, тоа не го менува фактот, оти се работи за партија окарактеризирана како злосторничка организација, без оглед која им е маскотата во моментов“, изјави тој, најавувајќи две возбудливи недели пред хрватските граѓани, во кои мора да ја донесат важната одлука „или ние или тие“. Премиерот овој остар заклучок го изрече свесен и за влијанието на овие избори врз парламентарните, на кои избирачите ќе се изјаснуваат идната година. Милановиќ, во секој случај, ја прими пораката на незадоволните граѓани.