Хрватска не смее да значи крај на ЕУ-проширувањето
1 јули 2014Во Хрватска немаше еуфорично проевропско расположение ни пред приемот во ЕУ, а една година потоа-уште помалку. Причините се очигледни. Економски и инвестициски пораст, како и поголема вработеност, изостанаа, на земјата дури и‘ оди уште полошо отколку претходно. Невработеноста сега се движи на ниво на онаа во Шпанија и Грција, рецесијата трае веќе пет години, а владата не успева да го санира буџетскиот дефицит. За разлика од ситуацијата по приемот на Полска или Словенија во 2004 година, странските инвестиции по влезот на Хрватска во Унијата дури значително се намалија: корупцијата, бирократијата и ригидниот пазар на труд им се пречка на претпријатијата. ЕУ-членството не е никакво волшебно средство, со кое сите тешкотии ќе бидат однесени одеднаш и се‘ ќе биде подобро Кон тоа дојде фактот што веќе ја нема бесцаринската трговија, што Хрватска претходно ја имаше со земјите од поранешна Југославија. И обратно, хрватските производи сега имаат силна конкуренција од увозот од другите земји од ЕУ.
Баксуз-погрешен момент
Тоа не значи дека на Хрватска ќе и‘ беше подобро надвор од ЕУ. Што се однесува на расположението на двете страни, земјата имаше баксуз да стане членка на Унијата во погрешен момент. При големиот бран проширување со десет нови членки во 2004 година владееше радост и на исток и на запад. Европа, се чинеше, недвојбено ја надмина својата децениска поделеност. Затоа, ретко кој вистински загледуваше дали земјите кандидати ги исполнуваат целосно политичките и економските услови за прием. Ова прогледување низ прсти подоцна се одмазди со приемот на Бугарија и Романија во 2007 година. До денес повеќе западни влади им забележуваат на Бугарија и Романија за тешката корупција и дефицитите во судството. Тоа предизвика во случајот со Хрватска да се вршат построги проверки. Потоа стигна финансиската и должничката криза. Држави како Грција, Португалија и Ирска мораа да бидат спасувани од банкрот. Откако ЕУ се најде на работ, првенствено во богатите западни стабилни земји исчезна расположението да се навлечат нови проблематични случаи на вратот.
Нема стабилност без перспектива за прием
Така, расположението се смени во основа. По Хрватска е засега крај на приемот нови земји, потшепнуваа многумина. А тоа го почувствуваа луѓето од останатите делови на поранешна Југославија. Хрватскиот пример е поука за другите. Глобализацијата во секој случај изнудува структурни промени и бара конкурентност. Но, и целосното затворање на вратите и несакањето прием на натамошни држави, е поедноставување на работите. На ЕУ, навистина, од економски аспект не и‘ се потребни земји како Србија, Албанија или Македонија, чисто економски погледнато, тие на подолг рок би биле повеќе загуба отколку добивка. Но, политички, ЕУ мора да биде заинтересирана за потрајно стабилизирање на поранешна Југославија. На пример, токму проблемот меѓу Србија и Косово нема да се реши без пристапна перспектива. Процесот на прием можеби ќе трае долго, но луѓето во овие земји мора да имаат конкретна надеж дека нивните напори не се залудни.
Балканот треба да има поинаков третман од Турција или Украина
Може да се спори околу географските граници на ЕУ. Може да се спори околу тоа дали Турција културолошки припаѓа во Унијата, со неа се преговара со години безволно и неискрено за прием, иако големо мнозинство во ЕУ е стриктно против, а Турција со години се оддалечува од европските вредности. Може да се спори дали Украина или Грузија можат некогаш да бидат полноправни членки или дали цената на долготрајно непријателство со Русија би била превисока. Но, целиот Балкан, сосема сигурно, мора да има јасна европска перспектива.
Регионот за ЕУ е премногу централен за да биде препуштен сам на себе како постојано буре барут. Оваа цел, меѓутоа не може да се постигне спротивно на луѓето. Но, отрезнувањето на двете страни може дури да биде и од помош: во земјите кандидатки сега на европската перспектива се гледа многу пореалистички отколку пред десет години, но и кај старите членки повеќе реализам не би штетел. Кај нив дојде до драстична осцилација од слепа проширувачка треска до категорично одбивање на нови членки, пред, да се надеваме, да се стигне до разумна средина.