Хрватска (повторно) е балканска држава
2 декември 2013Прилози за исходот на референдумот во во Хрватска објавија веќе доцните дневници на телевизите од германскиот јавен сервис. Во нив беше истакнато дека граѓаните на новата членка на Европската унија со „уверливо мнозинство“ се изјасниле во Уставот на земјата да биде утврдено дека бракот е животна заедница меѓу мажот и жената и оти тоа е „резултат на големото влијание на црквата“ врз избирачите во Хрватска- забелешка која во германската јавност никако нема позитивно значење.
И најзначајната германска новинска агенција ДПА објави вест дека „католиците во Хрватска постигнале убедлива победа“ и оти „католичкиот модел на бракот успеал да влезе во Уставот“. Истата агенција пренесува и оти одзивот на референдумот бил само 38 насто што претставува нов негативен рекорд а се пишува и за насловната страница на хрватскиот интернет портал index.hr, кој под кукастиот крст во боите на хрватското знаме објави дека „65 насто од граѓаните се одлучиле за дискриминација“.
Дури и германските медиуми кои се заговорници на алтернативните животни заедници, во првичните извештаи многу објективно и воздржано јавуваат за резултатите на еферендумот во Хрватска. На интернет порталот queer.de, кратко јавуваат дека „во балканската земја населението одлучило да има забрана на хомосексуалните двојки да стапат во брак“ и оти тоа е исход од референдумот кој пред сѐ бил поттикнат и поддржан од тамошната католичка црква. Овој портал објавува фотографија од папата Франциско кој потпишува маица на припадниците на движењето „Во име на семејството“ и која ќе разочара многу граѓани на Германија, кои полагаат голема надеж во новиот папа.
Од запад на Истокот до исток на Западот
Сепак веќе има и коментари па така и Норберт Мапес- Нидик во весникот Берлинер Цајтунг својот коментар го насловува „Исток на Западот“. Тој потсетува дека насекаде на истокот на континентот хомосексуалноста стана тема околу која се возбудуваат духовите и оти тоа всушност не било секогаш така: „За време на комунизмот тамошните закони често биле полиберални отколку на Западот, а и меѓу граѓаните имало повеќе толеранција отколку во малограѓанска западна Европа во повоениот период“.
„Хрватска досега беше запад на Истокот и никаде толку многу не се истакнуваше сопствената западна култура како во оваа земја“, пишува коментаторот на Берлинер цајтунг. „Откако на 1. јули годинава Хрватска и пристапи на ЕУ, стана исток на Западот. Како што изгледа, таму се решителни таа улога и да ја играат со подеднаква самодоверба“
Мапес- Нидик ги цитира и противниците на референдумот меѓу кои е и хрватската влада и сите либерални интелектуалци кои предупредуваат дека Хрватска со овој референдумо се „вбројува во иста линија со земји како Белорусија, Унгарија, Србија“. Коментаторот на Берлинер цајтунг пренесува дека и „храбрата хрватска влада“ барем сака да донесе залон за истополовите заедници, но коментарот завршува со зборовите: „ќе биде напрегнато да се набљудува исходот на таа битка“.