1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска посегнува по грчкиот рецепт на блокада

СН/нцц/дп9 април 2016

Ненадејното блокирање на пристапните преговори на Србија од страна на Хрватска се вклопува во лошата регионална традиција, која започна со блокадата на Грција на евроинтеграциите на Македонија, пишува Ное цирхер цајтунг.

Фотографија: DW

„Не е добар знак за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ: Белград и понатаму мора да чека на зелено светло за да започне пристапни преговори со ЕУ. На маса се поглавјата 23 и 24, кои ги тематизираат владеењето на правото и човековите права. Додека Европската комисија и другите членки се залагаат за почеток на преговорите, Загреб во петокот ги блокираше разговорите“, пишува угледниот швајцарски весник „Ное цирхер цајтунг“ (НЦЦ). Хрватска бара подобри услови за хрватското малцинство во Србија, промени на кривичниот закон кој се однесува за гонење на потенцијални воени злосторници, и подобра соработка со Хашкиот трибунал. Од Загреб, пишува швајцарскиот весник, велат дека не сакаат да и’ поставуваат на Србија пречки на патот туку да и’ помогнат во исполнување на стандардите.„Хрватскиот блокирачки маневар се совпаѓа во лошата регионална традиција. Со години членката на ЕУ Грција го блокира приближувањето на Македонија кон Унијата, за да ја принуди да го промени своето уставно име. И самата Хрватска за време на процесот на пристапување беше жртва на соседот Словенија. Љубљана со изнуди се обиде во своја полза да го реши граничниот конфликт во Јадранското море, така што ги торпедираше преговорите на ЕУ со Хрватска. Очигледно Загреб од овој конфликт извлекол погрешни заклучоци- и покрај предупредувањето на Европската комисија дека билатералните прашања се решаваат со разговори помеѓу двете страни, а не со блокирање на преговорите за пристапување“, пишува циришкиот весник.

Понатаму се наведува оти климата помеѓу Хрватска и Србија ја влошило и тоа што во Загреб за министер за култура е поставен Златко Хасанбеговиќ кој порано покажуваше симпатии за фашистичка Хрватска и усташката држава. Весникот пишува дека неодамна поради тоа претставниците на еврејската заедница го откажаа учеството на комеморацијата во Јасеновац, кој останува предмет на расправа меѓу Загреб и Белград. „Бројот на убиени во Јасеновац е старо јаболко на раздорот меѓу српските и хрватските националисти, кои во перверзна игра се обидуваат да ја надгласаат другата страна во тоа кој бил поголема жртва.“

Златко ХасанбеговиќФотографија: picture alliance/PIXSELL/L. Stanzl

Тајни преговори во Виена?

Виенскиот дневен весник „Пресе“ пишува за косовската блокада на камионите кои стигнуваат од Србија која, според белградските медиуми, ја чини Србија околу 60.000 евра дневно. Поради тоа, пишува „Пресе“, расте притисокот од српските бизнисмени врз владата во Белград. Весникот дознава уште дека од почетокот на неделата претставници од Србија и Косово под контрола на ЕУ одржале тајни состаноци во Виена и оти е планирано да се сретнат повторно наредната недела.

„Камионскaта кавга се’ повеќе се развива во препрека за понатамошно приближување на Белград и Приштина“, пишува виенскиот весник. „Властите во Косово тврдат дека блокадата на српските теренски камиони се всушност контрамерка. Имено, Белград не ги признава т.н. АДР-сертификати кои се издаваат на Косово за косовските камиони. Со овие сертификати мораат да бидат означени транспортите на стока во Европа. Србија на работите гледа сосема поинаку. „Ни сите други земји не ги прифаќаат АДР-сертификатите издадени на Косово, бидејќи Косово не е членка на АДР“, вели директорот на косовската кацелари во српската влада, Марко Ѓуриќ, за „Пресе“. Тој на неодамнешниот состанок во Виена ја предводеше српската делегација.

Во потегот на приштинските власти Ѓуриќ гледа стратешка игра: „Тие сакаат ние како прва земја да ги прифатиме нивните АДР-сертификати. Но нив смеат да ги издаваат само овластени служби на членките на АДР. Приштина со тоа всушност сака да не’ примора на мала врата де факто да ја признаеме државноста на Косово“, додаде Ѓуриќ за виенскиот весник.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми