Од ЕУфорија до разочарување
9 април 2014За граѓаните на Хрватска влезот во Европската унија не беше прашање на „подобар живот на Запад“. И претходно тие уживаа визна слобода и без проблеми патуваа низ светот, а еврото и онака беше паралелна валута со стабилната куна. Но, влезот во Унијата ја оствари својата симболична функција - беше фатен чекорот со соседна Словенија, која и онака многумина ја сметаа за најнапредна република од поранешна СФРЈ, а остварена е и предност пред Србија, со која Хрватска војуваше. За многумина тоа беше делумно признание за праведноста на Татковинската војна, на чиј почеток тогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман постојано истакнуваше дека „и кога немала целосен државно-политички субјективитет, Хрватска била нераздвојно поврзана со западноевропската цивилизација“
Од апатија до депресија
Граѓаните на Хрватска во Европската унија влегоа реалистично, без преголеми очекувања и еуфорија, тврди аналитичарот Жарко Пуховски. Тој, сепак, во разговорот за Дојче веле наведува дека не се исполниле ниту оние мали очекувања поврзани со приемот. „Хрватска, со делумен исклучок на Шведска пред 20-тина години, е единствена земја која влегла во ЕУ, на која не само во економски поглед, како на Шведска тогаш, туку во секој поглед ѝ е полошо отколку порано“, наведува Пуховски и притоа не ја обвинува Унијата. Тоа, смета Пуховски, предизвикало продолжување на апатијата и депресијата која се однесува на сите политички конструкции, па и на Европската унија. „Тоа не е типичен националистички став, кој би преферирал национална држава наместо ЕУ, туку се живее во уверување дека ни нема помош и оти никој, па ни Унијата, не може да ѝ помогне на Хрватска“. Кога во Хрватска би се подобрила економската ситуација, кога земјата би излегла од повеќегодишната криза и ставот кон Унијата би се променил, уверен е Пуховски.
Претприемачите со мешани чувства
Хрватска, сосем сигурно, од кризата нема да се извлече толку бргу. Владата за состојбата делумно го обвинува воздржаниот инвестициско-деловен сектор, а тој пак, објаснува аналитичарот Дамир Новотни, немаше уедначени очекувања од отворањето на големиот европски пазар и можностите што ги пружа: „Дел од претприемачите кои беа ориентирани на европскиот пазар, веќе сега чувствуваат полза од отворањето на границите. Сега полесно го водат бизнисот, размислуваат за нови инвестиции и за тоа како да се кандидираат за кофинансирање од европските фондови“, наведува Новотни, нагласувајќи дека меѓу претприемачите има мешани чувства. Кратко кажано, големите фирми се изложени на поголема конкуренција и дополнителен притисок, особено оние кои порано уживаа определена царинска заштита, како прехранбената и кондиторската индустрија, а сега животот им го отежнуваат големите трговски синџири со увозна стока: „Овие претприемачи не се воодушевени од влезот во ЕУ“, вели Новотни.
Земјоделството и натаму неорганизирано
Како губитници од влезот во ЕУ се чувствуваат и многу земјоделци. Тоа го потврдува и агрономот Мирослав Ковач од здружението „Живот“ во кое членуваат семејни земјоделски домаќинства. Тој смета дека влезот во ЕУ сепак имал повеќе негативно влијание врз хрватското село: „Се зголеми увозот на храна, се чувствува неорганизираноста на селаните. Тоа е некомпатибилно со системот на ЕУ и дополнително го зголемува негативното влијание околу влегувањето во Унијата“, вели Ковач. Причина за тоа, тој гледа во фактот дека земјоделството било недоволно подготвено. „Нестабилниот пазар на земјоделски производи стана уште понестабилен. Земјоделците и семејните домаќинства немаат моќ и не се преговарачки силни. Големите системи кои доминираа во производството на храна исто така се неподготвени“.
Редовните протести на селаните, тврди Ковач, не се резултат на повисок степен на организираност, каков што има кај земјоделците во други делови на ЕУ. „Тие се сосем спротивно, последица на неорганизираноста, бидејќи земјоделците со нив не постигнаа никаков резултат“, вели Ковач, дополнувајќи дека Хрватска станала зависна од увозот на прехранбени производи.
Лекарите бегаат од Хрватска
И хрватскиот здравствен сектор не профитира од приемот во ЕУ, смета Ивица Бабиќ, портпарол на хрватскиот лекарски синдикат. „Материјалниот статус и условите за работа се влошени, а социјалните и работничките права намалени“, тврди Бабиќ. Притоа укажува на новиот закон за труд, за кој многумина велат дека би можел дополнително да ја влоши состојбата. Имам впечаток дека властите го чекаа приемот во ЕУ за да спроведат натамошни рестрикции“. А дека ниту лекарите не очекуваат премногу од европска Хрватска говори фактот дека повеќе од 400 лекари побарале документи кои им овозможуваат вработување во други земји од Унијата.
Депресивни се и просветните работници. Состојбата на вработените во основните и средните училишта се влошила во сите области, вели Жељко Стипиќ од синдикатот на работници во хрватското образование „Препород“. „Поради повеќекратни кратења, вработените во училиштата останаа без износи во висина од една месечна плата“, нагласува синдикалецот. Деновиве неговиот синдикат очекува нови кратења: „Неизвесност, страв и загриженост се трите збора кои најдобро ја опишуваат состојбата во образованието. Очекувањата беа поинакви и ние се надевавме на позитивни придвижувања, меѓутоа меѓу учителите преовладува разочарување“, вели Стипиќ.
Брисел како место за пресметка со Србија?
И ако од една страна не знаат да ги искористат европските предности за економски развој на земјата, сепак од друга страна политичарите со десна ориентација се сѐ поартикулирани во намерата да ја искористат доминантната положба над Србија, која штотуку преговара за членство во Унијата. Ова е, сметаат тие, шанса да се отворат архивите на Југословенската народна армија, да се откријат податоци за исчезнатите, да се повратат уметничките дела отуѓени во војната и Србија конечно да признае дека извршила агресија врз Хрватска.
Аналитичарот Пуховски се надева дека нема да дојде до тоа. „Од премиерот Иво Санадер преку Јадранка Косор, до Зоран Милановиќ, вклучително и претседателите Стипе Месиќ и Иво Јосиповиќ - сите повторуваа дека Хрватска во однос на Србија нема да ја користи својата позиција на толку грд начин како што тоа го правеа и прават Словенија спрема Хрватска и Грција кон Македонија“, истакнува Пуховски. Сепак, тој не е сигурен дека такво нешто нема да се случи, со оглед дека економската криза во Хрватска им дава ветер во крилјата на националистите.