Хрватска: Предизборна трка по пари
27 декември 2014Актуелната кампања за избор на претседател на Хрватска се одликуваше, меѓу останатото, со внимание свртено кон приватните донатори на четворицата кандидати за највисоката државна функција. Поради релативниот недостиг на конкретни политички содржини кои ги застапуваат кандидатите, факт што веќе го констатираа бројни медиуми и општествени аналитичари, добар дел од јавната расправа се премести кон индиректните показатели. Дури би можело да се каже дека во хрватската политика денес повеќе се коментираат одделни мецени, отколку самите нивни избраници.
Тоа открива еден многу значаен момент во политичките односи во Хрватска. Прашањето на финансирање на предизборните кампањи, партиски и претседателски, е комплексно и деликатно, а се однесува на поделбата на влијание и овластувања пресудни за животот на државата и на пониските управни единици. Технички гледано, можно е притоа да се одвојат повеќе аспекти: потекло на парите, количество и обем на јавните и приватни извори на финансирање, разграничување на буџетот за кампања од редовното работење на партијата, надзор над трошењето на парите, јавна транспарентност на целиот процес.
До закон со притисоци
Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ на 23 декември во врска со оваа тема рече дека е познато оти „смислата на донирање за кампања е тоа дека оној кој донира немам никаква полза од тоа“. Но за во тоа да поверуваат повеќе и претседателот и останатите кандидати, како и оние кои подаруваат пари, донесен е закон за финансирање на политичките активности и изборен маркетинг, којшто регулира макар дел од оваа проблематика. Сепак, за тој да биде изгласан и потоа дополнително уште и доработен, беа потребни години на притисок од страна на невладиниот сектор врз различни нивоа на власта во Хрватска.
„Се‘ до законот во 2007 година и дополнувањето во 2011 година, тоа подрачје беше исклучително несредено. Сега, пак, е многу регулирано“, оценува Горан Чулар од Факултетот за политички науки во Загреб. Тој потсетува на воведувањето ограничувања за приватни донации - 200 илјади куни за правни лица, значи претпријатија и установи, а 30 илјади за физички лица - покрај финансирањето со државни пари според освоените гласови. Тука е и задолжителната транспарентност, а дополнително е воведено и ограничување за максимална потрошувачка во кампањите. „И иако не сум поборник за тотална регулација, во нашиот случај тоа се покажува како нужно. Од друга страна, ниту тој закон не помогна за да не ни се случи аферата со Иво Санадер и Фими-медија“, нагласува Чулар.
Одек на старите компромитации
Тој цели на случајот на незаконско пренасочување јавни пари на партиска сметка, извршено токму во време на предизборна кампања. На последиците од тоа упатува и извршниот директор на здружението ГОНГ, Драган Зелиќ, кој нагласува дека кандидатката на ХДЗ за претседател на Хрватска, Колина Грабар-Китаровиќ „има посебен товар и одговорност, зашто нејзината партија има неправосилна пресуда поради малверазции со финансирањето, а таа самата беше и министерка во владата на Санадер“. Од друга страна, не помалку јавна критика е насочена и кон Иво Јосиповиќ.
Зелиќ е на мислење дека Јосиповиќ „мора јасно да разграничи што се вбројува во службено однесување, а што во кампања, за да не влезе во сива зона на злоупотреба на јавните ресурси“. Зад сегашниот претседател веќе со години одекнуваат дубиозите врзани за една донација на тајкунот Роберт Јежиќ, која Јосиповиќ не сакаше да ја врати откако е откриена коруптивната поврзаност на Јежиќ со Санадер. Не помогнаа ниту барањата на работниците од притоа инволвираното претпријатие во стечај - Диоки, иако тие нагласија дека тие 200 илјади куни би им дошле и тоа како добро.
Самите ограничувања не се доволни
Кампањата за претседател сега донесе интересни акценти. Јосиповиќ јавно го критикуваше противкандидатот Иван Вилибор Синчиќ поради користење возило од марката Јагуар, иако станува збор за стар и релативно евтин автомобил кој самиот сопственик го отстапи донаторски за кампањата. Колинда Грабар-Китаровиќ не сака да ги објави имињата на своите донатори до истекот на законскиот рок за поднесување на извештајот, но во јавноста протече вест за донација на генералот и бизнисмен Анте Готовина. Самиот Готовина пак брзо демантираше со зборовите дека и не знаел за тоа, туку се работи за уплата на неговиот партнер од сметката на заедничката фирма.
Зелиќ и Чулар сугерираат дека освен начелната регулација е нужно да се подигне квалитетот на надзорот, без кој нема да има соодветен ефект на самите ограничувања, како што е оној за максимален трошок од осум милиони куни за првиот круг на претседателската кампања. Актикорупцискиот активист Зорислав Антун Петровиќ, повикувајќи се на едно свое истражување од 2013 година, потсетува дека најлошо оценетиот дел од системот се однесува на веродостојноста на извештајот на партиите за финансирање на кампањата и механизмите на контрола, како и санкционирањето на неправилностите.
Останатиот дел од проблемот се однесува на сузбивање на влијанието на приватните кругови на интереси врз идните јавни функционери и службеници. Различни држави тоа прашање го уредуваат на различен начин. Горан Чулар е на мислење дека во Хрватска би требало повеќе да се активира ресурсот - партиска членарина. „Доволно би било партиската членарина годишно да изнесува 100 наместо 10 куни. На тој начин јавните финансии би можеле малку да се растоварат“, оценува тој.