1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Релативизирање на злосторствата на усташите?

Денис Ромац
4 декември 2018

Може ли да се говори за „буење на усташки ревизионизам“ во Хрватска? Мислењата за тоа во земјата се разидуваат, исто како и за начинот на кој законски треба да се третира користењето на усташка иконографија и поздрави.

Kroatien 2017 | Schändung von Kriegsmonument in Zagreb
Фотографија: picture-alliance/dpa/HINA/Z. Kuhtic

Дали Хрватска има проблем со усташкиот поздрав „За дом спремни“ и со разгорувањето на усташката идеологија и негационизмот? Судејќи според бројните апели на разни општествени актери - има. Усташкиот поздрав „За дом спремни“ експлицитно не се споменува во ниту еден хрватски закон, ниту во Уставот, а и судската практика, кога станува збор за неговата забрана, е различна. Истарското демократско собрание (ИДС), деновиве предложи дополнување на Кривичниот законик со кое експлицитно би се забранило и би се казнило употребувањето на овој поздрав.

ИДС со своите партнери бара затворска казна од 6 месеци до 2 години за секој кој пропагира усташки слики и симболи. Овој закон е работен по пример на законот кој постои во Италија, а од неодамна и во Австрија, која усташките симболи ги смета во ист ранг како симболите на „Исламска држава“, пропишувајќи затворски и високи парични казни за нивно користење.

Поразителна анализа на јавната правобранителка

Од ИДС порачуваат дека последните години непречено се печатат книги, се пишуваат и објавуваат текстови и интервјуа, се одржуваат трибини, се снимаат документарни филмови и емитуваат телевизски емисии во кои се негира или се намалува злосторничкиот карактер на НДХ, додека државните институции тоа го игнорираат.

Фотографија: picture-alliance/dpa/APA/G. Eggenberger

Властите главно го игнорираа и неодамнешниот извештај на јавната правобранителка Лора Видовиќ, во кој таа ги обвини државните институции оти го премолчуваат издигнувањето на НДХ, ги релативизираат усташките злосторства и „Усташоносталгијата“, но и сите нејзини прашања на таа тема. Властите го игнорираа и неодамнешниот апел на претставниците на националните малцинства настрадани од страна на усташкиот режим и антифашистите за алармантното ширење на ревизионизам и негационизам кои, како што тврдат во апелот, имаат поддршка од Католичката црква и од Хрватската телевизија (ХТВ).

Повеќе:

-Моја Европа: Глорификацијата на фашизмот мора да престане!

-Хрватска: Строго толерирани усташки симболи

-„За дом спремни“ – лажна историја на лажните патриоти

Претставниците на српското, ромското и еврејското малцинство, и антифашистите, во своето писмо упатено до челните луѓе во Хрватска, изразуваат загриженост поради сѐ побројното и пораширеното навредување на сеќавањето на жртвите на НДХ, повикувајќи ги одговорните „одлучно и безрезервно“ да ги осудат таквите случувања, наместо да испраќаат свои претставници на нив.

Мејнстрим или маргина?

Властите и нивните критичари во овој случај не можат да се согласат ни околу основните факти. Додека едните предупредуваат дека Хрватска се соочува со „процут на усташкиот ревизионизам“, за властите тоа е маргинална појава. „За жал, не станува збор за маргинална појава. Ако станува збор за целосно неказнив и јавен говор на концерти, на јавниот сервис и во парламентот, тогаш можеме тоа да го наречеме и процут“, оценува за ДВ историчарот Твртко Јаковина.

Твртко ЈаковинаФотографија: privat

Светот познава два главни модела на соочување со овој проблем: германски и американски. Додека германскиот модел јасно ги одредува границите на слободата на говор кога станува збор за десничарскиот екстремизам и иконографијата, американскиот модел е пофлексибилен и во него се дозволени дури и маршеви на неонацистите, сѐ додека не се работи за отворено насилство.

Јаковина е уверен дека во Хрватска, во која и онака е сѐ пропишано „до последна точка“, е применет германскиот модел. Поради тоа Јаковина го поддржува предлогот и Хрватска, по примерот на Италија и на Австрија, прецизно законски да го забрани и да го санкционира користењето на усташката иконографија и на усташкиот поздрав. „Во Хрватска овој проблем е поизразен, поопасен и повеќе е дел од 'мејнстримот' отколку што е тоа случај во Италија или во Австрија. Ревизионистичките идеи во Хрватска се прифаќање и толерирање во академската и во наставничката заедница, и затоа мислам дека би било добро нешто да се преземе. За разлика од многу други земји, ние поради тоа имаме бројни проблеми, одвоени комеморации и говор на омраза кој е присутен на различни нивоа“, објаснува Јаковина.

Забраните се контрапродуктивни

Јосип Јурчевиќ

Историчарот Јосип Јурчевиќ, од друга страна, е уверен дека во Хрватска во овој случај е многу поприменет американскиот модел кој, смета, е подобар од забрани. „Иако во американскиот модел нема забрани, тој не дозволува со јавни средства да се финансира нешто што е спротивно на американските уставни вредности“, објаснува Јурчевиќ и додава дека забраните се контрапродуктивни бидејќи произведуваат спротивен ефект, особено кај младите.

„Треба да се осврнеме кон поважни прашања, како функционирањето на правна држава, поправеден даночен систем или оневозможување да се тргува со мандатите во Собранието, а не со непродуктивни теми како што е 'цутот на усташтвото' Целосно е погрешно сите нас кои сме родени по Втората светска војна, а станува збор за поголем дел од населението, да нѐ мерат според критериумите на Втората светска војна. Тоа е крајно неправедно“, заклучува Јурчевиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми