Хрватска тоне и не очекува помош од Брисел
22 март 2014За граѓаните на Хрватска влезот во ЕУ не е прашање на „подобар живот на Западот“. И порано тие без проблеми патуваа по светот, а еврото и така беше како паралелна валута на стабилната куна. Но, приклучувањето ја оствари својата симболична функција – фатен е чекор со Словенија, која многумина ја сметаа за најнапредната република во поранешна СФРЈ, а остварено е оддалечување од Србија, со која Хрватска војуваше.
Хрватска влезе во Унијата исцрпена од маратонските преговори и кризата. Оние кои тогаш зборуваа дека „Унијата ќе ја доведе Хрватска во ред“ денес немаат никакви очекувања од Брисел, кого го доживуваат како огромен бирократски апарат за беспотребно трошење на пари и промовирање на неолиберализмот. Со европската Хрватска не се задоволни ниту научниците, ниту претприемачите, а посебно не земјоделците, работниците во здравствениот сектор и наставниците. „Просечниот граѓанин“ живее сѐ потешко, предупредуваат синдикатите.
Од апатија до депресија
Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски за Дојче веле оценува дека очекувањата од ЕУ не се исполниле.
„Хрватска, со делумно изземање на Шведска пред дваесетина години, е единствената која влезе во ЕУ, а да и е, не само економски како на Шведска тогаш, туку во секој поглед полошо отколку што и беше претходно“, наведува Пуховски и за тоа не ја обвинува Унијата. Тој смета дека ова се изродило од продолжувањето на апатијата и депресијата, која се однесува на сите политички конструкции, па и на ЕУ.
„Се живее во уверувањето дека тука нема помош, како и дека никој, па ниту Унијата, не би можел да и помогне на Хрватска“, вели Пуховски. Кога ќе се подобри економската ситуација во Хрватска, кога земјата би излегла од повеќегодишната криза и ставот кон Унијата би се променил. „Ако тоа се случи, тогаш ќе бидат потребни неколку години да се промени свеста за состојбата“, предупредува тој.
Помешани чувства
Сосема сигурно Хрватска нема така бргу да се извлече од кризата. Владата за лошата состојба делумно го обвинува деловниот сектор, кој се воздржува од инвестиции. Тој, пак, немал единствени очекувања од отворањето на големиот европски пазар и од можностите кои тој ги нуди, објаснува економскиот аналитичар Дамир Новотни.
„Делот од претприемачите, кои се потпираа само на домашниот пазар и на домашната побарувачка, не ја дочекаа Унијата со голем ентузијазам. Но, малите и средни претприемачи, кои беа ориентирани кон европскиот пазар, тие веќе сега ја почувствуваат користа од отворањето на границите. Сега полесно водат бизнис, размислуваат за нови инвестиции и за тоа како да се кандидираат за кофинансирање од европските фондови“, наведува Новотни, нагласувајќи ги помешаните чувства во претприемачкото опкружување.
Или поедноставено – големите компании чувствуваат конкуренција и дополнителен притисок, посебно оние кои порано уживаа одредена царниска заштита, како што е прехранбената и кондиторската индустрија. Тие претприемачи не се воодушевени од влезот во ЕУ.
Незадоволни се и хрватските селани. „Се зголеми увозот на храна и се почувствува неорганизираноста на селаните“, вели агрономот Мирослав Ковач од здружението „Живот“. „Нестабилниот пазар на земјоделски производи стана уште понестабилен“, оценува тој.
Лекарите бегаат, наставниците премалку платени
Од ЕУ не профитираа ни здравствениот сектор, ни лекарите, смета Ивица Бабиќ од Хрватскиот лекарски синдикат.
„Материјалниот статус и условите за работа се влошени, а социјалните и работнички права се намалени“, тврди Бабиќ. „Не се почитуваат европските стандарди во однос на работничкото законодавство и работничките права. Имам чувство дека власта го чекаше влезот во ЕУ за да тргне со рестрикции, притоа не водејќи сметка дека треба да се продолжи позитивниот процес на усогласување со Унијата“, вели Бабиќ.
Дека ниту лекарите не очекуваат премногу од европска Хрватска покажува и податокот дека повеќе од 400 доктори побарале документи за вработување во други земји на Унијата.
Депресивни се и наставниците. Положбата на вработените во основните и средни училишта по сите прашања е дополнително влошено, смета Жељко Стипиќ од Синдикатот на вработените во хрватското образование „Препород“.
„Со губењето на поединечни материјални права и со повеќекратното намалување на платите, вработените во училиштата останаа без износ во висина на една нивна месечна плата“, објаснува синдикалецот. Друг проблем се честите закани со отказ, а деновиве треба да следува ново кратење на платите. „Неизвесност, страв и загриженост – тоа се трите зборови со кои најдобро се опишува состојбата во образованието“, додава Стипиќ.