Хрватска ќе се изначека за екстрадицијата на Санадер
10 мај 2011Поранешниот хрватски премиер Иво Санадер останува во притвор. Неговите адвокати Горан Суиќ и Вернер Зупан најавија жалба до судот во Линц. Oдлуката на второстепената судска инстанца би требало да биде позната за 14 дена, но не се исклучуваат ниту жалби до Врховниот и Уставниот суд. „Поради тоа целата постапка на израчување би можела да потрае и до една и пол година, колку што траеше израчувањето на Владимир Загорец“ проценува адвокатот Анте Нобило.
Со него се согласува и претседателот на хрватските лабуристи, Драгутин Лесар, кој е сигурен дека Санадер нема да биде екстрадиран пред парламентарните избори во Хрватска. СДП не сакаше да ја коментира одлуката за израчување на Санадер, оти како што рече поранешната министерка за правда, Ингрид Античевиќ Мариновиќ, „предупредувавме кога беше време, сега зборот го има правосудството.“
Санадер инаку се противи да биде израчен, оти неговите адвокати не ги добиле на увид документите од кои јасно би било видливо за што точно се товари, поради наводна политичка мотивираност на апсењето. Меѓутоа по измена на одредбите од Казнениот закон, тие списи не може да се добијат, се’ додека не го сослуша Службата за борба против корупцијата и организираниот криминал (УСКОК). Освен тоа, според зборовите на Санадер, кои во јавноста ги пренесе неговиот виенски адвокат Вернер Зупан, во Хрватска не постојат услови за праведно судење, како што предвидува Конвенцијата за човекови права.
Блокиран имот вреден 4 милиони евра
Хрватска инаку го товари бившиот премиер за злоупотреба на службена положба и овластувања и незаконско тргување. Постои сомневање дека службите биле оштетени за десетици милиони куни. По налог на загрепскиот жупански суд, во Австрија се замрзнати околу 1,5 милиони евра имот на Санадер - пари, главно најдени во сефови. Во Хрватска, пак, на семејството Санадер им се блокирани околу 3 милиони евра, пари, движен и недвижен имот.
Аферата Санадер е непријатна за цела Хрватска, особено за владејачката ХДЗ, оти покажува не само сомнителни начини на финансирање на партиите, особено за време на кампањи, туку и до која мера е раширена корупцијата во земјата, најтесно поврзана со раководствата на партиите и државата.
Автор: Гордана Симоновиќ/ Александра Трајковска
Редактор: Борис Георгиевски