1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватските пет невидливи години во ЕУ

Зоран Арбутина
2 јули 2018

Пред 5 години Хрватска стана членка на ЕУ. Тоа беше долго очекуваниот крај на еден политички пат. Во меѓувреме копнежот по Европа го замени освестувањето од реалноста, смета Зоран Арбутина.

Kroatien, Zagreb: EU-Beitritt Kroatiens - Feuerwerk am See Bundek
Фотографија: picture-alliance/D. Puklavec

Уште пред пет години кога Хрватска стана членка на ЕУ, воодушевувањето беше умерено – како во земјата, така и во ЕУ. Беше први јули 2013. Еврокризата во полна пареа. ЕУ и Европската централна банка беа зафатени со тоа Грција, Португалија и Ирска да ги спасат од банкрот. Италија и Шпанија важеа за загрижувачки климави кандидати. Во германските медиуми се ширеше загриженоста за милијардите на даночните обврзници и се велеше дека: „ЕУ си го присвои следното проблематично дете". Во британските весници уште тогаш имаше написи кои велеа: „Земете го нашето место, ние и онака наскоро ќе ја напуштиме".

И во Хрватска воздржано се прославуваше: од една страна сметаа дека со членството во ЕУ само се оконча нешто што одамна требаше да се случи. Хрватите отсекогаш се сметале за дел од Европа, па оттаму не мораа ни да тропнат за да бидат примени, беше ставот на мнозинството, како и тоа дека требаше да бидат примени многу порано, во секој случај пред Бугарија и Романија. Од друга страна имаше загриженост околу последиците за речиси неконкурентната хрватска економија на заедничкиот европски пазар – стапката на невработени лица уште тогаш изнесуваше 20 проценти. Единствена светла точка за Хрватите тогаш беа европските фондови: во многу медиуми тогаш се тематизираа милијардите кои ќе ѝ стојат на земјата на располагање.

Повеќе: 

Хрватите сѐ понезадоволни од ЕУ

Пирански Залив: строго контролирани инциденти

Хрватска: Од надежно до „проблематично дете“

Одливот на мозоци како подарок

Денес, пет години подоцна, и натаму никому не му е до славје. Што добро ѝ донесе ЕУ на Хрватска ни најголемите приврзаници на членството не можат конкретно да кажат, освен ако масовното иселување на добро едуцирани млади Хрвати во другите западно-европски земји не се смета за придобивка. Иако тогашниот претседател на Европската комисија Мануел Баросо ја пофали земјата за „напредокот во борбата против корупцијата" и за „зацврстувањето на правната држава", според индексот за корупција на Транспаренси интернешенел, ситуацијата во најмладиот член на ЕУ се има од тогаш влошено за еден бод на листата и земјата сега се наоѓа на 58. место од вкупно 180 држави.

Од другастрана, од хрватска перспектива членството во ЕУ не може да се прикаже како голем успех. Со години ЕУ запаѓа од една криза во друга. Заедницата која тогаш ја сметаше за своја задача наводната европска стабилност да ја прошири и на Балканот, денес самата е понестабилна од било кога. Една „заедница на вредности", која на внатрешен како и на надворешен план сѐ повеќе е под притисок од десничари популисти, „нелиберални демократи" и националисти. Таквата ЕУ актуелно и не е некој пример за Хрватска која по прашањето на толеранцијата и правната држава е помалку развиена.

Земјата од нејзиното членство во ЕУ не можеше да профитира ниту на економски план, што се огледува во фактот дека во просек дневно 180 луѓе ја напуштаат земјата и заминуваат во Ирска, Германија или Австрија. Претежно се работи за добро едуцирани амбициозни млади луѓе.

Зоран Арбутина

Стравот како аргумент

Во билансот за петгодишното членство на Хрватска остана уште т.н. „геостратешки фактор". Јужна Европа најдоцна по војната во Југославија во 90-тите години се смета за нестабилен и опасен регион. Целта е да се внесе траен мир и да се стабилизира регионот. Освен тоа, тука е вечната опасност од туѓи влијанија: Руси, Турци, Кинези или Саудијци – сите тие како само да чекаат на тоа преку Балканот да направат мост за своите интереси.

Имајќи го токму ова во предвид, тогашниот премиер на Хрватска Зоран Милановиќ на ЕУ ѝ вети дека неговата земја ќе биде „линкот што ги поврзува и другите земји од јужна Европа". Сакаат да бидат нешто налик на стратегиски миротворец, се велеше тогаш. Од тие ветувања не излезе ништо: со владата во Словенија Загреб со години спори за неколку километри долго заливче во Јадранското Море, Босна и Херцеговина ја провоцираат со изградбата на мост преку нивна територија, а со Србија Хрватска повеќе негува конфликтни отколку кооперативни соседски односи.

Ако се земе тоа во предвид, концептот на „експорт на мир" преку „европска перспектива" за останатите балкански земји, како што тоа ЕК во моментов го формулира, е повеќе желба отколку резултат на сталожена анализа. Би можело да биде така, но не мора.

Дарба да се лета под радарот

Наместо до половина празна, чашата може да се гледа и половина полна: пристапот на Хрватска не ѝ наштети на ЕУ – ниту обратно.

А, другите балкански земји пак можат и натаму да го гледаат примерот на Хрватска: неколку нужни реформи, неколку закони кои звучат добро, ветувања кои звучат уште подобро – сето тоа изгледа изводливо. А, кога веќе еднаш ќе станат членки, исто како Хрватска ќе може да летаат под радарот. Хрватска во изминатите години не покажа голема иницијатива во Брисел. Големите и онака имаат доволно стрес едни со други. Па така, јас ја подигам до половина полната чаша и на Хрватска ѝ посакувам наредните пет години да ги користи подобро отколку првите пет. За свечена здравица актуелното расположение сепак не е доволно!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми