1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватските фабрики го селат производството во БиХ

Синиша Богданиќ / Елизабета М. Фиданоска13 мај 2013

Со влезот во ЕУ, Хрватска излегува од Договорот за слободна трговија во централна Европа (ЦЕФТА). Тоа ќе и‘ нанесе големи штети во меѓународното тргување, тврдат многу стопанственици. Притоа најмногу ќе профитира БиХ.

Фотографија: Koelnmesse

Земјите на ЦЕФТА, по влезот на Хрватска во ЕУ, ќе воведат нови или ќе ги зголемат постоечките царини на стоката увезена од Хрватска, поради што некои хрватски фабрики најавија преселба на производството во Босна и Херцеговина. Со тоа Хрватска би загубила 4000 работни места, во ситуација кога во Заводото за вработување се регистрирани 365.000 граѓани. Можна селидба во Мостар или Бања Лука најави ТДР, Краш извозната програма ќе ја пресели во Приједор, додека Франк треба да го засили производството во Груде. Економскиот институт од Загреб процени дека излегувањето од ЦЕФТА негативно ќе влијае врз хрватскиот брутодомашен производ за 0,4 проценти. Но, економските стручњаци што ги консултираше ДВ, сметаат дека во овој момент е сепак тешко да се предвиди иднината, со оглед на тоа што ни самите не знаат под кои услови Хрватска ќе тргува со сегашните членки на ЦЕФТА.

БиХ - најважен хрватски пазар

Ружица Гело, директор на Центарот за ЕУ на Хрватската стопанска комора (ХГК) оценува дека ситуацијата треба да се гледа на две нивоа: „Едно се индустриските производи, а друго земјоделско-прехранбените производи“, вели таа и додава дека ЦЕФТА-пазарот во хрватскиот извоз има удел од околу 21%.

Промените по 1 јули, што се однесува до индустриските производи, ќе го зафатат извозот кон Србија, затоа што царината ќе се зголеми за дел од тие производи до крајот на оваа година, а потоа на првиот ден од 2014 година тие би се вратиле на нулта стапка. Со оглед на тоа што Косово и Молдавија немаат склучен Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, порастот на царините ќе го зафати и извозот во тие земји.

Хрватска минатата година извезла во БиХ производи во вредност од 450 милиони долариФотографија: Ognjen Alujevic

Ситуацијата е многу полоша со земјоделско-прехранбените производи, објаснува за ДВ Гело. Уделот на пазарот на ЦЕФТА во извозот на тие производи изнесува 45% и тој е поважен од пазарот на ЕУ, и покрај фактот дека европскиот пазар е повеќекратно поголем. Притоа, за Хрватска е најважен пазарот во БиХ, во која минатата година е извезена храна во вредност од 450 милиони долари. Постоечкиот трговски режим со Загреб ќе престане да важи по 1 јули, а ќе почне примена на договорените режими кои секоја земја членка на ЦЕФТА го договори со ЕУ низ Договорот за стабилизација и асоцијација.

Хрватска и БиХ не применуваат царини при размена на земјоделско-прехранбени производи, но ситуацијата наскоро ќе се  промени драматично. При влез во БиХ ќе се царинат хрватски производи во вредност од 100 милиони долари, посебно месни, млечни и кондиторски производи, како и цигари.

Се‘ е на Европската комисија

Ваква ситуација не е новост на подрачјето на ЕУ и се случува при проширување на Унијата. Кога Словенија влезе во ЕУ, постетува Гело, Хрватска ја примени Спогодбата за стабилизација и асоцијација така што во нејзе ги вгради трговските односи што претходно ги имаше со Словенија. Гело нагласува дека меѓународната трговска политика е таква што никогаш не се оди назад во поглед на либерализацијата. Хрватска, се разбира, нема право сама да води преговори, но тоа за нејзе го прави Европската комисија, а сето тоа го следи Дражвниот уред за трговка политика (ДУТП).

Дека преговори веќе се водат, потврдува и заменик претседателот на ДУТП, Татјана Томиќ: „Би можело да се каже дека тие се веќе готови со три држави - Албанија, Македонија и Црна Гора. Добро се напредува и со Србија, но има проблем во преговорите со БиХ. Очекуваме дека Европската комисија тоа до некаде ќе го ’испреговара’.“

Со пристапот во ЕУ Хрватска очекува натамошна либерализација на трговијатаФотографија: picture-alliance/dpa

Загуба за Хрватска што не може да се надокнади?

„Не би рекла дека пазарите се ненадокнадиво загубеним, затоа што нашите производи се присутни таму. Ние во тоа вложувавме со децении и таа препознатливост ќе остане сосема сигурно“, вели Гело.

Околу најавите за губење работни места и преселба на производството во БиХ Ружица Гело нагласува дека големите хрватски фабрики се веќе присутни на тој начин во регионот. „Не би рекла дека ќе се случи голема преселба. Можно е отворање на некои погони“, оценува таа.

Дека нема да има драстична загуба се согласува и Татјана Томиќ од ДУТП, особено со оглед на тоа што 70% од трговијата со државите на ЦЕФТА, особено во делот на индустриски производи, ќе останат нечепнати. Томиќ наведува дека на подрачјето на ЦЕФТА Хрватска веќе е присутна со околу 600 фабрики, во облик на сопствеништво или претставништво. Од нив, 300 веќе сега се во БиХ. „Некои од познатите хрватски брендови веќе преселија дел од производството и го проширија производството во БиХ“, вели таа, додавајќи: „Но, од друга страна, веруваме дека фабриките од БиХ би сакале да имаат и полесен пристап до европскиот пазар. Во таков случај и тие би можеле да го преселат производството во Хрватска“, заклучува Томиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми