ХРВ: новинарите се третираат како непријатели на Балканот
2 декември 2016Новинарите во земјите од Западниот Балкан работат во непријателско опкружување кое им го отежнува критичкото известување, соопштува Хјуман Рајтс Воч. Една година откако истата организација документираше пречки во слободата на медиумите во БиХ, Србија, Косово, Црна Гора и Македонија, владите во регионот и институциите на ЕУ не презедоа конкретни мерки за да го решат проблемот. Дополнително, на површина излегоа нови проблематични случаи.
„Во време кога никогаш не било поважно, независното новинарство е исправено пред ѕид на Западниот Балкан“, вели Лидија Гал, истражувач за Западниот Балкан во Хјуман Рајтс Воч. „Тоа нема да се смени доколку ЕУ не им стави апсолутно јасно до знаење на владите на Западниот Балкан дека нивните европски аспирации зависат од успешни и слободни медиуми“.
Во делот за Македонија, повикувајќи се на податоци на Здружението на новинари на Македонија, ХРВ наведува дека владата не идентификувала ниту еден осомничен во 30 напади врз новинари во последните четири години.
Во Македонија, како и низ регионот, владата го користи рекламирањето како средство за вршење притисок, заклучува ХРВ.
Во интервју за ДВ, Лидија Гал вели дека клучна улога во заштитата на медиумите во регионот треба да одигра ЕУ, но се бараат мерки и од германската влада.
„Сакаме германската влада и парламентарците да бидат поостри во пораките во однос на ограничувањето на слободата на медиумите на Западниот Балкан. На новинарите им е потребна сета поддршка која можат да ја добијат, затоа што во моментов се чувствуваат напуштено и надворешниот притисок е клучен за било какви промени во овие земји“, вели Гал за ДВ.