1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030809 CDU Parteispenden

5 август 2009

Десет години по откривањето на донаторската афера во ЦДУ, заднината и натаму е нејасна. Еден од главните актери во неа е лобистот во трговијата со оружје Карлхајнц Шрајбер, кого Канада и го испорача на Германија.

Карлхајнц Шрајбер, клучна фигура во афератаФотографија: picture-alliance/ dpa

Речиси непробивна испреплетеност од дубиозни зделки со оружје, илегални пари и парични трансфери, залудни налози за апсење и попречена истрага - аферата со донациите за Христијанско-демократската унија до темел ја потресе партијата, нејзиниот тогашен претседател Волфганг Шојбле мораше да се повлече, а почесниот претседател Хелмут Кол да ја стави во мирување функцијата.

Беше како мала снежна топка, која предизвика огромна лавина. Во ноември пред десет години судот во Аугсбург издаде налог за апсење на Валтер Лајслер Кип, поранешен благајник на ЦДУ, оти не пријавил и не била оданочена парична донација за партијата од лобистот во трговијата со оружје Карлханјц Шрајбер. Според истрагата, парите наводно биле „провизија“ од фирмата „Тисен“ за испораката на тенкови од нејзино производство, на Саудиска Арабија. Се покажа и дека тоа не бил единствен дубиозен трансфер на пари кон касите на ЦДУ - од поодамна имало сметки во странство и илегални каси со пари кои не биле пријавени како донации.

Канцеларот призна дека примал донации

Кон средината на декември истата година Бундестагот востанови парламентарна Истражна комисија за донаторската афера, за да се расветли: можело ли да се купат политички решенија во време на владата на Кол? Уште истата вечер поранешниот канцелар Хелмут Кол на телевизија призна дека примил донации и ги внесол во касата на ЦДУ, без да ги декларира имињата на донаторите, како што е пропишано. „Тие донатори ми ги доделија сумите под предуслов да не ги наведам како донатори. Тоа беа германски граѓани, од ниедна од браншите кои има врска со владата. Тие сакаа да ми помогнат. Јас немам намера да ги наведам нивните имиња, оти дадов збор“.

Канцеларот Хелмут КолФотографија: AP

Тој негов „чесен збор“ ја турна ЦДУ во длабока криза. Се покажа дека Кол во периодот од 1993 до 98 примил околу два милиона тогашни марки во готово. Аферата придоби уште пошироки димензии. На виделина излезе и скандалот со парични донации за покраинската организација на ЦДУ од Хесен. При приватизацијата на источногерманската рафинерија „Лојна“ и нејзината продажба на францускиот концерн „Елф-Акитен“, политички поддржана од Хелмут Кол како канцелар и од францускиот претседател Франсоа Митеран, на ЦДУ и’ било исплатено мито од околу 50 милиони евра.

Партијата се дистанцираше од почесниот претседател

Хелмут Кол и Ангела МеркелФотографија: dpa

Во јануари 2000 година раководството на ЦДУ се дистанцира од почесниот претседател на партијата Хелмут Кол, тој ја стави во мирување таа своја функција. Ангела Меркел, тогаш генерален секретар на ЦДУ, многу активно го турка ослободувањето на партијата од својот ветеран, за да ја извлече од скандалот. Kако последица на премолчувањето на Кол за донациите, ЦДУ мораше да плати казна од 6,5 милиони марки, односно преку 3 милиони евра. ЦДУ од покраината Хесен, поради неточните годишни финансиски извештаи, беше казнета со повеќе од 41 милион марки.

ЦДУ го кршела законот?

Во 2002, по две години работа, претседателот на парламентарната Истражна комисија, социјалдемократот Фолкер Нојман, извлече негативен биланс. „Во оваа комисија беа кажани многу невистини, претпазливо речено. Можам и брутално да кажам: беше многу лажено“.

ЦДУФотографија: AP

Според Ханс-Кристијан Штребеле од Зелените беше јасно: „... дека ЦДУ со години значително го кршела не само законот за партиите, туку таа партија на чело со тогашниот канцелар Хелмут Кол е виновна за повеќекратна политичка корупција“.

Андреас Шмит, претставник на ЦДУ во Истражната комисија, дојде до сосем поинаков заклучок: „Владата на Хелмут Кол не била подмитлива. Да беше ова суд, ќе беше ослободена“.

Во меѓувреме, Волфганг Шојбле призна дека примил донација од 100 илјади марки од Шрајбер и ги предал на партиската благајничка Бригите Баумајстер. Нејзиното тврдење беше обратно - таа ги земала парите и му ги предала на Шојбле. И ова остана неразјаснето, но за Баумајстер значеше крај на политичката кариера, а Шојбле мораше да го напушти местото претседател на ЦДУ. На чело на партијата дојде Ангела Меркел.

Во аферата судски беа осудени поситни актери, постапката против Кол во судот во Бон беше запрена. Обвинителството во Аугсбург мораше да се брани од попречувањата од политиката, обвинителот Јерг Хилингер загина во сообраќајна несреќа во април 1999, кратко време по истражувањето на првите сомнителни моменти во аферата. До денес не е разјаснето дали беше убиство или несреќа. Имињата на донаторите до денес се непознати, ниту колку вкупно пари биле во игра.

Автор: Дафне Гратвол / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми