1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуавеи и ЕУ: Без забрана, но со ограничувања

Барбара Везел
31 јануари 2020

Во случајот со Хуавеи, Европската комисија го следи примерот на Велика Британија - се реши за компромисно решение во однос на изградбата на 5Г-мрежата. Кинескиот провајдер може да се вклучи, но со одредени ограничувања.

Logo Huawei
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Porzycki

„Против сајбер-нападите сме толку силни, колку што е силна најслабата алка во синџирот“, предупреди Маргрете Вестагер. Еврокомесарката за конкуренција побара од земјите членки до пролет да ја спроведат новата рамковна регулатива за безбедност во проширувањето на 5Г-мрежите. Станува збор за врската меѓу кинескиот производител на телекомуникациска опрема и владата во Пекинг, без директно да се именува кинескот телекомуникациски гигант. Откако САД изврши огромен притисок врз Европа, Хуавеи целосно да се исклучи, ЕУ сепак се реши за фазен пристап.

„Ние не сме наивни“

Проблемот со проширувањето на 5Г-мрежата е тоа што покрај Кинезите во Европа, само уште два провајдери ги имаат потребните производи: Ериксон од Шведска и Нокиа од Финска. Доколку навистина сѐ треба да оди толку бргу со имплементација на новата технологија како што е планирано - до крајот на годината над 100 европски градови ќе треба да нудат 5Г-мрежа - тогаш тоа тешко дека може да се направи без техниката што ја нуди Хуавеи.

Од друга страна, заканата е позната: „Ние не сме наивни“, нагласува еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон, иако никој не би сакал некого да го понижи или неосновано да го критикува. Не само поради предупредувањата од Вашингтон, ЕУ е свесна дека ако мрежната технологија е доставена од Кина, тоа ќе значи директно отворање на портата за целосен надзор од страна на „Големиот брат“ во Пекинг.

Интервју со шефот на Хуавеи на англиски јазик

13:06

This browser does not support the video element.

ЕУ се одлучи за компромисно решение: на земјите членки им се обезбедуваат т.н. „алатки“ со критериуми за проверка на идната мрежна безбедност. „Ги опремуваме земјите и нивните телеком-провајдери со алатки за изградба на европска инфраструктура со високи безбедносни стандарди, со цел сите да извлечеме корист од напредната 5Г-технологија“, вели еврокомесарот од Франција.

Бидејќи, Европејците стравуваат дека ќе заостанат во меѓународната конкуренција без имплементирање на супербрзата 5Г-мрежа, со која може да се пренесе голем волумен податоци за многу кратко реално време. Тие, на пример, треба да се користат за контрола на автоматизираните фабрики со роботи на иднината. Европејците и тука, слично како кај производството на батерии за електромобили, беа технолошки „заспани“ и не развија навремено доволно капацитети за самостојно проширување на мрежата.

Игра на сигурно

Во принцип проширувањето на мрежите е задача на самите земји членки. Тие, исто така, може да одлучат како ќе го направат тоа и преку кој провајдер. Од друга страна, постои заедничка обврска мрежите да се заштитат од сајбер напади, кои заради „меѓусебната поврзаност“ може да влијаат врз сите земји членки. Според директивата, провајдерите со висок ризик треба да се одвојат од „критичките и сензитивни“ делови на мрежата. Оваа проценка следи врз база на еден извештај, кој земјите членки го поднесоа минатата зима, и во кој тие самите ги идентификуваат ранливите области и слабите точки во дигиталната инфраструктура.

Во централните делови на мрежата никако не смее да бидат вградени кинески делови, особено не онаму каде што може несвесно да бидат преземени податоци од изворот. Компонентите на Хуавеи пак може да бидат вградени во надворешните делови, како и кај деловите за пренос и прераспределба, каде што не е поврзана целата маса на податоци.

Маргрете Вестагер смета дека сајбер-безбедноста и изградбата на мрежата се важни задачиФотографија: DW/J. Faget

Комесарката Вестагер како безбедносно релевантни ги наведува и одбранбените институции, како и истражувачките институти и таму ЕУ-зејмите би требало да играат на сигурно при изборот на провајдери. Притоа директните инвестиции од трети земји – пред сѐ од Кина – треба да поминат низ безбедносна проверка пред да добијат одобрување.

Правила за заштита на трговијата и конкуренцијата може да бидат употребени за да се држат настрана некои понудувачи. Истото важи за јавни тендери и проекти финансирани од ЕУ, каде сајбер-безбедноста е еден од критериумите за изборот на изведувачот.

Освен тоа, потребно е што е можно повеќе понудувачи да бидат користени во развојот на национална мрежа за да се минимизира ризикот. „Ризиците ни се познати и ние ги идентификувавме, земјите членки сега мора да демонстрираат одговорност", предупредува Маргрете Вестагер.

Фазното решение на Унијата ѝ излегува пресрет на канцеларката Меркел. Таа однапред предупреди да не се исклучува Хуавеи целосно од пазарот. Како европското решение ќе биде применето во Германија и колкав удел ќе им припадне на Кинезите на крајот ќе одлучи коалициската влада во Берлин, каде ставовите сѐ уште не се сосем испеглани.

5Г-мрежите се користат при производство на индустрски стоки кое се потпира врз роботиФотографија: picture-alliance/dpa/R. Roeger

На иста линија со Велика Британија

Британците проценката за пристапот на Хуавеи до нивниот пазар ќе ја правеле по слични критериуми, се работело „за случај на конвергенција”, како што го објаснува комесарот за внатрешниот пазар на Унијата, Бретон, изненадувачкото поклопување на одлуките во Лондон и Брисел. Вчера владата на Борис Џонсон одлучи дека независно од заканите и обидите за уцена од страна на американската влада, ќе имаат сличен пристап при поставувањето на 5Г-мрежата. На кинеската компанија ќе ѝ се овозможел пристап до британскиот пазар, така што ќе може да ја испорачува потребната технологија, но само за маргиналните и не толку сензибилни делови од мрежата.

Велика Британија со тоа на два дена пред Брегзитот се најде во редок пример на поклопување со европските одлуки и регулативи. Двете страни одлучија компанијата Хуавеи да не ја исклучуваат целосно од пазарот, но сепак да се третира со претпазливост.

Тоа покажува дека интересите им се на иста бранова должина. Имено, двете страни не сакаат да си ги загрозат трговските односи со Кина, но истовремено сакаат да се одбранат и од преголемата контрола од страна на кинеските власти. Исто така не сакаат да дозволат САД да им налага какви одлуки треба да носат. Случајот со кинескиот технолошки гигант изгледа е пример каде членките на ЕУ и Британците, исто како во минатото, се наоѓаат на иста страна на преговарачката маса.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми