Хуманитарна катастрофа во Сирија
2 април 2015Недостига се‘ - храна, медицинска нега, покрив над главата. Голем број Сиријци го немаат ниту најнеопходното, едноставни нешта како кебиња и облека. ОН сега соопштија дека на над 12 милиони граѓани на Сирија им е итно неопходна помош. Од нив 5,5 милиони се деца. Емирот на Кувајт, шеикот Сабах ал-Ахмад ал-Сабах, оцени дека станува збор за „најголемата хуманитарна катастрофа на новото време“.
За да може да се помогне, ОН, Црвениот крст и Црвената полумесечина за тековнава година бараат 2,9 милијарди американски долари. Првпат ОН поднесуваат калкулација со која е опфатена не само Сирија, туку и соседните земји, пред се‘ Турција, Либан и Јордан. Тие имаат примено 4,3 милиони бегалци. За да им се даде поддршка, според ОН, неопходни се дополнителни 5,5 милијарди долари. Вкупните трошоци значи изнесуваат околу 8,4 милијарди долари. Германија учествува во меѓународната помош од 2012 година со околу една милијарда долари.
Досега е обезбеден само мал дел од средствата
Според Оксфам, од овој износ досега се ветени или обезбедени само околу 850 милиони американски долари. Тоа, како што за ДВ вели референтот на Оксфам за итна помош Николаи Линк, се должи на тоа што се минати само три месеци од годината и голем дел од средствата се‘ уште не се стигнати. Тоа би можело сега да се промени со донаторската конференција во Кувајт. Публицитетот игра голема улога и кај хуманитарни прашања. „Некои држави радо чекаат за својата помош да ја објават на донаторски конференции проследени со медиумско внимание, како денеска во Кувајт.“ Затоа Линк е оптимист во поглед на идните износи.
Колку и да се чини на прв поглед висок износот, тој се релативизира со оглед на страшниот биланс кој зад себе го оставија четирите години војна. Големи делови од земјата немаат водоснабдување. На околу 12 милиони луѓе им е итно неопходна помош.
Нема ниту медицинска нега. Од војната се уништени над половината од сириските болници. Освен тоа, оштетени или сосема разурнати се и околу 1,2 милиони куќи. Над 1,6 милиони Сиријци немаат цврст покрив над главата. Загрижувачка е и состојбата со снабдување со храна. Речиси 7 проценти од Сиријците страдаат од акутна потхранетост, а два процента се многу неисхранети.
Тешка помош
Многу организации се подготвени да им дадат поддршка на бегалците. Дел од нив, покрај ОН, се и хуманитарни невладини организации. Николаи Линк нагласува дека начинот на којшто тие работат се разликува многу. Оксфам има дозвола од сириската влада да помага и во рамки на сириските граници. Работата е особено тешка во регионите каде што се водат борби или во околината на градовите кои се под опсада. „Ние соработуваме со локалните организации, кои често и ни овозможуваат пристап до овие зони“, вели Линк. На тој начин помош може да добијат и оние пет милиони Сиријци кои живеат во региони, за кои ОН оценуваат дека се „тешко пристапни“.
Други хуманитарни организации работат според „cross-border“ принципот, значи пружаат помош од соседните земји, често и без дозвола од сириската влада. Тоа значи дека нивната работа не е без ризик. Освен тоа, овие организации мора да стравуваат и дека ќе бидат спречени во работата од страна на страните во конфликтот.
Сосема без помош остануваат луѓето кои живеат во региони окупирани од „Исламска држава“ или други терористички организации. Таму хуманитарните организации не може да продрат. Работата во тие региони едноставно е премногу ризична.