Хунко: Гласањето беше мирно и добро организирано
28 април 2014„На денот на претседателските и предвремените парламентарни избори престојував во Mакедонија, каде како член на набљудувачите на Советот на Европа го следев гласањето на 12 изборни места во Скопје и Велес. Морам да кажам дека гласањето, според она што го видов, се одвиваше мирно, без проблеми и добро организирано. Луѓето, гласачите, како и изборните одбори беа добро информирани и навистина немам никакви забелешки“, вели за ДВ Андреј Хунко, пратеник од Партијата на Левицата и член на Комисијата за Европската унија во Бундестагот.
Што се однесува до забелешките кои ги даде ОБСЕ околу пристрасноста на медиумите и спојувањето на државата со партијата, кои доминирале во деновите пред гласањето, Хунко вели дека во Македонија бил само еден ден, премногу кратко за да може да даде свои квалификации за наведените неправилности. Во секој случај, како истакна, претстои анализирање на сите забелешки, и секако следење на целокупната состојба во Македонија, каде поради најавениот бојкот на социјалдемократите има опасност од политичка криза.