1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Паметењето на поезијата

12 април 2021

Хусто Хорхе Падрон не ја опеа само родната Шпанија, туку и родината што ја избра со љубовта кон Клео – Македонија. Пишува Кица Колбе.

Justo Jorge Padrón
Фотографија: Fernando Alvarado/Agencia EFE/imago images

Во спомен на големиот шпански и македонски поет Хусто Хорхе Падрон

Кога си заминуваат големи поети како Хусто Хорхе Падрон (Justo Jorge Padròn,1943-2021), светот за миг занемува. Затоа што најкревкото, поетскиот збор, секогаш прави светот да почне да жубори и шумоли. Кога светот ќе го напушти поетот кој ја изговараше космичката болка, од темницата на болката во пандемијата која го замолкна неговиот глас, неговите поетски зборови почнуваат да блескаат со светлината на ѕвездите на небото. Загубата на голем поет, кој во љубовта кон својата Клео го посвети својот поетски збор на нејзината Македонија со истата сила, како што таа се вплоти себеси со сета душа во неговата Шпанија и во шпанскиот јазик, е болна и за секој Македонец што ги познава и почитува обајцата. Тој не ја опеа само родната Шпанија, туку и родината што ја избра со љубовта кон Клео – Македонија. Само оние што добро ги познаваат обајцата, знаат колку самопрегор и сила вложија тие во промоцијата на Македонија во шпанската култура. Со нивниот препев песната на неброени македонски поети прозвучи и остана забележана засекогаш на шпански. А Клео стана невидливата струна, низ која во творечки чин на љубовна посветеност се преобразуваа Хустовите згуснати стихови од шпански во македонски. Во нив често го слушав и далечниот звук на зборовите од нашето заедничко егејско детство. Затоа што Клео често зацрпува во препевот на македонски во паметењето на костурскиот говор на нашите егејски мајки и роднини. Нашите мајки беа неразделни другарки во младоста во Бапчор. Останаа поврзани во верно пријателство до крајот на животот. Ги обединуваше и нивната тага по своите ќерки, кои љубовта ги однесе во еден друг свет. Хусто Хорхе Падрон беше еден од ретките светски познати поети кои егејската траума ја направи своја, сочувствувајќи длабоко со неа.

Кица КолбеФотографија: Privat

Згуснатоста на зборот

Поезијата на германски се нарекува „Dichtung". Тоа буквално значи да се згуснува. Што значи, поетот ги згуснува зборовите. Во поетскиот чин се згуснува светот во збор. А тогаш светот навистина почнува да жубори и да шумоли. Да се создава поезија значи да се открива миговно тајната на убавината, на страдањето, на љубовта, во истиот момент кога сето тоа се заклучува, се скрива од светот во елиптичноста на зборот. А потоа зборот се отвора како свиток само за оние што имаат дарба да се нурнат во згуснатоста на зборот како во длабок океан. Затоа поетите ја имаат во себе силата на ураганот, но и кревкоста на најблагиот ветрец.

Поезијата е паметењето на светот преобразено во изрек и тајна. А тајна се сите значајни нешта во нашите животи, од раѓањето до смртта. Поетите знаат, како што знаеше и Валтер Бенјамин, еден од најсуптилните поети меѓу филозофите, дека „паметењето е вистинската мера на животот.“ Кога човештвото ги губи поетите, има уште надеж за него, затоа што тие му го оставаат лекот – својата поезија. Кога светот ќе ја изгуби или ќе ја заборави поезијата, тој тогаш самиот станува варварски.

Други колумни од авторката:

За лечебната моќ на литературата и на читањето

Присутноста во мајчиниот јазик

„Тајното писмо“ во книгите

За силата на поезијата најдобро сведочат поетите кои ги искусија логорите и прогонствата. Такви како Осип Манделштам и Паул Целан. Затоа што сознаа дека пред разорната моќ на злото, пред варварството има сила само најкревкото во светот – поетскиот збор. Примо Леви, италијанскиот поет со еврејско потекло, кој речиси една година помина во логорот во Аушвиц, сведочи во автобиографската книга „Човек ли е ова?“ (Se questo è un uomo?", 1947) за спасителната моќ на поезијата. Раскажувачот му дава часови еден млад затвореник ползувајќи го како невидлива читанка своето паметење на Дантеовата „Божествена комедија“. А тоа е доволно за обајцата да се издигнат во една димензија која им дава сила да го преживеат лудилото на Аушвиц. Кога стојат во ред за ручек, главниот лик му ги рецитира и му ги толкува на сострадалникот прочуените стихови на Данте. Примо Леви со своето паметење на Дантеовите стихови станал жива книга, која не ја спасува од заборавот само поезијата, туку дава сила и да се преживее злото. Човекот можел да го сочува достоинството дури и среде варварството во Аушвиц, во кое беше редуциран на материјал и на затворенички број, се‘ додека во  него живеело паметењето на поезијата. Затоа ужасот на Аушвиц најсилно беше опишан во згуснатите зборови на „Фугата на смртта“ на Паул Целан.

Заборавот на паметењето

Само неколку години по крајот на Втората светска војна, Реј Бредбери го напиша дистопискиот роман „Фаренхајт 451“, во кој паметењето на книгите стана силна метафора против тоталитарните режими. Во таа метафора е овековечена и сликата за човекот кој самиот станува книга – затоа што го памети нивниот текст. Затоа што станал жив архив и жива библиотека. Книгите не се загрозени само  аму каде што се палат. Во дистопијата на Бредбери станува јасно дека книгите може да бидат загрозени и кога човештвото (свесно или несвесно) самото ќе ги заборави. Ќе ја заборави силата на поетскиот збор, во чија замена се нуди масовната култура како „седатив“. Интересно е што нечовечкиот режим во „Фаренхајт 451“ ги забранува книгите затоа што сака да го снижи нивото на културата, за потоа тоа ниско ниво да го пропише со закон за сите. Тоа е дистописката слика за погрешно разбраната еднаквост како духовно ропство.

Меѓутоа, истиот резултат може да настане и во модерниот свет на коминукацијата, на брзите информации во кои нема место за поезијата. Книгите „горат“ и во студенилото на невкусот, но најмногу кога ќе се заборави силата на убавиот збор на поетите. Тоа се случува и кога човештвото станува мрзливо самото да памети, затоа што е полесно за него да памети Гугл. Писателот и филозофот Умберто Еко, кој уште во осумдесеттите ги промислуваше модерните медиуми, кусо пред смртта 2016-та напиша писмо до својот внук. Затоа што ги знаеше и ценеше предностите на модерната комуникација, тој ги созна и искушенијата од неа. Колку повеќе „вештачките мозоци“ ќе стануваат нашите единствени „книги”, толку помалку ќе паметат нашите мозоци. За Еко, болеста пред која стои човештвото е „заборавот на паметењето“. Тој верува дека за неа има само еден лек – паметењето на поезијата. „Учи секој ден напамет неколку куси строфи”, го советува својот внук.

Хусто Хорхе Падрон беше поет со големо достоинство. Не само неговата појава, туку и обликот на неговите поеми, сугерираше ренесансна раскош. Тој беше вистински благородник меѓу светски познатите поети кои длабоко се поврзаа со Македонците. Македонија е горда на својот поетски фестивал во Струга, на кој речиси секоја година учествуваше и големиот Хусто. Зошто таа да не биде и земјата, во која ученици како лектира ќе ги учат напамет и незаборавните поеми и песни на Хусто Хорхе Падрон?

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми