1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цаноски: Не се враќам во политика

Костадин Делимитов28 февруари 2015

Објавените аудио снимки на телефонски разговори со премиерот Груевски, кој според Заев бил нарачател и координатор на уривањето на комплексот „Космос“, за бизнисменот Цаноски е потврда-случајот бил политичка пресметка

Фотографија: Petr Stojanovski

Со овој дополнителен доказ, Фијат Цаноски се надева на побрза разрешница на судскиот спор во Стразбур. Во интервју за Дојче веле, тој вели дека и покрај огромните финансиски проблеми нема да се откаже од изградбата на комплексот. Отштета по судски пат ќе бара и во Македонија, но во некое друго време!


ДВ: Господине Цаноски, што значи за Вас објавувањето на документите за случајот Космос. Ви направи ли Заев услуга или контра услуга?

„Како да ви кажам, не е убаво кога ќе се слушнат вакви снимки во секој случај, и за уши и за очи, тоа е многу лошо затоа што сепак се работи за многу големи средства кои што отишле за многу големи инвестиции, така што не ми беше многу лагодно. Дали ќе биде во моја корист или штета? Кај мене штетата е направена уште пред 4 години, пред се‘ финансиска и повеќе од тој аспект не може да се направи. Можам да имам само корист затоа што овие снимки докажуваат дека како бизнисмен и инвеститор сум работел согласно Деталниот и Генералниот урбанистички план и според законите, но сепак се потврди дека ова е политички смислено и политичко рушење. Секако дека ќе имам добивка затоа што овие снимки планирам да ги испратам во Стразбур каде уште пред три години имам поднесено тужба пред Меѓународен суд за човекови права. Мојата апликација е прифатена и сигурно дека ова ќе биде уште поолеснителна околност тој процес и да го добијам. Со ова се докажа дека бевме во право и на анкетната комисија во собранието. Ако се вратите назад ќе видите дека инспекторката која донела решение за уривање беше толку збунета, не знаеше што да зборува. Исто како и директорот на инспекторатот. Уште тогаш беше очигледно дека уривањето е политички, мотивирано од политички причини.

ДВ: Поврзано со вашата активност и поддршка, соработката и со Велија Рамковски?

„Па, едно со друго се‘ е поврзано, сепак и роднинската врска со него и одењето во опозиција, се‘ заедно да, веројатно!

ДВ: Ќе ве мотивира ли ова да покренете постапка и пред домашните судски органи?

„Прво треба да се консултирам со моите адвокати, но мислам дека ова отвора можност за барање на ревизија на сите досегашни пресуди. Веројатно дека би побарал и ревизија на предметите, но во некое друго време, сега не! Се‘ уште ја чекам пресудата од Стразбур, јас сум убеден дека ќе ја добијам, посебно по овие снимки кои како што реков ќе ги доставам до судот. Тужбата е многу голема, се работи за 65 милиони евра отштета кон државата..

ДВ: Огромна сума, очекувате ли да ја добиете?

„Па видете, во целиот случај не се работи само за вложени пари и извршени работи, туку и за загубена добивка. Има многу работи што се направени во што сум инвестирал. Цело ова побарување не сум го направил самиот јас, тоа е проценка на меѓународни проценители, не сум правел ништо лично.

ДВ: Во меѓувреме, дали сте имале одредени контакти со владини претставници или надлежните институции?

„Веќе четврта година како се урна објектот, иако поднесов илјада барања до градоначалникот на Гази Баба да ме прими за одредени работи, досега тој не ме удостоил. Иако, во меѓувреме, по уривањето ги наплатија комуналиите од 5,2 милиони евра за објектот, не сака да не‘ прими да разговараме за какви било работи. Очигледно е дека притисокот се‘ уште постои.

ДВ: Што се случува сега, што правите Вие со објектот?

„Ние се‘ уште уриваме. Затоа што не‘ натераа да рушиме до кота нула и подземје, подземните гаражи, па и темелната плоча. Така што се‘ уште работиме, при крај сме со уривање. Процесот оди многу тешко, се работи за стотици тони бетон и мислам дека за 15- на дена ќе бидеме готови. Понатаму планирам секако да го градам објектот, бидејќи дозволата ми е валидна, таа важи и платени се комуналиите...

ДВ: Освен „Космос“ имате ли проблеми и со останатиот дел од вашиот бизнис?

„За мене како бизнисмен ова влијаеше многу лошо, затоа што сепак се работи за многу големи инвестиции, кредити и тоа се одрази врз се‘ што друго работам, па дури и на универзитетот ФОН каде требаше да напредувам, да градам студентски дом, дополнително да инвестирам. Тоа сега стагнира и секако дека е лошо...

ДВ: Во јавноста имаше шпекулации дека ФОН е со сериозни финансиски проблеми...

„Видете, сепак се работи за штета од десетици милиони евра, но во секој случај ги решаваме проблемите и добро е што успеав да издржам и во овие три ипол, четири години со такви огромни штети. Универзитетот да, имаше доцнење со плати, во некој период и подолго време, но во секој случај ги тераме работите и се обидуваме да ги надминеме проблемите.

ДВ: Планирате ли по една ваква работа да се вратите на политиката, во вашата партија ПЕИ?

„Па да ви кажам, после изборите во 2014 се повлеков од политиката иако се‘ уште функционирам како претседател на партијата. Но ова е така бидејќи во партијата некако се‘ уште им оди тешко да се соберат и да свикаат Конгрес за да се решат овие персонални прашања. Но како и да е, не би се вратил повеќе во политиката. Сакам да бидам понастрана од неа бидејќи таа ми нанесе големи штети!"

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми