1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Царовска: Имаме решенија за подобра иднина за работниците

Костадин Делимитов
29 јули 2017

Поголема минимална плата, засилен надзор, мерки против самоволието на несовесните газди. Со серија мерки, владата ќе ги подобрува условите за работниците, вели во интервју за ДВ министерката за труд , Мила Царовска.

Mazedonien Ministerin für Arbeit und Soziales, Mila Carovska
Фотографија: Ministerium für Arbeit und Soziales, Mazedonien

Состојбата со работничките права во Македонија која во континуитет се влошува ќе се подобри но не може да се промени преку ноќ, вели во интервју за Дојче веле Мила Царовска, министер за труд и социјална политика. Забелешките од страна на невладини европски организации кои предупредуваат од услови на модерно ропство во дел од индустриските гранки во земјава се сериозен аларм итно да се дејствува. Владата, вели Царовска, прави сериозни анализи како да се надминат проблемите и веќе има подготвено решенија за проблемите од типот мизерни плати, лоши работни услови, урнисани работнички права:

ДВ: Г-ѓо Царовска, Македонија добива критики за работните услови во чевларската и текстилната индустрија. Европски организации предупредуваат од очајни услови, па дури и состојби на модерно ропство. Како Вие ја оценувате состојбата во оваа индустрија?

Мила Царовска: „Станува збор за индустриска гранка во која проблемите се таложеле во текот на долг временски период. Од ниски примања, до прекршување на правата на работниците и непочитување на стандарди за заштита при работа. Актуелните мерки на кои работиме ја опфаќаат и оваа категорија работници и се надевам дека набрзо ќе се почувствуваат првите ефекти".

Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Зошто во Македонија веќе подолг период сме сведоци на ваквите состојби во кои властите замижуваат пред проблемите и не нудат ефикасно решение?

„Факт е дека досега овој проблем не бил третиран на соодветно ниво, што за мене е дополнителен мотив да му се осврнеме потемелно и да се обидеме вистински да ги промениме работите. Причините за досегашното занемарување на проблемот можеме само да ги претпоставуваме, но во овој момент, наместо да се занимаваме со пропустите од минатото, повеќе би сакала да се фокусирам на потребата од сериозна анализа на состојбата во чевларската индустрија. Само така би можеле да иницираме соодветни политики за подобрување на состојбата, кои се специфични за оваа гранка, паралелно со генералната политика на владата за заштита на работниците и подобрување на нивниот статус. Целта, во секој случај е да се обезбедат хумани услови за работа на вработените, заштита на правата од работен однос и  пристојна заработувачка  од извршената работа".

Дали како Влада имате план како да се решат состојбите. Како да стави крај на ваквите појави?

„Новата Влада на Република Македонија, во својата програма има утврдено повеќе цели кои се во насока  на подобрување и решавање на низа прашања од интерес за условите за работа и животниот стандард на вработените, вклучувајќи ги вработените од овој сектор. Имено, програмата за работа на Владата, меѓу другото, вклучува и зголемување на минималната плата за сите вработени во државата, со што ќе се бидат опфатени и вработените  од  овој сектор. За ова прашање веќе се преземени конкретни активности со надлежните институции и социјалните партнери и се очекува донесување на Закон за изменување на постојниот закон за минимална плата. Со овој закон се предвидува покачување на минималната плата, како и обезбедување на финансиска поддршка од страна на државата . Важна мерка е и зајакнувањето на надзорите, како и подобрување на законските решенија согласно со европското законодавство, со  кои ќе се подобрат условите за работа на вработените и безбедноста и здравјето при работа".

Фотографија: Ministerium für Arbeit und Soziales, Mazedonien

Во студијата меѓу другото се констатира дека кај работниците владее страв јавно да зборуваат за состојбите. Има ли некој механизам кој би ги охрабрил јавно и гласно да зборуваат за своите права?

„Секако дека во одреден степен во минатиот период беше присутен и стравот кај работниците  од газдите, јавно да зборуваат за состојбите, условите и за тоа како ги остваруваат правата од своето работење во чевларската индустрија. Оваа состојба не може преку ноќ да се смени и за тоа сите сме свесни. Она што може да ја промени ваквата состојба се почестите  надзори кои планираме да ги спроведуваме преку надлежните органи за проверка на доследната примена на постојната законска регулатива од работодавачите од овој сектор. Законската регулатива  овозможува заштита на полето на условите за работа и правата од работен однос и истата дополнително ќе се подобрува согласно со меѓународните стандарди и принципи".

Освен минималната плата, дали размислувате и за некои други механизми од правен аспект кои би ги заштитиле правата на работниците од самоволието на одредени газди?

„Република Македонија има добра законска регулатива за заштита на работниците од ваквите појави, но проблемот е во непочитување на законот од страна на одредени работодавачи и нивното несанкционирање. Ваквата состојба новата Влада значително ќе ја подобри со натамошно унапредување на законската регулатива и нејзина имплементација заради заштита на работникот и ќе  преземе соодветни  мерки за детектирање и санкционирање на непочитувањето на постојната законска регулатива“.

Фотографија: DW/A. Dimitrievska

Колку во справувањето со ваквите појави е потребна координација и со синдикатите. Знаеме дека ретко во која од приватните фабрики има синдикално организирање?

„Социјалниот дијалог може да игра многу важна улога во однос на остварување и подобрување на правата на вработените. Во таа насока, оваа Влада на транспарентен начин ќе го поттикнува и стимулира социјалниот дијалог, како и слободата на синдикалното организирање. Ова веќе може да се забележи со тоа што седниците на Економско социјалниот совет каниме повеќе синдикати и работодавачи, а не само репрезентативните. Покрај тоа, за прашањето на минимална плата се оствари средба со повеќе синдикати и работодавачи. И понатаму ќе продолжи праксата за консултирање и разговарање со синдикатите и работодавачите за сите прашања од интерес на вработените. . Во оваа насока, како и во претходни прилики, и сега би апелирала до работниците да го користат синдикалното организирање, кое е најсилен механизам со кој располагаат во процесот на остварување права“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми