1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Цвета бизнисот на Груевски во Унгарија

ДТЗ
11 мај 2022

Фирмата на експремиерот се најде и на црната листа на САД, но според унгарските медиуми, тоа не го спречува изминативе пет месеци да води успешен бизнис.

Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Унгарската компанија која што неодамна ја основаше поранешниот македонски премиер во бегство, Никола Груевски, според унгарските медиуми бележи значителен раст. За кусо време од само пет месеци, според локалните медиуми, тој успеал да оствари нето добивка од 10.000 евра.

Компанијата беше регистрирана минатата година во село оддалечено 20 километри од Будимпешта. Куќа на улицата Бошкаи број 9 од 14 јули 2021 година е дом на новата фирма на експремиерот - Друштвото со ограничена одговорност И.Ц.И.Ц (I.C.I.C.). Според документите објавени во унгарскиот Централен регистер на фирми, Груевски, при отварањето на фирмата планирал широки бизнис активности во најмалку 10 различни сектори. Главниот фокус на компанијата се деловни консултации, но исто така е лиценцирана и за трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; управување со средства, рекламирање, односи со јавноста и комуникација.

Унгарските медиуми наведуваат дека парите би можеле да бидат поврзани со унгарското Министерство за надворешни работи.Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

„Иако I.C.I.C. функционира само од минатото лето, веќе успеа да стане профитабилна со приходи од 5 милиони форинти (13.000 евра)“, објави унгарската деловна веб-страница mfor.hu. Неговата нето добивка за периодот од средината на јули до крајот на годината изнесува 3,8 милиони форинти (10.000 евра). Тамошните медиуми наведуваат дека парите би можеле да бидат поврзани со унгарското Министерство за надворешни работи. 

На црната листа на САД 

Американското министерство за финансии на 11 април 2022 година ја прошири црната листа, на која се најдоа имињата на поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. На листата се најде и фирмата која што Груевски ја отвори во Унгарија минатата година. Американската влада во образложението за Груевски и за Мијалков наведува дека се одлучила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција. 

Груевски беше осуден во Скопје на две години затвор во 2018 година за недозволена набавка на луксузно возило и на уште седум години за перење пари во април во отсуство, откако побегна во Унгарија во 2018 година. Тој доби азил од владата на Виктор Орбан по забрзана постапка. Против него се водат уште судски постапки во Северна Македонија. 

Министерот за правда, Никола Тупанчевски најави дека се разгледува ново барање за екстрадиција на експремиерот од Унгарија. „Се прави проценка во кој период би требало да се обнови тоа барање заради некој други околности. Има нови процеси, нови пресуди и сето тоа нам ни дава обврска да бидеме внимателни затоа што до сега во неколку наврати барањата беа одбиени“, изјави Тупанчевски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми