1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ägypten Twittern

26 мај 2009

Една СМС порака на група корисници и пораката веќе е на интернет, а оттаму како СМС е проследена на стотици други корисници. Со само неколку клика се стигнува до широка публика. Тоа го овозможува Твитер.

Интернет сервисот, во превод значи едноставно - цвркотење и претставува мала револуција во Ворлд Вајд Веб. Првично беше само едноставна платформа за комуникација, за размена на трачеви. Но, Твитер бргу ја доживеа истата судбина како Блогс, Фејсбук, Мај Спејс енд компани. Софтверот за цвркотење и слобода на мислење е контролиран и ограничен - на пример, во Египет. Таму Твитер, во меѓувреме, стана едно од најважните средства за комуникација на политичката опозиција.

Порака од еден збор и сите веќе знаат

Египет, 10 април 2007 година. „Уапсен“ - тоа беше единствената содржина на СМС пораката која американскиот новинар, Џејмс Бак ја испрати тој ден. Но, благодарение на интернет сервисот Твитер, за само неколку минути таа порака стигна до стотици луѓе. Египетските активисти ги алармираа американските власти и за помалку од 24 часа Џејмс Бак испрати нова СМС порака, во која стоеше - „Слободен“.

„Така е кога во Египет се оди на демонстрации“, вели еден египетски сајбер активист, познат само под неговиот прекар - Сандманки, и додава: „одеднаш владее голем хаос, одеднаш полицијата е тука и почнува да апси.“

Во вакви ситуации е особено важно најбргу што е можно да се информираат што поголем број луѓе, како на пример - адвокати или организации за човекови права. Случајот Џејмс Бак предизвика медиумско внимание насекаде во светот. Вашингтон пост, на пример објави текст со наслов: „Уапсен од страна на египетските власти? Крајно време е за Твитер!“

Египет ионака нема бргу да го заборави април 2007. На шести април опозициони групи повикаа на генерален штрајк, во знак на солидарност со текстилните работници кои штрајкуваа во главниот град на провинцијата Махала. Резултатот ги изненади дури и организаторите - демонстрации имаше во целата земја. Во Махала со денови имаше крвави судири меѓу активистите и полицијата. Притоа, загинаа три лица, а стотици беа повредени. Џејмс Бак, тогаш беше еден од ретките новинари што се пробија до Махала. Неговата СМС порака „уапсен“ е најпознатата СМС порака во историјата на египетската опозиција.

Со Твитер на лице место и во живо

Со Твитер може да се известува релативно едноставно и во времето на случување на настанот. Она што потоа може да се прочита на интернет личи на тикер за вести на телевизија или на коментар во живо на натпревар во фудбал. Работата при известување од лице место, како што вели Сандманки, е многу поедноставна со Твитер. Тој тоа го знае од сопствено искуство: „Текстовите можеш да ги пишуваш на лице место, не мораш да чекаш додека се вратиш дома и додека се вклучиш на интернет.“

За жал, Твитер денес не е веќе она што беше. Ако порано СМС можеше да се испрати од мобилен телефон, и таа порака потоа завршуваше на интернет и оттаму беше пренасочувана на стотици мобилни телефони, денес тоа може да се прави само под определени услови. Причина - секоја СМС чини пари. За фирмата која е сопственик на Твитер, сервисот едноставно беше прескап.

Кажи што имаш со само 140 знаци

Сепак, Твитер се‘ уште ја нема загубено привлечната моќ. Кој има мобилен телефон кој може да се приклучи на интернет, може и натаму да го користи сервисот. Освен тоа, меѓу сајбер активистите сега се шири веста за нов софтвер кој нуди ист сервис како Твитер, само поевтин. И, на крајот, но не и најмалку важно е дека практичната полза од Твитер е само една страна на медалот. Во меѓувреме, ваквата форма на комуникација и самата стана култ. Текстовите се ограничени на 140 знаци и во нив е претставено се‘ во компримирана форма - насилство на некои демонстрации, најнов политички трач или лошото расположение наутро: „Помага во тоа да се биде мрзлив. Наместо на мојот блог да пишувам долг текст, едноставно ќе напишам еден или два „твита“ и точка. Некогаш е навистина предизвик - како ќе кажам се‘ со само 140 знаци? Има друи и луѓе кои се обидуваат да одговорат на предизвикот да пишуваат Твитер-поезија или Твитер-проза.“


Автор: Махмуд Тафвик / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми