1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ во шпага

Петер Штицле27 ноември 2006

Христијанско-демократската унија пред денешниот конгрес во Дрезден е во ножици – таа како партнер во големата коалиција мора да склучува компромиси кои се во извесна спротивност со нејзините програмски определби. Тоа во Дрезден ќе дојде до израз, најмалку преку една од темите.

Фотографија: AP

Раководството на ЦДУ на овој конгрес мора да прави шпага – од една страна да го слави успехот на канцеларката Ангела Меркел, а од друга да извлече заклучок дека некои работи мора да се направат поинаку и притоа да се нема обѕир кон социјалдемократите како партнер во власта. Генералниот секретар на ЦДУ, Роланд Пофала, вели:

”Во Дрезден јасно ќе ставиме до знаење дека ЦДУ има долгорочни концепти, кои ја сочувале својата автентичност и покрај големата коалиција.”

Уште поголем проблем – во времето додека беше опозиција, ЦДУ и Ангела Меркел, предложија насоки толку наклонети кон стопанството, што социјалното крило во партијата беше истуркано на маргините. По речиси загубените избори пред една година, ова крило сега е посакувано. Неговиот претставник, Карл Јозеф Лауман вели:

”Мислам дека секој во ЦДУ знае дека последната изборна програма не беше програма со која можеше да се победи на избори.”

Според Лауман, луѓето се огорчени пред се поради кратењето на помошта за невработени, кое се случуваше уште во времето на Шредер, но со согласност и на ЦДУ. Огранокот на ЦДУ од покраината Северна Рајна Вестфалија затоа предложи постарите работници, кои подолго време уплаќале во фондот за помош на невработени, да добиваат и подолго време ваква помош доколку останат без работа. Тоа ги покрена приврзаниците на крилото на стопанството, во огранокот на ЦДУ во Баден Виртемберг, кои предложија олабавување уште повеќе на условите за добивање отказ од работа. Дури и германскиот претседател, Хорст Келер, минатата недела невообичано јасно изјави:

”Предлогот за степенување на помошта за невработени според должината на времето на уплаќање пари во тој фонд го ослабува принципот на осигурување. Се сомневам дека таков потег би донесол поголема доверба.”

Лидерот на ЦДУ, канцеларката Меркел, во интервју за еден весник му се спротивстави на ваквиот став на претседателот и го поддржа предлогот на огранокот на ЦДУ од Северна Рајна Вестфалија. Сепак, дискусијата за насоките – колку социјална, а колку пријателска кон претпријатијата треба да биде ЦДУ, и натаму ќе се води.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми